СТИПЕНДИИ ВО ВИСИНА ОД 2.500 ДОЛАРИ, ИЗУЧУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ВО ТИРАНА, ПРАКСА ВО СТРАНСТВО: А, кои се следните приоритети на ректорката на УКИМ, проф.д-р Билјана Ангелова
Објавено во: Интервјуа 25 Декември, 2023
Повторното отворање на Лекторатот по
македонски јазик на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана е
од исклучително значење за ректорката на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“,
проф. д-р. Билјана Ангелова. Во тек се процеси на одредување на статусот на
предметот македонски јазик, појаснува таа во денешното интервју за Фактор,
нагласувајќи дека наставата по македонски јазик ќе започне во вториот, летниот
семестар.
Во текот на утрешниот ден на 60 студенти свечено ќе им бидат доделени стипендии од Фондацијата Атанас Близнакоф која се наоѓа во САД во висина од 2.500 долари. Стипендирањето на студенти на УКИМ, пред се на оние со понизок материјален статус, нагласува ректорката Ангелова, е со цел да се обезбеди пристап до високо образование на студентите од сите социјални слоеви.
Ова се дел од приоритетите на втората жена ректор на УКИМ, проф. д-р Билјана Ангелова која во денешното интервју говори за она што досега е реализирано и за идните планови на нашата најуспешна високообразова институција.
Во целокупната историја на нашиот најстар и најуспешен Универзитет, „Свети Кирил и Методиј“, вие сте втора жена која е на позицијата ректор. Како поминаа првите 100 дена, кои ви се приоритетите кои сакате да ги реализирате?
Проф. д-р. Билјана Ангелова: Должноста ректор на најголемиот, најстар и државотворен универзитет, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ја презедов од неодамна, почнувајќи од 15 Септември о.г. Претходно, во два последователни мандати ја извршував функцијата проректор за финансии, инвестиции и развој на УКИМ, во периодот од септември 2016 до септември 2023 година. Оваа позиција ми овозможи длабоко да навлезам во сите области на делување на нашиот Универзитет, така што стапувајќи на позицијата ректор, се соочив со предизвици кои веќе ми беа добро познати, но се разбира, позицијата на која стапив носи многу поголеми оврски, одговорности и предизвици. Визијата за развој на Универзитетот, во услови на динамични промени бараат целосна посветеност и макотрпна работа со цел успешно да се справиме со постојните и новите предизвици но и да делуваме проактивно во насока на постигнување на зацртаните цели. Приоритетите кои се зацртани во мојата агенда произлегуваат од визијата за развој на Универзитетот а тоа е УКИМ да прерасне во отворен Универзитет со европски вредности и видлив на меѓународниот високо-образовен и научноистражувачки простор. Основните приоритети на кои ќе се темели идниот развој се: дигитализацијата, интернационализација и воведување на систем за управување со квалитет во високото образование. Во изминативе неколку месеци со мојот тим и со тимови формирани од професорите на УКИМ, интензивно работиме на овие три големи приоритети. Во делот на интернационализацијата интензивно работиме во конзорциум со уште осум други реномирани европски универзитети на конфигурирање на Алијанса – ACROSS EU, која треба да претставува единствена платформа на сите универзитети од нашиот конзорциум и која ќе функционира како мулти-кампус во кој трите круцијални активности: наставата и науката, развојот на иновациите и технолошкиот трансфер и општествениот импакт ќе треба да се постават така што ќе дадат одговор на неколку важни глобални предизвици а тоа се: дигитализацијата, зелената транзиција, вештачката интелигенција, инклузија, Европска демократија и наука за општество и неколку стратешки приоритети на ОН (SDG). Во текот на наредната 2024 година ќе го имаме и финалниот резултат, со оглед на тоа што со овој проект конкурираме на повикот на Европската комисија за формирање на универзитетски алијанси, во согласност со Европската стратегија за високо образование „Универзитети без ѕидови“. Поврзано со интернационализацијата која е верижна активност која се однесува на сите круцијални процеси на Универзитетот а тоа се наставата науката и меѓународната соработка, е и воспоставување на Проектна канцеларија за поддршка на единиците во делот на аплицирањето на меѓународните проекти. Вториот приоритет е дигитализацијата на која се работи и со која стартуваме од јануари а се однесува на дигитализација на студентските сервиси и на сите останати интерни процеси на Универзитетот и единиците. И третиот приоритет е воведување на систем на управување со квалитет во наставата и науката преку формирање на Совет за квалитет согласно постојниот Закон за високо образование. Целта на обезбедувањето квалитет е изградба на механизми за унапредување на квалитетот и постигнување на највисоките нивоа во високообразовната, научноистражувачката и уметничката дејност како и во стручните и административни активности на Универзитетот. Системот се имплементира преку насоките и стандардите утврдени од Европската Агенција за квалитет во високото образование, со што ќе се воведе синхронизиран систем на следење на квалитетот на сите едници на Универзитетот. Во овој систем ќе бидат вклучени студентите, наставниот и научниот кадар, соработниците, стручните и административни служби и помошно-техничкиот персонал, односно, вработените на Универзитетот и единиците како и државни институции, институции од локално ниво, правни и физички лица поврзани со дејностите на Универзитетот.
За прв пат УКИМ годинава доделува стипендии, 60 студенти свечено ќе ги добијат на 26. декември. Може ли подетално да ни кажете за какви стипендии станува збор и кои се условите по кои може нашите идни академски граѓани да аплицираат?
Проф. д-р. Билјана Ангелова: УКИМ има неколку фондации чија намена е стипендирање на студенти на УКИМ, пред се на оние со понизок материјален статус, со цел да се обезбеди пристап до високо образование на студентите од сите социјални слоеви. Се работи за Фондацијата Атанас Близнакоф која се наоѓа во САД и од која согласно тестаментот на завештател исплаќаме 58 стипендии за оваа учебна година за студенти на УКИМ во висина од 2.500 американски долариво денарска противвредност за период од една академска година или за 10 месеци годишно и 76 стипендии кои се продолжување од минатата година во истиот износ и за ист период од 10 месеци годишно. Паралелно УКИМ дава и стипендии на студенти на Филолошкиот факултет преку Фондацијата „Константин Стојанов“ за студенти кои според Статутот на Фондацијата студираат француски јазик, во вредност од 2.000 евра годишно во денарска противвредност. Оваа фондација на УКИМ која е основана во Франција, успеавме да ја активираме пред неколку месеци и од овој семестар доделивме 20 стипендии на Филолошкиот факултет за сите три циклуси на студенти кои го изучуваат францускиот јазик. Паралелно УКИМ традиционално дава стипендии и од други фондации како Франк Манинг, но и од сопствени извори за најдобрите студенти на УКИМ.
Она што е голем предизвик е секако изучување на македонскиот јазик во Тирана, како ќе се реализира оваа програма, има ли веќе студенти кои се пријавени?
Проф. д-р. Билјана Ангелова: Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и кулутура при УКИМ во Скопје, за мене како ректор на Универзитетот има исклучително значење и спаѓа во врвни програмски и суштински приоритети.
Неслучајно најреномираниот Универзитет, со гордост го носи името на патроните „Св. Кирил и Методиј“, бидејќи творците на Словенската писменост се врвна епохална вредност на сесловенскиот свет, а воедно се репрезент на наука и просветителска мисија која УКИМ ја развива студиозно повеќе од седум децении. Во таа мисија е вграден влогот на великанот Блаже Конески и цела плејада филолози, македонисти, слависти, лектори, семинаристи и студенти кои развиваат грандиозна мисија во земјава и во светот, повеќе од седум децении.
Затоа дејноста на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје е не само приоритет на програмските определби кои ги застапувам и поттикнувам како ректор, туку и на сиот УКИМ, а воедно имаат висок државен, општествен, национален, високообразовен и културен интерес каде приоритет е афирмација на македонистиката. Сметам дека само со вклучување и поддршка на сите релевантни инсититуции и фактори во земјава и во странство, може да се постигнат конкретни и значајни резултати како што е на пример повторното отворање на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана.
Во тек се процеси на одредување на статусот на предметот македонски јазик. Наставата по македонски јазик ќе започне во вториот, летниот семестар. На иницијатива на директорката на Меѓународниот семинар проф. д-р Кристина Николовска, во знак на промотивна афирмација на македонскиот јазик, Лекторатот, покрај редовната настава ќе овозможи и бесплатни онлајн часови по македонски јазик за почетно ниво за заинтересираните студенти од целиот Универзитет во Тирана. Лекторати по македонски јазик има во неколку универзитетски центри во светот. Освен во Албанија, лекторати има во Кина, Русија, Турција, Полска, Романија, Унгарија, Франција, Хрватска, како и во други земји.
За успеси во овој домен, за развој на лекторатите по македонистика во светот, но и за севкупното дејствување на Меѓународниот семинар при УКИМ е потребна долгорочна стратегија, поставени цели и јасна визија која ја препознавам во посветената и одговорна дејност и професионалните капацитети на новоизбраната директорка на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска која понуди нов високоосмилен концепт со јасна визија, со нови модели и технологија на работа, преку иницијативност, проактивност и отворена соработка. Верувам дека поддршката од УКИМ на МСМЈЛК при УКИМ и начинот на развивање на дејноста ќе резултира со значајни резултати. Но за тоа, секако е потребна соодветна институционална поддршка која подразбира долгорчна стратегија за развој на македонистиката кај нас и во светот.
Праксата е секако една од најважните работи за студентите кои уште за време на изучувањето на одредена област се подготувааат да бидат конкуретни на пазарот на трудот. Каде УКИМ на своите студенти им овозможува студентска пракса и како ќе може студентите да се пријавуваат?
Проф. д-р. Билјана Ангелова: На барање на приватниот сектор од земјава и странство почнуваме поинтензивно да го применуваме платеното практикантсво на студентите во земјава и странство. За таа цел која е во основа на нашата мисија, потребно е воспоставување на рамнотежата меѓу академското занење, практичното know-how и меките вештини (soft skills) кои мора да бидат специфично поставени за секоја образовна програма зависно од: научното подрачје, таргетираните компетенции, таргетираните работни места, социо-економското окружување, и.т.н. Токму и ориентацијата кон вработливост, може да претставува и еден од клучните фактори за диференцијација на нашиот универзитетот во однос на останатите универзитети во земјава. Практичната настава е одамна воспоставен процес за сите факултети на УКИМ. Таа пракса само ја прошируваме и ја продлабочуваме. Она што го отпочнавме од оваа година е платена пракса на нашите студенти во странски компании надвор од земјава. Во фаза сме на потпишување на Меморандуми за соработка за практична настава на нашите студенти во фабриките на КИА моторс во Словачка, а барања има и од други автомобилски гиганти кои се глобални брендови.
Каква е соработката со нашите компании, се отвора ли УКИМ кон бизнис заедницата?
Проф. д-р. Билјана Ангелова: Соработката со бизнис секторот е третиот сегмент на делување на Универзитетот покрај наставата и науката. Развојот на иновации и технолошкиот трансфер кон стопанството е сегмент кој мора да го развиваме се повеќе. УКИМ е универзитет ориентиран кон истражувања, а резултат на тие истражувања се иновации кои можат да се комерцијализираат и патентираат. На УКИМ постојат над 200 акредитирани лаборатории и експерти во сите научни подрачја што ни дава за право како најголема и најдобра академска заедница да ги ставиме во функција овие капацитети и да ја зајакнеме соработката со приватниот сектор. Оваа соработка ќе се базира на комбинирање на капацитетите на двете страни со цел да се создава успешен трансфер на нови технологии и истражувања во праксата што е од полза на секој поединец на општествената заедница.
Веќе е излезен вашиот ревизорски извештај, што би издвоиле од овој документ?
Проф. д-р. Билјана Ангелова: Во периодот од 16.3.2023 до 19.7.2023 година од страна на ДЗР беше направена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2022 година. Ревизијата беше извршена на сите сметки на Универзитетот (сопствените и буџетските). Извештајот е веќе официјален и е прикачен на web старната на ДЗР. Според мислењето на ДЗР финансиските извештаи на УКИМ вистинито и објективно ја прикажуваат финансиската состојба во сите материјални аспекти. Исто така финансиските трансакции и информации рефлектирани во финансиските извештаи на УКИМ за 2022 год. во сите материјални аспекти се во согласност со релевантната законска регулатива. Од овој ревизорски извештај може да се утврди дека УКИМ работи транспарентно, целосно усогласено со законската регулатива и финансиски отчетно. Она што е значајно за нас но и за институциите, со оглед натоа што УКИМ е државен Универзитет е тоа што, констатирани се и одредени системски слабости на трезорското работење, што е рефлексија на непочитување на Универзитетската автономија од страна на надлежните институции. За овој проблем постојано зборуваме и алармираме до сите надлежни институции бидејќи со таквиот однос ја отежнуваат работата на УКИМ, а воедно ја нарушуваат и неговата автономија. Автономијата која ни е дадена со Устав и Закон е право кое може да се остварува доколку надлежните институции истото и го почитуваат и применуваат. Во Извештајот на ДЗР е нотирана препорака за спроведување на автономијата од страна на надлежните министерства – Министерството за финансии и Министерството за образование и согласно проекциите на УКИМ да вршат пореално согледување на потребите и да ги предвидуваат потребните средства на соодветните позиции со што ќе се обезбеди континуитет во функционирањето на УКИМ и единиците во негов состав, ке се избегнат дополнителни трошоци и ќе се овозможи целосна реализација на планираните активности, односно финансиската автономија за која постојано истакнуваме дека со таквиот пристап е нарушена и значително ја отежнува работата на Универзитетот. По овој позитивен извештај ќе следи и во тек е ревизја на успешноста на УКИМ.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.