Добивај вести на Viber
Објавен е тендерот за избор на градежна компанија која ќе ја реконструира Железничката станица во Скопје. Според планот до 2015 година, градежните работи треба да бидат целосно завршени. Како што најави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, проектот се проценува на 2,5 милиони евра и се реализира со помош на Европската унија.
Притоа, 85 отсто од средствата се од ИПА програмата, а 15 отсто од домашни извори. Јавниот повик за најдобар понудувач трае до трети септември.
„До 2015 година треба да имаме целосно реконстрирана железничка станица во Скопје, подигнување на платформата, пристап на инвалидизираните лица изградба на два лифта, целосно внатрешно уредување, нови табли, нова чекална се она што треба да го има една модерна и современа Железничка станица“, изјави Јанакиески.
Изведувачот исто така ќе треба да го реновира влезот во станицата, а ќе се чистат и постоечките мермерни површини.
Железничката станица во Скопје е изградена пред 33 години и оттогаш , освен мали интервенции, станицата е оставена за забот на времето. Објектот кој беше еден од најмодерните во Југославија, сега е целосно запуштен. Со искршени перони, без клупи за седење и билетарници од пред три децении, местото е срам за главниот град, коментираат граѓаните.