Судот да побрза со уверенија за неосудуваност - бара ДИК
Објавено во: Македонија 09 Ноември, 2016
Државната изборна комисија со писмо ќе побара од Основниот суд Скопје 1 поажурно да ги изготвува уверенијата за неосудуваност.
При тоа да го има предвид рокот за пријавување на кандидатските листи согласно Изборниот законик, кој истекува во петок на полноќ.
Ваквата одлука е донесена вчера на седницата на ДИК. Оттаму велат дека рокот за поднесување на кандидатските листи не може да биде пролонгиран, затоа што со тоа ќе се прекрши Изборниот законик. ДИК ќе ги разгледува кандидатските листи во сабота, а за оние што не се комплетни може да им даде рок од 48 часа да ги остранат утврдените неправилности. Но, тие 48 часа се паѓаат во викенд, кога Судот не работи.
Од ДИК не наведуваат дали проблемот со издавањето на овие уверенија може да го закочи изборниот процес.
Од Судот ги обвинија кандидатите за пратеници дека навремено не ги извадиле овие уверенија, поради што сега имаат преголем број барања на кои не можат да одговорат.