Свечља: Шест ранети терористи се лекуваат во Нови Пазар и бараме од Србија истите веднаш да ги предаде
Објавено во: Балкан 25 Септември, 2023
Шест од напаѓачите врз косовската полиција се лекуваат во Нови Пазар, а Косово бара Србија да им ги предаде.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља изјави дека има информации дека шестмина ранети членови на групата која вчера изврши напад врз косовската полиција на северот од земјата се лекуваат во болница во Нови Пазар во Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
На денешната прес-конференција по повод вчерашниот инцидент во селото Бањска, кај Звечан, во кој е убиен еден косовски полицаец и четири лица од групата напаѓачи, Свечља побара од Србија да ги предаде ранетите, како и сите други припадници на групата од над 30 лица кои по акцијата на косовската полиција пребегнале во соседната држава.
„Според досегашните информации, шест ранети терористи се лекуваат во болницата во Нови Пазар и бараме од Србија истите веднаш да ги предаде на властите во Косово, со цел да одговораат пред правдата за терористичките дела. Исто така бараме од Србија да ни го предаде секој припадник на групата кој успеал да побегне во Србија“, рече Свечља.
Синоќа најавената средба на српскиот претседател Александар Вучиќ со рускиот амбасадор во Белград, Александар Боцан-Харченко, денес наутро се одржа и на неа Вучиќ го информирал рускиот амбасадор дека на Косово се спроведува етничко чистење организирано од косовскиот премиер Албин Курти со поддршка на дел од меѓународната заедница, јави дописникот на МИА од Белград.