14 Декември, 2025
0.0419

Тендер на декадата! Кој ќе копа јаловина во РЕК Битола за 25 милиони евра?

Објавено во: Економија 05 Октомври, 2023 12:33

Добивај вести на Viber

РЕК Битола урива рекорди по вредноста на тендерите за ископ. Овој пат станува збор за највредниот тендер за ископ на јаловина (не и јаглен) со рекордна вредност во последните 15 години (за кои има официјални податоци). Овој тендер воедно е и највредната јавна набавка што ја распишал ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) во последните 10 години!

Битолската градежна фирма „Марковски компани“ го доби најголемиот тендер што го распиша РЕК Битола (најголемата подружница на државниот производител на струја) во последниве 10 години. Станува збор за договор со кој РЕК Битола бара компанија која ќе има капацитет за да ископа до 4 милиони кубни метри јаловина од јагленовите рудници на најголемиот производител на струја во Македонија.

Јаловината, наједноставно кажано, е слојот земја со кој се покриен односно сокриен јагленот во утробата на земјата. Тоа е бескорисно количество земја кое мора да се ископа, транспортира и одложи за да може да се дојде до јагленот што е неопходен за горење во трите блока на РЕК Битола. Во овој случај односно со овој тендер геолозите на ЕСМ од РЕК Битола утврдиле дека за да се дојде до неопходниот јаглен е потребно да се ископаат до 4 милиони кубици (m3бескорисна покривка (земја).

На тендерот на РЕК Битола, според официјални достапни податоци на Бирото за јавни набавки (БЈН) имало 2 понуди. Работата ја добил локалниот градежник „Марковски компани“ фирма која со години наназад е редовен контрактор на РЕК Битола специјализирана за копање јаловина и јаглен.

Во договорот за јавна набавка пишува дека вкупната единечна цена за еден кубен метар јаловина изнесува 2.871 денар. Ова е воедно и највисоката добиена цена согласно со јавните податоци на БЈН достапни на овој линк https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie-acpp/3fd526d3-167f-46b0-bbec-601f5e9c1846

„Марковски компани“ , според договорот, има три фирми подизведувачи. Две од нив се струмички компании „Сим Инженеринг“ и „Јавор Транс“. Тетата е компанијата „Топлина“ од охридското село Подмоље. Секоја од трите фирми подизведувачи има право да сработи најмногу до 10 отсто од вредноста на набавката односно од ископот на јаловина.

Договорот наведува дека ЕСМ има право да не мора да го реализира договорот во целост односно до неговата максимална вредност од 24,94 милиони евра (со вклучен ДДВ).

ЕСМ и „Марковски компани“ се договориле рокот за исплата на сработеното да биде 60 дена по прием на фактура. Меѓу другите обврски „Марковски компани“ треба да обезбеди превоз, исхрана, ХТЗ опрема, осигурување за сите свои вработени и ангажирани лица. Во тендерот е изрично наведено дека секоја незгода или несреќен случај е одговорност на „Марковски компани“ односно на носителот на набавката.

За успешно извршување на договорот „Марковски компани“ депонира нешто повеќе од 1 милион евра банкарска гаранција.

ЕСМ во договорот навел дека за неуредно и ненавремено извршување на обврските од договорот може да го казни „Марковски компани“ најмногу до 15 отсто од вредноста на договорот.

Претходно „Марковски компани“ добил тендер од РЕК Битола во ноември лани. Станува збор за ископ на јаглен и јаловина во рудникот за јаглен во Брод-Гнеотино (рудник во Општина Новаци) со вредност од 19,6 милиони евра.

Која е „Марковски компани“?

Според достапни официјални податоци „Марковски компани“ е приватна битолска градежна компанија основана пред 20 година, во 2003 година. Специјалност на друштвото е нискоградба. Сопственик на ова друштво кое вработува над 300 лица е битолчанецот Борче Марковски. Минатата година „Марковски компани“ имало вкупен приход од 30 милиони евра, а завршило со добивка од 6,65 милиони евра. Во јавноста е присутна информација дека Борче Марковски е почесен конзул на Белорусија во Македонија.

Р.Ф.

Можеби ќе ве интересира

КЛУЧ НА ДРЖАВНАТА КАСА ИЛИ МИЦКОСКИ ПРОГЛАСИ КАПИТУЛАЦИЈА НА ЕКОНОМИЈАТА! Чупеска за затворањето на трезорот на 15 декември

КЛУЧ НА ДРЖАВНАТА КАСА ИЛИ МИЦКОСКИ ПРОГЛАСИ КАПИТУЛАЦИЈА НА ЕКОНОМИЈАТА! Чупеска за затворањето на трезорот на 15 декември

МИЦКОСКИ СМИРУВА: Буџетот е ликвиден

МИЦКОСКИ СМИРУВА: Буџетот е ликвиден

Кинеската економија во 2025 година и предвидувања за 2026 година

Кинеската економија во 2025 година и предвидувања за 2026 година

Тактики, а не паника, ја создаваат моменталната вредност на криптовалутите

Тактики, а не паника, ја создаваат моменталната вредност на криптовалутите

Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети

Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети

Кока-Кола добива нов извршен директор: Енрике Браун ќе ја преземе функцијата во март

Кока-Кола добива нов извршен директор: Енрике Браун ќе ја преземе функцијата во март

Индустријата и потрошувачите можат да здивнат: ЕУ се согласи да ја укине забраната за бензин и дизел автомобили до 2035 година

Индустријата и потрошувачите можат да здивнат: ЕУ се согласи да ја укине забраната за бензин и дизел автомобили до 2035 година

СЕ ЗГОЛЕМУВА ЦЕНАТА НА БЕНЗИНОТ: Оваа земја прв пат по 2019 година ја качува цената на горивото

СЕ ЗГОЛЕМУВА ЦЕНАТА НА БЕНЗИНОТ: Оваа земја прв пат по 2019 година ја качува цената на горивото

ТАЈНО КУПУВААТ РУСКА НАФТА, А НАС НЕ КРИТИКУВААТ: Сијарто со обвинувања до западноевропските земји

ТАЈНО КУПУВААТ РУСКА НАФТА, А НАС НЕ КРИТИКУВААТ: Сијарто со обвинувања до западноевропските земји