Студено во ноември и потопло во декември
Објавено во: Македонија 02 Ноември, 2016
Во ноември ќе имаме постудено време и помалку врнежи, а во последниот месец од годината се очекуваат температури повисоки од просечните.
Ова го соопштуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Од 14 до 20 ноември следува период со просечни врнежи и со температури кои ќе имаат благо позитивно отстапување во однос на просекот. Во следната декада од месецот се предвидува потопло време со средни температури за 1 до 3 степени над просечните и со врнежи кои ќе бидат во границите на просекот, додаваат од УХМР.
Според долгорочните прогностички материјали од Европскиот центар за среднорочна прогноза за времето и Виртуелниот центар за климатски промени за Југоисточна Европа (SEEVCCC), а врз основа на стручните анализи и методи кои се применуваат во Секторот за метеорологија при УХМР, за декември се предвидува дека месецот ќе биде потопол од досегашниот многугодишен просек. Сепак, врнежите нема да отстапуваат од многугодишниот просек.
Во декември на територија на Македонија треба да очекуваме повисока температура од просечната, но ова отстапување нема да биде многу големо, 1˚С до 2˚С во западна и југозападна Македонија, а во централна, источна и југоисточна Македонија можно е отстапувањето да достигне и до 3˚С.