Добивај вести на Viber
Доколку се издаде еврообврзница на максималниот износ од 650 милиони евра, тоа би значело нов долг кој би бил околу 15% од износот на вкупниот јавен долг и 22% од надворешниот јавен долг, со состојба на крајот од првиот квартал 2016.
За период од две години: јули 2014 – јули 2016, тоа би било задолжување преку три еврообврзници во износ од 1,4 милијарди евра.
Тоа би значело продолжување на трендот на забрзана динамика на задолжување на државата. Исто така, доколку нема во меѓувреме некое раздолжување, јавниот долг во еден момент би достигнал ниво над 50% од номиналниот БДП. Сето тоа би ја отежнало идната фискална консолидација, т.е. стабилизирањето на јавниот долг. A фискалната консолидација подразбира и намалување на буџетските дефицити (во последните три години реализираните дефицити изнесуваа во просек 3,8% од БДП) преку рационализирање на буџетските трошења, со што би се намалиле и потребите за постојани нови задолжувања.
Приносот што го бараат странските инвеститори од македонските еврообврзници е на релативно високо ниво. Петгодишна државна германска обврзница во ноември 2015 носеше негативен ефективен принос од -0,142%, додека македонската еврообврзница издадена во тој период носеше ефективен принос од 5,125%, што значи спред (или премија за ризик) од 5,267 процентни поени, што во ерата на многу ниски каматни стапки е значителен принос.
Во однос на долгорочната одржливост на фискалната политика, ако се појде од следните две претпоставки: 3% буџетски дефицит и 50% ниво на долгот во однос на номиналниот БДП, тогаш, за да се стабилизира тоа ниво на долг, т.е. да се сервисира долгот а да не расте задолженоста на државата, потребно е да се остварува реална стапка на раст на БДП од 5,5% перманентно (при претпоставена инфлација од дури 3%!). Доколку се сака долгот да се одржува на ниво од сегашните 45%, тогаш би било потребно да се остварува стапка на раст на реалниот БДП од 6,2% долгорочно.
Ова покажува дека доколку отсуствува фискална консолидација и продолжи истиот профил на фискална политика, економијата ќе мора да генерира многу висок економски раст за да може да се одржува стабилна фискална позиција на државата.