Тетовските гимназијалци Македонци ќе учат во општината
Објавено во: Македонија 27 Септември, 2016
Средношколците Македонци од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ" од утре ќе учат во општината.
Тие во знак на револт вчера и денеска држеа часови на градскиот плоштад, затоа што немаат соодветни услови за изведување на настава.
Учениците, родителите и професорите најавија дека утре учениците настава ќе одржат во зградата на општина Тетово.
Дел од нив денеска влегоа во општината, не се сретнаа со градоначалничката Теута Арифи.
„Сите наши напори покажуваат дека сакаме интеграција, но постојат законски норми и административни проблеми кои во најкус можен рок ќе ги решиме“ - вели Ахмед Ќазими од Секторот за јавни дејности при општина Тетово.
Учениците бараат настава да имаат во матичната гимназија и не прифаќаат никакви привремени решенија во несоодветни простории на Работничкиот универзитет.
Околу 250 гимназијалци од македонска настава неколку години по ред настава следат во лоши услови, чекајќи ја долго ветуваната доградба на централниот објект на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“.
Со години овие ученици бараат просторни услови, но добиваат само ветувања.