„ТАЖНА“ Е НОВАТА ПРИДАВКА НА МАКЕДОНИЈА. НО ДАЛИ МОРА ДА БИДЕ ТАКА?
Објавено во: Економија 16 Октомври, 2025 07:52
Многу тага се наталожи овие три децении од нашата самостојност. Тажиме за пропуштените победина фудбалерите, тажиме по изгубеното име, за Кичево и Струга, за старото знаме. Тажиме по Европската унија, по 2001-та, по Тоше, по претседателот Борис. Тажиме за изгубените шанси за напредок, за сите несреќно загинати, за ангелите од Кочани, за Андреј... а еве сега и за Панчо.
Имам чувство дека тагата стана составен дел од нашето општествено живеење. Копнееме по „подобар живот“ надвор и заминуваме во САД или во ЕУ, а потоа – повторно тагуваме, овојпат по родниот крај. Овде, пак, остануваат постарите генерации кои тагуваат по своите чеда, а навидум се претставуваат дека се среќни. И така, сите заедно – се вртиме во кругот на македонската тага.
Како заглавивме тука?
Се прашувам себеси: како дојдовме до оваа состојба? Како дозволивме таа да стане наш колективен идентитет?
Некако сите се влечеме едни со други наназад. Како секоја искра што се појавува, веднаш да се обидуваме да ја изгаснеме, да ја опросечиме. Како да исчезна ентузијазмот, креативноста, надежта. Како да се измори општеството. Се жалиме на сè и од сè ни е „гадно“. Секој секого оговара, секој си мисли дека е најдобар,најглавен, а егото ни станало најголема љубов. Станавме себични. Станавме просечни. Направивме идоли од погрешни луѓе со погрешни вредности.
Силата е во нас – во поединецот
И покрај сето тоа, Македонија има сила. И таа сила не е во институциите, во партиите или во политиката – таа сила сме ние, поединците.
Кога размислувам за македонското општество, и покрај сè што сме поминале, јас и понатаму верувам дека ќе преовлада оптимистичкото сценарио. Но тоа зависи од нас самите. Системот не го прави државата – го правиме ние. Институциите не ги прави некој друг – ги правиме ние. Ако институциите не функционираат, тоа значи дека ние нефункционираме. Наместо да ги обвинуваме нив, треба секој од нас да се сврти кон себе. Да ја направи онаа здрава себе-анализа што најчесто ни недостасува. Ќе се земам себеси за пример.
Во минатото, а и денес, сум бил мета на критики, навреди и обвинувања за одредени мои постапки или карактерни црти. И покрај тоа што најчесто правдата била на моја страна, никогаш не сум се лутел на другите. Напротив – се свртував кон себе. Секој ден се обидував да се менувам. Тоа беше мојот континуитет. Егото може да ни биде најголемиот отпорник во овој процес, но токму кога ја примаме критиката од (не)пријателите, учиме да го надминеме своето его. Верувам дека во тоа успевам. Или барем се обидувам. Токму ова искушение – да се менуваме преку критиката – е филтерот што нè гради духовно и човечки.
Егото како замка и извор на празнина
Сите имаме егоистични желби. Но кога ги задоволуваме, тие се гаснат – а со тоа се гаси и чувството на наслада. Да замислиме дека седиме на семејната трпеза, а мајка ни ни го носи омиленото „ребро во фурна“. Уште при самата арома, чувствуваме задоволство. Но колку повеќе јадеме, толку тоа задоволство опаѓа. На крајот престануваме не затоа што не можеме повеќе, туку затоа што веќе не ни причинува наслада.
Таква е и стапицата на егоизмот: кога конечно го добиваме она за што копнееме – веќе не го посакуваме. Спласнува ентузијазмот и енергијата. А бидејќи животот без наслади е невозможен, создаваме нови и поголеми желби. И повторно остануваме незадоволни. Така влегуваме во затворен круг.
Колку повеќе посакуваме – толку попразни се чувствуваме. А колку попразни сме – толку повеќе расте нашето разочарување и егото.
Денес човештвото живее на најинтензивното ниво на желби во целата историја. Имаме многу повеќе од нашите татковци и дедовци – а сепак, незадоволството никогаш не било поголемо. Токму контрастот меѓу она што го имаме и она што го чувствуваме ја раѓа оваасовремена општествена криза.
Колку поегоистични стануваме, толку попразни се чувствуваме. А колку попразни сме, толку подлабоко тонеме – како поединци и како општество. Во таа нсока, често, на социјалните медиуми, знам да ја споделам една мудрост.
Имено, многу е важно да се запамети редоследот на создавањето во човековото живеење, затоа што токму тој ни помага да разбереме дека секој развој се одвива од духовното кон материјалното – а не обратно. Тука сите грешиме.
Практично, најчесто прво настојуваме да натрупаме материјално богатство, на еден или на друг начин, па дури потоа – кога ќе се заситиме од материјалните наслади – почнуваме да бараме светлина, среќа и духовна исполнетост. Се обидуваме со материјални дарови да ја „купиме“ духовната еволуција. Но тоа не функционира така. Обратна е мантрата.Јас, на пример, многупати сум бил во Тел Авив, Ерусалим, Хаифа и други места. Таму, меѓу мудреците – духовните учители – никогаш не сум сретнал милионери или милијардери. Некои од нив денес веќе не се меѓу живите, но тие ми помогнаа повеќе од било кој друг на мојот пат кон духовната еволуција. Иако самите немаа многу, богатите луѓе собираа средства за да ги испратат со достоинство во другиот свет.
Затоа и нашиот земен свет, во некои древни списи, се нарекува „свет на последици“ - последици од духовните процеси и случувања. Оттука, што и да направиме овде, во материјалниот свет, тоа не може да влијае врз духовните светови. Напротив, ако сакаме да промениме нешто во нашиот – земен – свет, прво треба да се издигнеме во духовните светови и да делуваме од таму.
Како?
Прво, треба да се промениме самите себе – во сопствените срца – и да ги исполниме со љубов. Нашите мисли треба да бидат насочени кон алтруизам и помагање на другите, без очекување лични бенефиции. Секој – колку што може. Дури и едно мало дело претставува голем чекор напред. Така, сите заедно можеме да создадеме прогрес и како поединци и како нација. Ако, пак, помагаме за да направиме ПР или маркетинг од тоа – тогаш ние продаваме. А духовната состојба не се „книжи“ на таков начин. Таквиот чин се запишува единствено во материјалниот свет, како плус „приход“, но не и како духовен напредок.
Заклучок: Македонија не мора да остане „тажна“. Тоа не е нашата судбина – затоа што судбината е предвидлива работа. Колку повеќе се обидуваме, толку повеќе актуелната состојбастанува подобра. Но, за да престане да биде таква, прво секој од нас мора да се соочи со себе. Да го надмине сопственото его. Да престане да бара виновници и да стане дел одрешението. Само така, тажната придавка ќе се замени со нова – надежна, храбра и достоинствена Македонија.
P.S. Ова писание е посветено на сите добри луѓе што нè напуштија од овој земен свет – со благодарност за нивната светлина и трага што ја оставија зад себе.
Проф. д-р Синиша Наумоски
Генерален менаџер на Хајделберг Факултет во Скопје
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
ПРЕДНОВОГОДИШНО РИПНАЛЕ ЦЕНИТЕ НА УГОСТИТЕЛСКИТЕ УСЛУГИ: Еве што покажува статистиката
ОД 11 ДЕКЕМВРИ НЕМА ПОВЕЌЕ ВОЗ НА ДЕЛНИЦАТА СКОПЈЕ-ЗЕЛЕНИКОВО: Почнува реконструкцијата на пругата
РКЕ го намали надоместокот за мрежарина за електрична енергија
ДОЦНА НАВЕЧЕР СЕ ПОТПИШУВАА РЕШЕНИЈА: Субвенции за набавка на клима уреди во Скопје
КУПИЛ ДВЕ НАПУШТЕНИ ШТИПСКИ СЕЛА: Косовски бизнисмен бара од Владата да ја гради најголемата фотоцентрала
АЛЕКСАНДАР МАНЕВ ВО „БИЗНИС-КЛУБ“: „Кадарот го создава духот на компанијата“
Венецуела го зголеми дневниот извоз на нафта во ноември
Oва се земји каде трошоците растат, а квалитетот на живот е загрозен





