Субрата Рој успеа да го убеди Ставрески, никако опозицијата, дали му веруваат граѓаните?
Објавено во: Македонија 21 Февруари, 2013
„Што се однесува до обвинувањата од опозицијата во однос на оваа инвестиција, Владата веќе е навикната само на навреди и сомнежи од нивна страна за се што работи, вклучително и за сите инвестиции. Времето покажа кој бил во право и ќе покаже и во иднина дека овие напори што се прават за реализација на инвестиции и за доаѓање инвеститори и отворање фабрики и работни места, а и за оваа инвестиција што се однесува на Субрата Рој ќе биде реалност. Јас сум убеден дека треба да продолжиме не со критицизам, туку со напори да се реализираат сите проекти што сме ги ставиле во програмата и да донесеме што повеќе инвестиции и од надвор и од дома, а со цел да се подобри животот на граѓаните, изјави министерот Ставрески.Sahara India Real Estate Corporation Limited и Sahara Housing Investment Corporation Limited, преку соопштение вчера информираа дека веќе немаат никакви долгови и очекувале сметките да бидат одмрзнати.
„Вкупните обврски на двете компании беа 4,7 милијарди долари, а вкупната исплатена сума е 4,1 милијарди долари. Неисплатените обврски беа 678 милиони долари. Повеќе од 50 проценти од оваа сума е веќе исплатена од страна на компанијата кон инвеститорите во руралните области и оваа сума е во процес на верификација“ се вели во соопштението на Рој испратено во македонската влада.Во соопштението понатаму Субрата Рој објаснува дека каматата од 15 проценти на целата сума е 253 милиони долари. „Исплативме на СЕБИ 948 милиони долари. Според тоа, Сахара од денес нема никакви обврски, напротив ќе биде во можност да поврати големи средства од СЕБИ. Информациите во врска со хипотеката на имотите на овие две компании се целосно неточни, измислени и неосновани“ , истакнуваат од компанијата. Сепак. ова отвора многу дилеми кај македонската јавност, бидејќи владата зборува за инвеститор чии сметки се замрзнати поради измама на 2 милиони граѓани. На истиот инвеститор во Македонија му се нуди дел од Охридското крајбрежје за да гради хотели, станови, апартмани. Но, дополнително се менуваат и законите во интерес на најавените инвестиции на Субрата Рој. Но, и покрај сите тие законски измени што на Индиецот му овозможуват полесен пристап до земјиштето на охридскиот бисер, од власта уверуваат дека при реализација на проектот ќе бидат запазени сите законски и еколошки прописи и оти ќе се надоместат сите оние што имаат земјиште на делот каде треба да се реализира проектот. „Владата ќе разговара со сите кои треба и ќе постапи согласно законските прописи во Македонија што се однесува на земјиштето што ќе биде од интерес за изградба на проектот во Љубаниште. Ќе бидат запазени сите законски услови, сите еколошки стандарди. Ќе се надоместат сите што имаат земјиште таму согласно законските прописи, така што во тој дел нема да има дилеми, изјави министерот Ставрески. Закони веќе се менуваат за Субрата Пратениците минатата недела ги изгласаа и измените на Законот за експропријација со кои се предвидува дека во ситуација кога проценетата вредност на земјиштето кое е предмет на постапка за експропријација надминува 5 милиони, надоместокот се исплаќа во период до пет години. Доколку пак проценетата вредност на земјиштето надминува 20 милиони евра, надоместокот се исплаќа во период до осум години. Овие измени се толкуваат како подготовка на теренот за инвестицијата на Субрата Рој, во Охрид, со оглед дека таму на индискиот милијардер му се понудија огромни парцели. Претходно се донесе закон со кој автокампови се прогласуваат за јавен интерес, што исто така предизвика бурни реакции во јавноста, бидејќи со прогласувањето на автокампот за јавен интерес, државата (согласно Законот за експропријација ) ќе може да одземе нечиј приватен имот заради изградба автокамп. Земјиштето на кое ќе се градат автокампови (сеедно дали е државно или одземено од приватни лица) ќе се продава по едно евро за квадратен метар. Се носи и закон со кој во Охрид ќе може да се гради аеродром на вода, но надлежните уверуваат дека Охридското езеро нема да биде загрозено. Ќе успеат ли бизнисите на Рој? Индискиот милијардер се покажа како контроверзен бизнисмен кој секогаш успева да се извлече, ќе успее ли и овој пат да биде чекор понапред од индиските закони, и да успее во своите намери во Македонија? Судејќи според ставовите на македонските власти тоа е извесно, но искуството вели, за да бидеме уверени ќе треба да почекаме додека навистина не никнат најавените градби и инвестиции. Затоа во јавноста се уште постои скептицизам овој проект, која Рој може да ја демантира, или да ја потврди, во зависност од потезите на теренот.