Судбината на Грција е решена
Објавено во: Балкан 13 Јули, 2015 10:15
Лидерите од Еврогрупата, кои заседаваат од недела попладне очигледно постигнале договор за Грција.
Формулата, околу која се вртеа напорите за изнаоѓање на компромис, е добро позната: реформи против пари.
Непосредно пред 9 часа СЕВ светските агенции соопштија дека на вонредната средба на лидерите од еврозоната е постигнат договор.
Според извори блиски до преговорите во Брисел, спорни биле најмногу две прашања: улогата што ќе игра ММФ, ако Грција доби нов помошен пакет, и плановите за создавање на фонд во Луксембург, составен од грчки средства во износ од 50 милијарди евра, кој ќе служи како еден вид гаранција за новата спасувачка програма, вредна 86 милијарди евра.
Уште синоќа стана јасно дека спасоносниот план за Грција наидува на акутен отпор во грчката влада. "Предлозите се многу лоши", изјавиле во Брисел претставници на Атина. Соопштено беше исто така, дека грчкиот премиер Алексис Ципрас има намера да се справи со критичарите во редовите на "Сириза". 17 пратеници од "Сириза" кои во парламентот не го поддржаа планот со реформи на Владата, ќе бидат поканети да ги вратат мандатите, информира агенција Ројтерс. Нивна замена со верни на Ципрас луѓе може да го заздрави мнозинството во парламентот, коментира агенцијата и истакнува дека се очекува Ципрас да побара оставките и на двајца од министрите, кои се воздржаа од гласање на планот за реформи.
Прашањето за нова спасувачка програма за Грција ги разединува и земјите од еврозоната: додека неколку земји-членки веќе губат трпение и сосема отворено изјавуваат дека не можат да и веруваат на грчката влада, Италија и Луксембург го критикуваа Берлин и особено канцеларката Меркел поради премногу цврстата позиција на Германија во однос на Грција. Самата Меркел изјави дека сегашната ситуација е "исклучително тешка". И затоа е целосно нејасно дали земјите од еврозоната ќе се одлучат да започнат преговори за нов, трет пакет од итна помош за Атина, додаде германската канцеларка.
За време на разговорите во саботата и неделата, министрите за финансии од еврозоната така и не успеаја да се обединат околу конкретен предлог што да им препорачаат на европските лидери. Според информација на финскиот министер за финансии Александар Стуб, од Атина ќе биде побарано уште следната недела да започне со спроведувањето на ветените реформи. Ако до крајот на идната недела Грција не го врати на ЕЦБ износот од 3,5 милијарди евра, земјата е загрозена од банкрот. Бидејќи во случај да не си ги добие парите, ЕЦБ ќе има целосна основа да ја прекине итната помош за грчките банки.
Според пресметките на еврогрупата, до 20 јули Грција има потреба од 7 милијарди евра, а до средината на август - од уште 5 милијарди. Во пресрет на состанокот на лидерите од Еврогрупата италијанскиот премиер Матео Ренци ги предупреди своите колеги да не ја понижуваат Грција. "Италија е за останување на Грција во еврозоната, а на Германија сакам да и го кажам само ова: Доста е толку!", изјави Ренци . Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, исто ја предупреди германската влада да не си подигрува со т.н. Grexit: "Ако Германија е за излегување на Грција од еврозоната, таа ризикува конфронтација со Франција. А тоа би било вистинска катастрофа за Европа", предупреди Аселборн. Во исто време повеќето финансиски министри од еврозоната велат дека им е многу тешко да им веруваат на ветувањата на Атина.
Критиките на адреса на Берлин беа предизвикани од еден предлог на германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, што претходно беше договорено со канцеларката Ангела Меркел и лидерот на германските социјалдемократи Зигмар Габриел.
Овој предлог предвидува првремено исклучување на Грција од еврозоната - за период од 5 години. Идејата на Берлин беше одбиена од францускиот претседател Франсоа Оланд уште пред почетокот на вонредната средба на лидерите од еврозоната. Подоцна шефот на германските социјалдемократи Зигмар Габриел беше цитиран како вели дека Берлин е решен да се бори за останувањето на Грција во еврозоната. А канцеларката Меркел го изјави следново: "Во последниве месеци девалвира најважната валута - довербата".
Можеби ќе ве интересира
Што вели Рама за идејата на новите членки на ЕУ да им се ограничи правото на вето?
(ВИДЕО) Пратениците во албанското Собрание се тепаа и фрлаа чадни бомби
„МИНИСТЕРОТ НЕ ЗЕМА НИТУ ДИНАР“ Вучиќ: Обвинението против Селаковиќ е срамно и безобразно
„Њујорк тајмс“: Фирмата на зетот на Трамп - Кушнер се повлекува од договорот за изградба на хотел во Србија
Граничниот премин Богородица затворен за сообраќај
Потврден случај на лепра во Хрватска: Почната е задолжителна постапка за вакцинација




