Добивај вести на Viber
Ревизорите забележуваат дека во првата половина од 2014 година за угостителски услуги направени се трошоци од 10.000 евра, но без да биде наведен видот и намената на услугата. Односно, нема информација дали се тоа деловни ручеци, свечени ручеци или коктели. Тоа според ревизорите не е во согласност со Упатството за користење на буџетските средства наменети за репрезентација.
На ваквата забелешка ревизорите писмено реагирале од министерството за економија. Тие наведуваат дека во Упатството за користење на буџетските средства наменети за реперезентација е регулирано дека министерот за економија, заменикот и државниот секретар имаат право на надоместок за користење на угостителски услуги во други угостителски објекти за свечени(деловни) ручеци и коктели, што значи дека е утврдено нивното право за овие трошоци. Но, додаваат дека нема потреба да биде наведено која била намената на настанот.
„Во истото не постои одредба во која наведените именувани лица се обврзуваат дека тоа право треба да го потврдат со тоа што ќе наведат на документот која била намената на настанот, свечен ручек, деловен, ручек или коктел“,
напишале од министерството за економија.
Ваквиот одговор не бил прифатлив за Државниот завод за ревизија, со образложение дека министерството не доставило дополнителени докази со кои ќе биде оспорена констатацијата на ревизорите, туку напротив нивната констатација се вели дека само била потврдена.
„Не се доставени дополнителни докази кои ќе ја оспорат констатацијата во наодот и воедно претставува потврда на утврдената состојба од страна на ревизијата. Во забелешката што е доставена од министерството за економија е наведено дека со Упатството е регулирано правото на надоместок за користење на угостителски услуги свечени, деловни ручеци, но не ја оспорува констатираната состојба на немање потврда за видот и намената на извршената услуга, односно дали истата е за службени цели, додаваат од ревизијата.
Неправилности и со службените патувања
Направени биле и расходи за патување во странство и угостителски услуги во износ од 4.000 евра без соодветна поткрепувачка документација како што се слип картица, сметкопотврда, решение за службено патување во странство и патен налог, посочува ревизијата.
Но, исто така додаваат и дека обврските од 3.500 евра по основ на сервисирање и изнајмување на моторно возило, хотелско сместување и угостителски услуги не се хронолошки евидентирани и за истите не постои уредна документација.
За овие забелешки на ревизорите од министерството за економија реагирале дека се организирани согласно утврдените планирани настани во секторите, а во рамките на средствата утврдени со буџет, раковидителите на секторите кон финансовиот документ за направената услуга доставуваат налог за набавки потпишан од министерот.
Р.Ф.