„Студентски пленум“ се огради од Туфегџиќ, за неа оваа битка е најважна
Објавено во: Македонија 07 Ноември, 2016
„Студентски пленум“ на својата фејсбук-страница се огради од „јавните и приватните ставови“ на Ивана Туфегџиќ, која е ставена на деветто место на кандидатската листа на СДСМ во изборна единица 1.
„Во врска со написите што излегоа во медиумите дека како деветти кандидат во првата изборна единица во избирачката листа на СДСМ се јавува претставник на „Студентски пленум“, остро ги отфрламе како неточни. Заклучно, „Студентски пленум“ нема репрезент на претстојните избори, па граѓаните и граѓанките студенти што ги споделуваат принципите на „Студентски пленум“ единствено можат да придонесат преку активно вклучување во него“- пишуваат од пленумот.
Туфегџиќ пак смета дека оваа битка ќе биде најважна. Вели дека кандидатурата е голем чекор за неа, но и огромна одговорност пред секој што го познава и што ја поддржува или не ја поддржува.
„Значењето на оваа битка, пак, не смее да ги замолчува критиките, напротив, критиките се и мора да бидат добредојдени, затоа што само така ќе стануваме подобри и ќе имаме шанса да се поправаме. Нè чека многу работа за победа и за враќање на нормалноста, она што толку многу време ни недостига“ - напиша Туфегчиќ.
Додава дека сето она што го зборувала две години наназад ќе има можност да го брани во Собранието.
Таа имаше и свое обраќање неодамна на собир пред Собранието, каде говореа повеќе политичари, активисти кои не се согласуваат со политиките на власта.