28 Ноември, 2024
0.0277

Тешка година : 38% од фирмите прикажале загуби!

Објавено во: Анализа 18 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Една третина, или 30,5% од фирмите во земјава лани биле со блокирани жиро сметки. Во најголеми долгови биле заглавени градежните фирми. Раст и на загубите на приватниот сектор – 38% од фирмите што доставиле завршни сметки прикажале загуби во работењето. Македонија останала во зоната на “умерена “ задолженост, но со изразени ризици по јавните финансии. На крајот од 2012 та година Бруто-надворешниот долг достигнал 68,6% од Бруто Домашниот Производ.  Ова се дел од поентите во Извештајот за финансиската стабилност на Република Македонија, објавен од Народната Банка. Еве што содржи анализата: Што се случуваше со приватниот сектор? Тешка и ризична година што ги стопи профитите, а ја зголеми задолженоста на приватниот сектор. Најновите податоци на НБРМ за финансиската стабилност во 2012-та година покажуваат дека дури 30,5% од фирмите, или една третина биле со блокирани жиро сметки по било кој основ. Од друга страна, бил регистриран негативен тренд кај отворање на нови бизнис.
„Намалувањето на економската активност во 2012 година го отежна амбиентот за  работење на домашните претпријатија и имаше негативен одраз врз претприемничката  иницијатива. Формирањето нови претпријатија забележа мал годишен пад од 0,4%, при истовремено зголемување, иако  е  забавено во споредба со претходната година, на бројот  на претпријатијата со блокирани сметки и на оние во кои е отворена стечајна постапка. “ – оценува НБРМ.
Во истата година, профитот на фирмите се намалил за 4,1% во однос на 2011 та година, додека има раст кај расходите за финасирање за повеќе од 11 отсто.  Во 2012 година, речиси 38% од правните лица кои што доставиле завршни сметки  во Централниот регистар прикажале загуба во работењето.
„Тие опфаќаат 27,3% од  вкупните средства на сите правни лица и очекувано се карактеризираат со далеку  послаби показатели за задолженост, ликвидност и ефикасност во користењето на  средствата во споредба со правните лица кои што прикажале добивка во 2012 година. Аналогно на движењата на показателите за ефикасноста на користењето на средствата, и  показателите за профитабилноста на домашните претпријатија забележаа  извесно влошување“ се оценува во Извештајот на НБРМ.
Во најдлабока задолженост биле градежните претпријатија. Овој сектор лани не само што прикажал и најслаби показатели во однос на ефикасно искористување на средствата туку било забележано и поголемо влошување на состојбата. Земјоделскиот сектор во 2012 та успеал да опстои на најниско ниво на задолженост. Сепак, показателите за финансиската кондиција на фирмите покажуваат дека и во земјоделството состојбата се влошува. Пораст на задолженоста е регистрирана кај фирмите од секторот земјоделство, шумарство, индустрија и секторот на сместувачки капацитети. Лани, задолженоста на приватниот сектор се зголемила за 7,1%. Во 2012 та година се намалуваше  Додадената вредност во приватниот сектор. Пад имаше и кај извозот.
 „Падот на странската  побарувачка за македонски производи предизвика намалена искористеност на капацитетите на домашните извозници и доведе до годишен пад на вкупниот обем на извоз од 2,6%. “ – се констатира во Извештајот на Централната Банка.
Заклучно со крајот на 2012 та година, бројот на вработени во приватниот сектор се зголемил за 3,7%, по што корпоративниот сектор опфаќал 76,2% од вкупниот број на вработени. Што се случуваше со долговите на државата? 2012 та година беше година на изразени ризици, ососбено за јавните финасии. Во најановиот извештај на НБРМ се оценува :
„Ризикот од страна на јавните финансии беше поизразен во 2012 година поради зголемувањето на буџетскиот дефицит за 1,3 процентни поени во споредба со претходната година, којшто достигна 3,8% од БДП. Водењето контрациклична фискална политика дојде до израз и во 2012 година. Во услови на помали јавни приходи од планираните, се зголеми таргетот за буџетскиот дефицит за над 1 процентен поен од БДП.“ - пишува во Извештајот
Надворешната побарувачка значително забави, дефицитот на тековната сметка се продлабочи. Растеше и надворешната задолженост.
“Трендот на пораст на вкупната надворешна задолженост на домашната економија продолжи во 2012 година, но позабавено во однос на претходната година. На крајот на 2012 година, бруто надворешниот долг достигна 5.163 милиони евра (68,6% од БДП), што претставува пораст за 288 милиони евра или 4,1 процентен поен од БДП.“ - констатира Извештајот на НБРМ.
Како генератор на надворешната задолженост, според анализата на народната Банка биле задолжувањата на приватниот сектор преку долгорочни и краткорочни обврски кон директните инвеститори, трговски кредити, како и зголемување на обврските на банките врз основа на краткорочни депозити кон нерезидентите. Сепак, удел во пораст на надворешната задолженост имала и државата. Одреден придонес кон порастот на вкупната надворешна задолженост имаше и задолжувањето на државата врз основа на ново долгорочно задолжување, но и продажбата на државните еврообврзници на секундарниот пазар од инвеститори,  констатира анализата на НБРМ во која се посочува дека заклучно се декември 2012 та година Македонија останала во зоната на умерена задолженост.
“И покрај постојаниот пораст на надворешниот долг на земјата, показателите за надворешна задолженост покажуваат умерена, односно поволна задолженост на земјата што не претставува ризик за финансиската стабилност на земјата.“ - се оценува во извештајот на Народната банка.
Неодамна, гувернерот Димитар Богов испрати порака до Владата за натамошно внимателно менаџирање на буџетскиот дефицит.
“Фискалната политика одигра клучна улога во време на економска криза, но на среден рок државата мора да го намали буџетскиот дефицит за да не биде загрозена одржливоста на јавниот долг“ – порача гувернерот Богов.
Д.А.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.