СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ ОСТАНУВА ВО ЗЕЛС: Костадинов не дојде на средба со Ѓорѓиевски
Објавено во: Македонија 28 Октомври, 2024
Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски останува во ЗЕЛС, а струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов не дојде на средбата со претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
„ЗЕЛС е обединет, ќе посредуваме помеѓу Карпош, Струмица и централната власт. ЗЕЛС не е тој што предизвикува кризи, ЗЕЛС ги надминува кризите. Драго ми е што колегата Јакимовски останува во ЗЕЛС, а се надевам на скора средба и со Костадинов, како најгласен против заедницата“, изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски по средбата со Јакимовски по најавите дека две општини ќе ја напуштат организацијата на локални самоуправи.
Ѓорѓиевски објасни дека секогаш имало несогласувања помеѓу одреден градоначалник и министер, но логично е дека кога се работи ќе постојат и такви несогласувања.
ЗЕЛС во текот на наредните денови ќе направи обиди за организирање средби помеѓу гореспоменатите градоначалници и претставниците на централната власт.
Претходно, Општина Струмица кажа дека се откажува од членството во ЗЕЛС. Костадинов рече дека тоа го прават во знак на револт поради лошиот однос кон Струмица за проблемот со водата. Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски изјави пак, дека доколку побарале помош ќе ја добиеле.