Добивај вести на Viber
За разлика од Скопје, во помалите градови во внатрешноста на Македонија многу тешко се наоѓа работа, а дополнителен проблем е што платите се ниски.
Невработените луѓе во провинција немаат голем избор, па често пати и високо образовани кадри се принудени да работат професии кои не се поврзани со струката и со она за што се образувале. Со еден збор, нема егзистенција за младите луѓе во помалите градови.
Млада крушевчанка вели дека нејзиното гратче има се помалку жители, затоа што условите за живот се лоши.
„Буквално речено, Крушево е мало место, шансите и потребите во Крушево се спуштени на најниско ниво и се потешко се наоѓа работа. Државниот сектор е заштитен, приватниот сектор скоро и тој исто. Во приватните фирми платите се минимални, колку да се каже вработен. Многу луѓе го прифаќаат и тој начин. Се бараат упорно начини за да се зголеми вработеноста“-вели таа.
Младиот Димитар Бабалков, новинар од Пехчево, вели дека и во неговиот роден град, кој е најмал во земјава состојбата е лоша. Тој објаснува дека општо во Источна Македонија нема работа за младите.
„Во градот едвај работат 2 поголеми приватни фабрики и неколку помали текстилни конфекции. Ова е само еден од доказите дека за младите високо образовани кадри нема работни места. Во овие, неколку споменати фабрики, вработените работат прекувремено скоро секој ден. Платите се сведени на минимум, што ако платата на еден работник се подели со работните часови е многу помала и од минималната плата во Македонија. Пехчево е идеално место за викенд и одмор во летниот период, но не и за живеење. Накратко во Источна Македонија е сè потешко за живот, а не во Пехчево. Никој не сака да работи за минимална плата по 12 часа во денот, бидејќи не може да преживее ни од први до први, следниот месец, ако не работи дополнителна работа“- вели Бабалков.
Куманово е втор по големина град во државата со над 100.000 жители, со голем број чевларски, текстилни фабрики и други капацитети, но и таму бројот на невработени не е за занемарување. Олеснителна околност е што градиот е на 39 км од Скопје, има редовни автобуски линии, и оние кои нема да се вработат во Куманово, патуваат и работат во главниот град.
„Сите бараат искуство, а кога се во прашање пари за придонеси, сите вработуваат млади до 29 години за субвенционирани придонеси. Има премногу кадар, а нема пракса на факултетите. Има голема конкуренција, многу луѓе со диплома. Треба да има ограничен упис на факултетите. Во малите места е „мртво“, нема фирми, нема индустрија. За мојата струка стоматолог има повеќе работни места во Скопје, но не се многу платени“-кажа Даниела Крстевска од Куманово.
Стапката на невработеност изнесува 24.6% во државата, или 233.767 луѓе се невработени, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.