Добивај вести на Viber
Салдото на странските директни инвестиции во првите пет месеци од годинава изнесува 141,3 милиони евра. Споредено со истиот период лани, годинава има пораст од 49 милиони евра. Од Советот на странските инвеститори при Стопанската комора на Македонија велат дека според анкетата што ја спровеле во периодот март/април 2016 година помеѓу странските инвеститори во Македонија членки на Советот, дури 84% од испитаниците би инвестирале повторно во земјата.
Владината политика за привлекување на странски инвестиции нуди низа даночни, царински и комунални ослободувања за странските бизнисмени, како и субвенции од државата. Домашните бизнисмени реагираат дека дека Владата не го поттикнува домашниот бизнис и ги дискриминира македонските бизнисмени во однос на странските.
„Домашните компании не се рамноправни во процесот на правење бизнис, бидејќи Владата не е ориентирана да го потомогне домашниот деловен потенцијал за да тој биде во поконкурентен во меѓународниот пазар но ниту ги овозможува истите правни поволности како за меѓунардните компании. Субвенциите кои им се даваат на странските инвеститори во ТИРЗ-овите но не само таму, се далеку подобри од сите други владини мерки кој што ги опфаќаат домашните компании. Една од придобивките на која Владата посочува е зголемување на извозот, и за таа цел СДИ ги добиваат субвенциите, но ние поставуваме прашање “дали ако домашните компании би ја добиле тие субвенции кои што досега се дадени, немаше да се постигне истиот ефект?“, вели Фатмир Битиќи од Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Но и покрај државните субвенции и низата ослободувања, компаниите во слободнита зоните даваат пониски плати од домашните компании. Домашните бизнисмени реагираат со ваква политика Владата свесно поддржува правила на игра во која има експлоатација на работната сила и креирање на сиромашна класа на луѓе.
„Бенефициите од тоа што се јавно достапни се преголеми и истите паѓаат на товар на домашните компании или поконкретно буџетската каса, која не добива ни денар од странските инвеститори туку само се испразнува со нивно доаѓање. Дека тие плаќаат ниски плати тоа е очекувано, бидјеќи нашата промоција во роуд шоата низ цел свет беа дека имаме 0% даноци во зоните, ефтина работна сила. Со ваква политика Владата свесно поддржува правила на игра во која ќе имате експлоатација на работната сила и креирање на сиромашна класа на луѓе. Тоа што е чудно, е како може со наши средства да поттикнуваме мерки со кои знаеме дека нема да го подобрат животниот стандард, туку напротив ќе креираат социјални проблеми. Секако ова е возможно ако приоритет ви се високи партиски интереси а не интереси на државата и на луѓето кои живеат овде“, вели Битиќи.
Колкави плати даваат странските инвеститори?
Од Советот на инвеститори при СКМ, велат дека субвенциите кои ги добиваат странските инвеститори се пропишани со Законот за технолошки индустриски развојни зони. Во врска со висината на платите велат дека просечната бруто плата по вработен во ТИРЗ не отстапува значајно од просечната плата во Македонија.
„Разликите произлегуваат кога се споредуваат различни видови на занимања, задачи и одговорности помеѓу вработени во една компанија. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека просечната нето плата надвор од ТИРЗ, доколку се земат предвид секторите кои се присутни во зоните, изнесува 17.555 денари (со вклучени трошоци за храна и превоз). Просечната нето плата исплатена на вработените во истите сектори, но пресметана за компаниите кои работат во зоните изнесува 16.143 денари (без трошоците за храна и превоз). Притоа, важно е да се истакне дека повеќето компании активни во ТИРЗ организираат автобуски превоз за вработените и обезбедуваат оброк во текот на работното време. Отстапувањето во платите е минимално. Работниците се исплаќаат редовно и согласно законски прописи“,велат за Фактор од Советот на инвеститори.
Пред две години извршниот директор на германската компанија „ОДВ Електроник“ во Македонија Огнен Цубалески изјави дека не може да се очекуваат германски плати во македонски услови. Конкретно за „ОДВ Електроник“ тогаш изјави дека платите што ќе ги нудат се малку повисоки од македонскиот просек, но не можат да се очекуваат германски плати во македонски услови.
„Една од колешките која ќе почне да работи, неколку години работела 13 часа на ден, не добива одмор и боледување и прима 8000 денари плата. Таа ќе почне да работи кај нас со 40 часа работно време и ќе има 200 евра плата. Платите се квалитетни и се она што оди со нив, со почитување на сите права и обврски од страна на вработените и работодавачот“,
изјави Цубалески во октомври 2014 година.
Исто пред две години и генералниот директор на фабриката на „Маркарт“ во Велес Волфганг Аихер, изјави дека вработените ќе имаат плати во согласност со стандардот во Македонија и дека треба да бидеме свесни оти не можат да даваат европски плати.
„Мора да се соочиме со фактот дека не сме тука бидејќи сакаме да даваме европски или германски плати, туку затоа што сме задоволни со платите во земјава. Ќе имаме редовни и законски плати како и другите компании што веќе инвестирале во Македонија“,
изјави во септември 2014, Аихер.
Едно од истражувањата на Центарот за економски анализи покажа дека едно работно место во зоните во периодот од 2007 до 2014 години ја чини државата 21.000 евра. Истото истражување покажува дека седум странски компании кои работат во зоните за седум години добиле вкупна државна помош од 56 милиони евра. Според податоците од последниот извештај на Комисијата за заштита на конкуренција, меѓу 13-те странски компании кои лани добиле државна помош се Џонсон Мети, Ки Сејфти Систем, Техникал Текстајлс, Гентерм, Макдиа, Кранфилд Фаундри, Леар Цорпоратион, ОДВ Електорникс, Вистеон Електороникс, Јуроп Шок Абсорберс, М Скуаре Балкан Лимитед, Кондево МК Скопје. Инаку државна помош се доделувала преку кабинетите на министрите без ресор, Бил Павлески, Веле Самак и Џери Наумов, ТИРЗ со која раководи Виктор Мизо, и преку Агенцијата за странски инвестиции и прпмоција на извозот.
Моделот за привлекување на странски директни инвестиции почна во 2007 година. Клучните адути на Владата за ваквиот модел беа зголемување на извозо, на вработеноста и развој на економијата. Од домашниот бизнис сектор коментираат дека овој модел за привлекување на странски директни инвестиции не ги дал очекуваните резултати.
„Резултатите од нив можеме да ги видиме само низ статистички бројки, во кои покажуваат подобрен трговски биланс, и зголемување на бројот на вработени (иако и ова е дискутабилно, особено ако го земеме фактот дека доста од вработувањата се превеземања, а малку е нова работна сила), додека пак екомскиот раст е многу далеку од очекувањата. Во животниот стандард или во куповната моќ на граѓаните овие фамозни промовирани инвеститори се минорно забележителни. Очекувањата секако дека не се исполнети, дека ќе имаме странски инвестиции годишно од околу 600 милиони евра, туку од започнувањето на овие политики ние немаме просечно ниво на инвестиции годишно повеќе од 200 милиони евра што е само една третина од ветеното“, вели Битиќи.
Т.С