19 Април, 2024
0.0286

ТодорОфф, ТодорОн - Ќе има ли нова партија во десницата?

Објавено во: Македонија, Анализа 09 Јануари, 2020

Добивај вести на Viber

Се погласни се тврдењата дека ќе се формира нова десничарска партија пред самите парламентарни избори од поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а со цел да се спротистават на Христијан Мицкоски како лидер на опозицијата.

Иако во претходните месеци стигнуваат деманти и негирање дека ќе се формира нова партија играта ја загрева Никола Тодоров, поранешен министер за здравство и шеф на изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ на неколку изборни циклуси. Тој во неколку колумни говори за разочараност од двете најголеми партии, а во последната ја коментира анкетата на МЦМС дека има голем број на незадоволни и апатични гласачи кои би сакале да се формира нова партија.

И сега се поставува прашањето, а дали токму Тодоров е одговорот на желбите на незадоволните и разочарани гласачи. Тодоров е исклучен од ВМРО-ДПМНЕ најмногу за неговите постапки за кампањата за референдумот каде одеше на линијата да се излезе и да се гласа против. Тој беше дел од една поголема "чистка" во партијата во која беа вклучени и Сашо Мијалков, а во друг наврат беше расчистено и со реформаторското крило па дури и со Митко Јанчев градоначалникот на Кавадарци кој беше и заменик претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Тодоров во една прилика ќе напише набројувајќи ги грешките на претходните влади за забраната за абортусот. Тоа е навистина иронично бидејќи законот со кој де факто абортусот како едно од најзначајните женски права за репродуктивно здравје беше ограничен беше предложен токму со негов потпис како министер. Тодоров ако не верувал во ваков вид на решение кое ги уназади човековите права и упорно не ги слушаше огромните  критики на граѓанскиот  сектор можел да поднесе и оставка наместо да ги следи дословно политиките на Груевски. Понатаму говори и за барокот и антиквизацијата како гревови на неговата власт но, тоа е најлесно да се посочи, ете навистина "претеравме" со бројот на споменици и создавањето кич стилови. Тодоров многу потешко му е да ги признае и прифати поголемите гревови на власта на Груевски каде да потсетиме дека тој беше еден од главните "архитекти", а меѓу нив се рушење на слободата на говорот, неконтролирана партиска пропаганда, ширење на омраза, закани за неистомисленици, брутална партизација на институциите, па и создавање пара систем во државната управа.


Тоа што изненадува е фактот дека веќе постои Фејсбук страница наречена Ново ВМРО-ДПМНЕ, каде се објавуваат пред се вести со критики за Мицкоски, како и колумни и ставови на Тодоров, но во глобала доминираат постови од најактивните членови на Македонски концепт, платформата која ја најавија реформаторите кои повеќе не се дел од раководните тела на ВМРО-ДПМНЕ.

Со оваа нова платформа се игра подолго време топло-ладно. Од една страна амбициозно беше најавено дека ќе се вклучиле голем број на интелектуалци, членови од најразлични партии, еден вид на обединување на идеолошка и етничка основа, пандан на Едно општество за сите. Сепак, многумина "вмровци" добро знаат дека секогаш кога се формира нова десничарска партија може да биде лошо како за матицата, така и за "одметнатите".

Поделбите и расколите во ВМРО-ДПМНЕ од 1991 година се многу добро познати и често се создаваа нови партии од десницата. Од Голубовски до Стојменов, Доста Димовски, Љупчо Георгиевски, Љубе Бошкоски, Филип Петровски и многу други се обиделе да направат "ново" ВМРО по кавгите со своите лидери или амбициите да се зграби политичка моќ. Единствено Војводата имал поголем успех со освоени пратеници на избори, но оставал ВМРО-Народна да ја водат други луѓе, па така тивко дозволи таа да падне во рацете на Груевски за сега дел од неговите најверни структури да чекаат шанса упорно со други комбинации на политичката сцена.

Во овој стил и нова партија од десницата во која би биле како што се шушка Сашо Мијалков, Никола Тодоров и нивни блиски соработници единствено што засега недостасува е потенцијален лидер. Но, и тука пребегнатите членови на ВМРО-ДПМНЕ не оставаат ништо на случајност па често во комбинација се споменува името на Митко Јанчев како потенцијален лидер на една таква нова партија. Јанчев е навистина неискористен ресурс од страна на Христијан Мицкоски кој во него се повеќе гледа ривал и соперник отколку соработник и сојузник. Да потсетиме дека Јанчев е единствениот засега градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ од поголем град во земјата, богат и способен бизнисмен кој и добро ја менаџира општината и има солиден рејтинг. За еволуцијата во политиката на Митко Јанчев секако заслуги има и од страна на Никола Тодоров, па несомнено нивната блискост е повод за можните комбинаторики за формирање на нова партија. Но, треба да биде и јасно дека директен настап на избори со актуелниот модел може да биде фатално. Помалите партии од десницата може само да откинат дел од гласовите за ВМРО ДПМНЕ правејќи им директна штета во вечната борба со СДСМ а притоа најверојатно не би ни освоиле ниту еден пратеник топејќи ги гласовите во шест изборни единици.

Груевски во 2011 имаше голем поход во враќање на голем дел од политичките соперници во десницата под своја капа, практично ги згасна ВМРО-Народна, Обединети за Македонија, Демократска десница и многу други помали субјекти. Дел од нивните членови потоа станаа и високи владини функционери тврдокорно бранејќи ги неговите политики што покажува дека и таков политички пат е возможен, од надвор да се врати некој назад во јадрото, но со оглед на поделеноста и зајаденоста во овој момент такви политички авантури може да донесат големи нејаснотии и непридвидливости.

Услуга на Митко Јанчев не му прави ниту СДСМ ако ете токму тоа им е идејата, да создадат расцеп во десницата и разочараните да не гласаат за Мицкоски туку за други десничарски субјекти. Во "Вог" ПР видеата и Царовска и Спасовски кажаа дека омилен политичар од опозицијата им бил Митко Јанчев, а со тоа дополнително му ја ставија метата  на грбот како политичар кој се поблиску е до СДСМ, што создава веќе вистински револт кај искрените гласачи на ВМРО-ДПМНЕ без оглед колку се тие незадоволни од закочените реформи внатре во партијата.

Сите принципи за кои покажуваат дека се залагаат екс функционери како Никола Тодоров би биле многу подобро доколку истите ги спровеле и додека биле на власт, па затоа и без оглед колку и да постои огромна разочараност кај гласачкото тело простор за нови партиски субјекти со веќе видени играчи е тешко изводливо. А, дали и каков простор ќе им биде даден на новите перјаници и во кој правец ќе се развива нивната игра ќе покажат предизборните комбинаторики.


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

СОНК не сака да одработува саботи во училиштата

СОНК не сака да одработува саботи во училиштата

ФОТО:СЕ ПРЕВРТЕ ВОЗИЛО ПО ПРЕВОЈОТ СТРАЖА НА ПАТОТ ГОСТИВАР-КИЧЕВО: Се чека полицијата да пристигне

ФОТО:СЕ ПРЕВРТЕ ВОЗИЛО ПО ПРЕВОЈОТ СТРАЖА НА ПАТОТ ГОСТИВАР-КИЧЕВО: Се чека полицијата да пристигне

ЕДЕН ОД КРАДЦИТЕ НА СЕФОТ НА „ВОСТАНИЧКА“ ПАДНА ВО РАЦЕТЕ НА ОЈО: Станува збор за 23 годишно момче, еве ги деталите

ЕДЕН ОД КРАДЦИТЕ НА СЕФОТ НА „ВОСТАНИЧКА“ ПАДНА ВО РАЦЕТЕ НА ОЈО: Станува збор за 23 годишно момче, еве ги деталите

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо

ЗА ВРЕМЕ НА ВИКЕНДОТ, ВО РЕГИОНОТ ЌЕ ПАДНЕ ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ СНЕГОВИ ЗА ГОДИНАВА: Следува многу постудено време

ЗА ВРЕМЕ НА ВИКЕНДОТ, ВО РЕГИОНОТ ЌЕ ПАДНЕ ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ СНЕГОВИ ЗА ГОДИНАВА: Следува многу постудено време

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите