Струмички трговец со електрична енергија добил раскин на договорот од МЕПСО, се „сопнал“ во кризата
Објавено во: Економија 01 Септември, 2022
Фирма „специјализирана“ за покривање на загуби во електропреносната мрежа Енерџи Винд Струмица добила раскин на договорот од операторот на системот за пренос МЕПСО во текот на енергетската криза минатата година откако не успеала да ги исполни своите обврски, а претходно приходите што ги остварувала преку оваа дејност биле милионски.
„Поради неисполнување на договорните обврски, договорот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите со Енерџи Уинд Доо Струмица беше раскинат и Енерџи Уинд Доо Струмица не ги испорача планираните и договорените количини на електрична енергија за покривање на загубите за месец август 2021. Од тие причини АД МЕПСО спроведе постапка за набавка на потребните количини за покривање на загубите на електрична енергија за месеците октомври и ноември 2021 за кои требаше да набавува загуби од Енерџи Уинд Доо Струмица“, објаснува МЕСПО во извештајот за своето работење за 2021.
Чудно е тоа како МЕПСО се потпирал главно на услугите на оваа домашна фирма, ако се знае дека нема капацитет да ги испорача договорените и планираните количини на електрична енергија. МЕПСО Оваа фирма ланскиот август не успеала да испорача ниту еден мегават електрична енергија, а претходните месеци успеала да фактурира 332.000 евра од МЕПСО. Поради ова, МЕПСО во понатамошниот тек на кризата се потпрел на услугите на странските снабдувачи како ЕДС и ГЕН-И.
За оваа специјалност Енерџи Винд на МЕПСО една година претходно - во 2020 успеал да му наплати 4.433.000 евра, а имало и месеци кога како единствен снабдувач ја вршел дејноста. Лани Енерџи Винд во текот на кризата со поскапувањето на електричната енергија се најде на тапет кај Регулаторната комисија за енергетика, но барем во јавноста немаше разврска на овој случај.
Опозицијата за оваа фирма во 2017 реагираше дека Митко Кузмановски, сопругот на поранешната пратеничка Катерина Кузмановска влегол како нејзин сопственик на местото на бугарски фирми кои биле регистрирани на нивната домашна адреса.
По преземање на фирмата од Митко Кузмановски приходите изнесувале 367.693.367 денари или над 6 милиони евра во 2017 и 760.642.559 денари, односно над 12 милиони евра во 2018.
А.К.