08 Октомври, 2024
0.0264

Стево Карапанџа во Македонија: Не разбирам зошто се кријат рецепти

Објавено во: Стил 14 Октомври, 2018

Добивај вести на Viber

Една од најголемите готвачки ѕвезди на третиот Меѓународен гастрономски натпревар „Гастромак Македонија 2018“ е познатиот готвач Стево Карапанџа. Повозрасните го паметат од некогашната кулинарска емисија „Мали тајни на големите мајстори на кујната“, што се прикажуваше во поранешна Југославија и беше едно од првите шоуа од таков вид. Карапанџа во Струмица е вторпат. Тој е во една од жири-комисиите што ги оценуваат натпреварувачите

Вторпат сте во Струмица, на оваа манифестација, Вашите впечатоци? - Многу е убаво. Уште поубаво е организирано, благодарение на овој прекрасен простор тука во овој хотел и како што гледате и единствен проблем е што имаме многу кандидати. Тоа е многу позитивно. Дури кога ги затворивме листите имаше интерес да се пријавуваат, како што е вообичаено кај нас на Балканот да се пријават во последен момент. Тука гледам полно млади луѓе, многу училишта, што е секако добро за некаква иднина на гастрономијата и само готвачите да не ни бегаат надвор во белиот свет, туку да останат тука и тука да го презентираат своето знаење. 

Во едно минато време се емитуваше емисијата „Малите тајни на големите мајстори на кујната“. Кои се малите, а кои се големите тајни на мајсторите на кујната? 

- Јас никогаш ништо не криев. Јас секогаш го покажувам тоа што го работам и што го знам и што сум им го пренел не само на младите, туку и денес кога луѓето ме прашуваат секогаш искрено им одговарам. Им го кажувам секој рецепт и ништо не кријам, бидејќи нема потреба од такво нешто. Некогаш имаше некои рецепти што не се кажуваа. Јас памтам кога бев млад во мојот крај рецептот за познатата салама „гавриловиќ“ дека го знаат само двајца или тројца. Јас се прашував што знае едниот, што другиот, а што третиот. Но, потоа дознав дека тајната е во одгледувањето на свињите, кои фабриката ги купувала од кооперантите и тие не смееле да бидат потешки од 90 килограми. Но, денес е се подруго и којзнае од каде се набавуваат. 

Но, сепак има некои тајни што не се кажуваат? 

- Има некои тајни кај некои напивки, кај некои ликери. На пример, во Франција, каде што некои калуѓери подготвуваат некакви ликери на база на тревки и потоа кажуваат дека сите берат тревки, а само тројца или четворица го знаат рецептот. И доколку некој умре, тогаш некој друг го наследува. Тоа се приказни, а дали тоа е вистина јас не знам, ха ха (се смее). 

Што работи денес Стево Карапанџа? - Еве денес сум тука во Струмица и сум шеф на една од жири-комисиите. Инаку, сум во пензија. Живеам во Ловран, кај Опатија. Се уште работам - одам по тие светски изложби и натпревари, со оглед дека ја имам лиценцата од Меѓународното здружение на готвачи. Многу патувам. Вршам консултации. Луѓето ме покануваат и ме прашуваат, бараат совети. Јас ги прифаќам, но главно уживам во животот.