Студентски домови од соништата-реалност или фикција?!
Објавено во: Македонија 09 Април, 2014
“Ќе направиме праведна распределба на државните стипендии и за таа намена ќе алоцираме повеќе средства. Стипендиите ќе се доделуваат по два основи и тоа: успехот и социо-економските показатели за лицата со инвалидитет,лица од сиромашни семејства , маргинализирани групи, деца на бранители. Висината на стипендиите ќе зависи од тоа во која од трите групи или категории влегува студентот-редовни студенти кои живеат и студираат во својот град, редовни студенти кои живеат во студентски домови и редовни студенти потстанари. Ќе воведеме државна квота за бесплатно студирање на најдобрите матуранти”-се вели во програмата на СДСМ.Од таму најавуваат дека секој студент ќе добие електронска картичка за студентски поволности, бесплатен јавен градски превоз и попусти за исхрана, концерти, театар и спортски настани.Студентските организации ќе водат база за студентски вработувања и база за домувања, каде активно ќе се вклучат во подршка на студентите и нивните потреби. Студентските организации ќе бидат вмрежени и опремени со модерна технологија. Владата ќе стимулира создавање на студентски портал. Студентски град и нови студентски домови Откако домашната и меѓународната јавност преку фотографии кои излегоа директно од “кујната” на студентските домови, видоа во какви мизерни услови живеат македонските студенти, политичките партии одвоија и дел од својата програма фокусиран директно на подобрување на условите за домување на идните интелектуалци. Од опозициската СДСМ во својата изборна програма “Промени за нов почеток”, ветува дека ќе ги модернизира постојните студентски домови, ќе гради сукцесивно и домови во градовите каде се матичните седишта на државните универзитети.
“Во Скопје ќе изградиме студентски град, како што доликува на голем универзитетски центар. Со ова вкупниот број на студентски легла ќе се зголеми и нема да има можност и простор за дискриминаторска селекција. Покрај тое ќе се воведе и бесплатен јавен превоз и и попусти за меѓуградски превоз. Во текот на целата академска година студентите ќе можат бесплатно да го користат постојниот јавен градски превоз. Дополнително, студентите кои студираат во други градови во државата ќе добијата картички за попуст при користење на меѓуградскиот превоз. Ова ќе биде значително олеснување за студентите и нивните родители, и е по теркот на развиените европски земји “-потенцираат од СДСМ во својата програма.ВМРО-ДПМНЕ-Македонија земја на знаење! Образованието е највредната инвестиција во животот! Тоа е влог во сопствениот успех, но и влог во иднината на земјата-се вели во програмата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ “Проверено”. Во делот посветен на образованиетоВМРО – ДПМНЕ нуди безрезервна поддршка и еднакви образовни можности за сите граѓани, современ и конкурентен образовен систем за кој оваа година во буџетот се издвоени 22,4 милијарди денари или зголемување за 67% во однос на 2006-тата. И тие ветуваат градежни офанзиви и нови студентски домови по теркот на европските, кои значително треба да го подобрат домувањето и живеењето во нив.
“Ќе продолжиме со изградба и реконструкција на капацитетите за сместување на студентите. Досега целосно еобновен дел од студентскиот комплекс Стив Наумов – со изградба на 8 - комплетно нови павилјони за сместување на студенти на местото на старите бараки и реконструирани се двете машки згради. Во периодот што следи, планирано е комплетно реновирање на студентскиот дом Гоце Делчев – Скопје. Реновирањето на овој дом ке биде во фази со целосно завршување во 2016 година и со предвиден буџет од 400-500 милиони денари”-се вели во програмата на ВМРО-ДПМНЕ .Од оваа партија најавуваат дека ќе продолжат да инвестираат во унапредување на инфраструктурните услови на високо образовните установи. Во следниот период ќе изградат нови објекти – факултети за потребите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и Факултетот за физичка култура при Универзитетот „Кирил и Методиј“ - Скопје. Во делот за високото образование и понатаму активностите ќе бидат насочени кон усогласување на високообразовниот систем со потребните на пазарот на трудот. “Ќе го намалиме времето за премин од образование на работа, преку создавање на кадри коишто му се потребни на општеството. Ќе продолжи отворањето на нови високо образовни установи, нови студиски насоки и програми, дисперзирани студии, надградба и проширување на системот за стипендирање, зголемување на пристапот до современа литература од која се учи на најпознатите и најреномираните универзитети во светот, надградба на вештините и компетенциите на студентите преку воведување на реална практична настава, зголемување на можностите за личен и професионален развој на наставно-научниот кадар и инвестирање во унапредување на инфраструктурните услови на високо образовните установи”-пишува во програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, успешни држави и општества се оние кои се базирани на знаење, инвентивност и иновативност, претпримништво и научни достигнувања. Затоа според она што стои во изборната програма, ќе продолжат инвестициите во науката, преку уште поголема поддршка на научно-истражувачкиот кадар и вреднување на трудот преку доделување средства за научно-истражувачки проекти, научни и творечки субвенции, пристап до средствата на Фондот за иновации и технолошки развој, достапност на лабораториите инсталирани на високо образовните и јавните научни установи. Во партиската програма се вели дека студентите ќе имаат можност да учат од истата литература од која учат и нивните врсници на врвните светки универзитети. Набавената и преведена стручна литература ќе одговара на студиската програма на секој факултет. Министерството за образование и наука, пишува во програмата, ќе има задолжителна обврска да преведе најмалку 50 книги од првите 10 највисоко рангирани универзитети според Шангајската листа.Меѓу ветувањата стои дека Владата ќе го утврдува бројот на квоти на студенти ослободени од плаќање на уписнина на докторски и магистерски студии и специјализации кои ќе се доделуваат на годишно ниво. Обврската за исплата на уписнината на студентите во рамките на државните квоти ќе биде на факултетите. Веќе видено-веќе чуено-што реално ќе се направи?! Серијата ветувања, дел реални, а дел премногу добри за да бидат вистинити, според дел од студентските организации, дури и кога не би биле реализирани во целост, вака како што се поставени како ветувања, значително би го подобриле студентскиот стандард, живеење и школување.
“Според мене делот на програмата на СДСМ која се однесува на студентите и нивниот стандард повеќе пати сме го чуле од повеќе политички партии и истиот е реален и потребен за студентите, прашање е на желба колку сакаат да го остварат. Кај ВМРО- ДПМНЕ, реновирањето на студентските домови не е ново ветување, тоа го имаше и во програмата во 2006 година, дел од тоа е остварено, но останува голем дел кој е неостварен”-вели поранешниот студентски лидер Самоил Малчевски.Според него, изостанува делот на стипендии за студентите, но затоа се присутни стипендиите за втори и трет циклус, како и ветувањата за стипендии во странство кои и досега ги имаше. Во оваа програма имаат повеќе внимание посветено на науката и на младите кадри, нешто што претходно беше изоставено. С.Б.