СТУДОТ ТРОПА НА ВРАТА: Колку ќе ве чини чистењето на оџакот?
Објавено во: Економија 09 Октомври, 2025 07:44
Ако повикате оџачар за да го исчисти оџакот, ќе треба да платите најмалку 1.200 или 1.500 денари за услугата. Во Скопје цената е малку повисока за разлика од другите градови. Откако месецов паднаа температурите, граѓаните бараат оџачари за да ги исчистат оџаците. Оџачарите велат дека периодов имаат многу работа и ако во внатрешноста се чека по една недела за да дојде оџачар и да го исчисти оџакот, во главниот град чекањето може да трае и повеќе од еден месец. Бројот на оџачари е мал, практично се бројат на прсти.
„Цената е од 1.500 денари па нагоре, зависи од висината на куќата, дали е на приземје или е на катови. За секој кат се наплаќаат плус 500 денари. Чистењето на оџаци треба да се спроведува по законот и тоа е најголем проблем. Оџачарите ги нема доволно, пет години барам човек за работа и нема, никој не е заинтересиран“, вели Ѓуро Поповиќ од „Оџаци“, фирма за оџачарски услуги од Скопје.
Во Битола луѓето чекаат по една седмица за чистење на оџак.
„Во Битола цената е околу 1.200 денари за чистење на оџак. Може сумата да оди и повисоко, ако се пали оџакот, тогаш чини до 3.000 денари максимум, зависно за колку време ќе се заврши и тоа е многу важно. Тоа си зависи колку е чистен претходно оџакот, колку редовно. Правилникот предвидува трипати во сезона да се чисти оџакот, зависи од дрвата, режимот на согорување, односно влажност на дрвата. Влажните дрва ги затнуваат оџаците и го загадуваат воздухот. За 20 отсто е покачена цената на услугите за разлика од претходните години. Преку лето, надвор од сезоната им давам попуст од 20 отсто, за да ги мотивирам луѓето да ги исчистат оџаците, а сега има поголема гужва“, вели Николче Ѓероски, оџачар од Битола.
Во некои од помалите градови нема оџачари, па луѓето мораат да ги викаат оние од соседната општина. Се случува оџачар од Куманово да отиде да чисти оџаци во Кратово или во Крива Паланка.
„Во Куманово цената е 1.200 денари, ако оџакот не е затнат, ако е добро одржуван. Ако треба механичко чистење, услугата ќе чини 1.200 денари од метар должина. Луѓето кога имаат мака бараат оџачар, не обрнуваат внимание дека таа работа треба да се обави преку летото. Претежно самите си чистат и се снаоѓаат или ако почне сезоната, кога ќе почнат да палат оган, кога ќе видат дека чади, тогаш викаат оџачар “, објаснува Амзи Рушити, оџачар од Куманово.
Дел од оџачарите велат дека имало и ситуации кога ги повикале социјално загрозени граѓани, и за нив се случувало да овозможат плаќање на рати за сработеното.
„Јас земам по 1.000 до 1.200 денари. Ако е ептен затнат оџакот, самиот човек плаќа повеќе оти е заоволен, гледа дека е мачно да се исчисти. Одговорноста е голема, куќа е во прашање, не е играчка“, вели Гоце Скепароски, оџачар oд Струга.
Во Струмица цената за чистење на оџак се движи од 1.200 до 1.500 денари.
„Цената зависи од тоа дали е затнат оџакот и колку труд ќе вложиме, колку време ќе се задржиме. Ако некој се јави денеска, утре можеме да отидеме и да исчистиме, односно не се чека“, рече Стипе Сириќ, оџачар од Струмица.
Во минатото се случувало да избие пожар поради неисчистен оџак. Во Македонија околу 40.000 домаќинства се греат на дрва. За загревање на домот, најголемо учество од 49.2 отсто сѐ уште има огревното дрво, а потоа следи електричната енергија со 31.3 отсто, според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) од пред неколку години.
Сања АтанасовскаМожеби ќе ве интересира
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии
ЕБОР: Рекордно ниско ниво на лоши кредити во Централна, Источна и Југоисточна Европа
На бензинските пумпи се појави нов вид гориво: Ќе се испорачуваат со „розови пиштоли“, а ќе може да се користи во сите автомобили
Планирате патување на одмор? Овие аеродроми во Европа ќе штрајкуваат до крајот на годината
Германија ги заострува условите за социјална помош
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина
(ВИДЕО) АВСТРАЛИЈАНЕЦ СЕДУМ ГОДИНИ СОБИРАЛ АМБАЛАЖА: Заштедил за куќа
Колку дозволи издаде Хрватска за македонски работници?




