19 Април, 2024
0.0301

Султанот објави примирје – царот задоволен

Објавено во: Колумни 06 Март, 2020

Добивај вести на Viber

Во моментот кога го читате овој текст во Сирија, во покраината Идлиб, оружјето треба да мирува. Така вчера од Москва најави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на заедничката прес конференција со неговиот руски колега, Владимир Путин. Двајцата претседатели  во текот на шестчасовните преговори усогласија документ со кој се предвидува прекин на огнот во Идлиб од синоќа на полноќ, заеднички патроли на една од главните магистрали во Сирија М-4 и заедничко патролирање. Се чини на обострано задолство, иако на прв поглед задоволството на Путин е поголемо.

Рускиот и турскиот лидер се сретнаа во Кремљ, а почетокот како да беше напнат, без стандардните прегрнувања и традицоналните поздрави „драгиот пријател, другар...“. На Ердоган додуша му се испушти „мојот драг другар“ на прес конференцијата после средбата. Како и да е, поводот за средбата беше сериозен, зашто гинеа десетици турски, но и стотици сириски војници. Воените дејства значеа и нарушувања на Договорот за Идлиб од Сочи. Тој предвидуваше прекин на воени дејства, турска одговорност за радикалните сили во Идлиб, специјални коридори, дислоцирање на сириските трупи на одредена оддалеченост...

 Путин пред почетокот на разговорите забележа дека ситуацијата се вжештила до степен да морало да се сретне и да разговара со својот турски колега. Тој изрази сочуство за загинатите турски војници, што било голема трагедија, но истакна дека местото на дислокација на турските војници не било познато никому. Додаде дека во тие борби загинале и Сиријци. Двацата лидери, според, него не сакаат враќање во 2015 година, кога беше соборен рускиот авион од страна на турските сили, туку барање компромисно решение. Решение кое нема да дозволи повторување на борбите и кое нема да ги разруши руско-турските односи.

Ердоган од своја страна изрази надеж дека преговорите ќе ја олеснат ситуацијата во регионот, додавајќи дека Анкара ги цени односите со Москва и не е заинтересирана за конфронтација со Русија. –Меѓу нашите земји, токму сега го доживуваме времето, периодот кога нашите односи достигнаа врв. Тоа несомнено се однесува и на одбранбената индустрија и трговските односи и други, и тие треба да продолжат да се развиваат, рече Ердоган. Тој очекува двете земји да преуспеат во тоа.

Што се' е кажано три часа зад затворени врати, очи во очи, нема да се дознае. Потоа уште три часа со соработниците, кои како што беше најавено требаше да се сретнат ден претходно во Москва. И министри за одбрана и министри за надворешни работи и претставници на специјалните служби. Оперативно да ја подготват средбата на Путин и Ердоган.

Првите реакции велат дека прекинот на огнот е најважната цел што е постигната. Но кога се разговара за воени прашања најважна е тишината. Затоа и нешто ќе се премолчи. Заедничкиот документ по средбата обнароден од страна на министрите за надворешни работи содржи разни работи, но и недоречености, кои останале за решавање веројатно во наредниот период. За некои експерти договореното за Идлиб во Москва меѓу двата претседатела предвидува заемни отстапки. Но, забележуваат тие, отстапките од турска страна се посуштествени. Во прв ред Ердоган се откажува од своето барање за повлекување на сириските војски на позициите на кои се наоѓаа пред почетокот на офанзивата во Идлиб, а што беше зацртано во Сочинскиот договор за Идлиб. Ситуацијата сега е таква да сириските трупи ги задржуваат освоените територии во изминатите денови. Трасата М-5 Алепо – Дамаск сега останува под контрола на Асад. Трасата М-4 Алепо-Латакија, околу која исто се водеше борба, сега ќе биде заеднички патролирана од руско-турски патроли. Според истите експерти отстапката на Москва е во фактот што во документот не се бара повлекување на турските сили од Идлиб, од сириска територија. Што значи дел од покраината Идлиб ќе биде под контрола на Анкара и Асад не ќе може во блика иднина да планира враќање на тие територии кон Сирија. Нема ништо и за турските контролни пунктови кои сега остануваат во заднината на сириската армија.  

И покрај постигнатиот договор се чини има работи околу кои се’ уште постојат разлики кои не се надминати во разговорите. На пример Путин пред новинарите за борбите во Идлиб ги обвини „бандите кои редовно од почетокот на годинава станале поактивни и стрелале врз позициите на сириските владини сили, но и врз мирни населени места. Продолжиле нападите на радикалите и врз руската воена база во Хмејмим. Ердоган,пак, од своја страна, забележа дека од март годинава зачестиле „нападите од страна на силите на режимот, што довело кон загуби меѓу мирното население и го нарушиле Идлибскиот договор“. Настапувајќи на прес конференцијата по преговорите, Ердоган кажа дека Анкара има право да одговара на дејствувањето на Сирија. Но притоа додаде дека за тоа прашање ќе продолжи тесна комуникација со Путин.  Разговарано е и за вкупната ситуација во Сирија и за истокот на земјата, кој засега е под контрола на Курдите и Американците. Потврден е територијалниот интегритет и суверенитетот на земјата. Искажани се ставови дека единствено решение за мир е во рамките на Женевскиот процес. И ова е од полза за вкупната ситуација. Русија и Турција не се обвинија меѓусебно за некои судири. Иако, во јавноста минативе денови имаше и такви соопштенија дека Русите и Турците покаат едни врз други.

Преговорите донесоа добри новости и за Европската Унија. Русија и Турција се договорија да придонесат за враќање на бегалците на местата каде што живеат. Русија своевремено и предлагаше на Турција во Идлиб да изгради кампови каде што ќе се сместат бегалците, а не да ги прима на нејзина територија. Но очигледно турските пресметки покажувале нешто друго. Вчера, пред средбата со Ердоган, Путин имаше телефонски разговори со европски лидери. Тој разговараше со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, а претходно и со канцеларката Ангела Меркел. 

Како што пренесоа агенциите, Мишел заштитата на грчките граници ја нарекол „сеевропска задача“ и побарал Путин да го разгледа со Ердоган прашањето за нелегалната миграција. Од причина што Ердоган им откажува на европските лидери лична средба нагласувајќи дека ЕУ не ги исполнила нејзините ветувања за Турција. А, и на Русија европската миграциска криза не и е во приоритетите, особено кога станува збор за односите со Турција во моментов. Сега останува да видиме колку изјавата од заедничкиот документ на Ердоган и Путин околу бегалците ќе се спроведе во практика. Патем, вчера и Жозеп Борел првиот човек на европската дипломатија од Загреб изјави дека на „ЕУ и е потребно да ги подобри односите со Русија и Турција“. Според Борел Турција и Русија се на дневен ред на заседанието на министрите за надворешни работи на членките на ЕУ што ќе се одржи денес во Загреб. ЕУ треба да ги подобри односите со Русија на пример во поглед на Сирија. Но, и за прашањата околу промената на климата и Либија, кои директно се однесуваат на европската безбедност.

Од сето она што вчера се случи во Кремљ јасно е дека некои работи не се решија. Никаде не се споменува што со радикалните групи во Идлиб. Ќе си ја преземе ли Турција улогата на нивен смирувач. Или по некој ден пак ќе бидеме сведоци на нивни обиди за атака врз сириски и руски трупи. Не се знае дали двете страни одлучиле нешто за договорот од Сочи, или пак сега важи денешното соопштение, а деталите ќе се знаат, кога ќе се види договориле експертите во наредните денови. Не е јасно што со изјавите на Башар ел Асад дека ќе оди до крај во ослободувањето на Идлиб! Иако, тој сигурно ќе го прави она што ќе му го каже Путин. Не е јасна улогата на третиот член на групата од Астана – Иран. Или пак борците на Хезболах, кои исто така се во регионот и се борат на страната на Асад.

Сепак, вака или онака, средбата во Кремљ може да се оцени како успешна. Уште повеќе ако се одржува мирот во Идлиб. Меѓусебните односи на Турција и Русија се во преден план. Она што е изградено досега во изминатите пет години не треба да се изгуби за некаква воена кампања, колку и да е тешка и трагична, од две-три недели.  На обостраните блефови им дојде крајот, па мораа да седнат да разговараат. Путин и Ердоган се вешти политичари, автократи, кои знаат кога треба, а кога не треба да си ги преценуваш силите. Путин во поглед на досегашните успеси на дипломатски план околу Сирија, а Ердоган од влегувањето во воен конфликт за кој не знае како ќе заврши, а за кој има и опозиција во земјата. Згора на тоа беше „откачен“ и од НАТО и од ЕУ.

Годинава се навршуваат 100 години од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Русија и Турција. Земји кои имаат вековна соработка, несогласувања и војни. И како што вели Ердоган „Нашата најголема желба е да продолжи соработката со заемно почитување и заемна основа“. Во прилог на тоа беше и поканата на Путин на одбележувањето на стогодишниот дипломатски јубилеј во Турција. Само да не се случи нешто непредвидено дотогаш.

Мирче Адамчевски 


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок