17 Ноември, 2025
0.0245

Трамп ќе бара кинеска помош за мир во Украина

Објавено во: Колумни 27 Октомври, 2025 07:39

Добивај вести на Viber

Рускиот претседател, Владимир Путин, вчера го потврди она што го најави на 10 октомври. Тој тогаш зборуваше за некое ново оружје, кое веќе е готово. Многумина коментатори тогаш сметаа дека Путин го има предвид „Буревесник“. Крилата ракета, која тој со анимација ја прикажа уште во март 2018 година во обраќањето пред Федералното собрание. Зборуваше дека ќе биде на атомски погон, дека ќе може да лета речиси неограничено, без да биде откриена или пресретната од непријателски проектили. Таа може да носи и нуклеарна боева глава. Тој тогаш ги демонстрираше и ракетата „Кинжал“, интерконтиненталната ракета „Сармат“, подводното нуклеарно торпедо „Посејдон“ ... 

На средбата со генералите вчера беше речено дека испитувањето на ракетата „Буревесник“, било направено на 21 октомври. Во воздух била 15 часа, а за тоа време поминала 14 илјади километри. Набљудувачи од Западот засега не можат да ја потврдат оваа вест.  Но се тврди дека уште во август годинава имало навестување за испитувања, кои не се случиле. Според разузнавачки податоци, од 2017 до 2019 година имало 13 обиди за лансирање на ракетата и само две биле успешни. Во 2019 година ракетата падна во Баренцово море, а при обидот да се извлече дојде до експлозија во која загинаа седум лица. Меѓу нив и научници. Што беше потврдено и од руски извори. Последното успешно лансирање на ракетата било во 2023 година.

Во руски медиуми веќе се зборува за овој настан. Па се поврзува со санкциите од Европа и САД, па и тврдењето на американскиот претседател, Доналд Трамп, дека руската економија ќе падне за шест месеци, но, кога ќе дојде време за тоа тој ќе биде многу разочаран. Се тврди дека ракетата „Орешник“ беше предупредување до Европа, а „Буревесник“ е „предупредување“ до САД. Во сето ова треба да се има предвид и ракетата „Томахавк“, која беше на дневен ред изминатиов период, во разговорите на Трамп со украинскиот претседател, Владимир Зеленски. Тој ги бараше тие ракети за да може да гаѓа цели длабоко во внатрешноста на Русија. Трамп испораката на „Томахавк“ ја стави на листата за чекање на Украинците, а се одлучи за санкции кон Русија кои се однесуваат на нафтата. Санкции кон руски нафтени компании. Деновиве Трамп е на азиска турнеја, па најави дека на таа тема, нафтата и војната во Украина ќе разговара со кинескиот претседател Шји Џинпинг.

ТРГОВСКИТЕ ПРАШАЊА ДОГОВОРЕНИ

Колку и како може средбата на Трамп и Шји да влијае врз војната во Украина? Трамп веќе е во Малезија. На самитот на АСЕАН (Асоцијација на државите од Југоисточна Азија), кој ќе трае до утре. На 29 октомври Трамп ќе биде во Јужна Кореја на неформалниот самит на лидерите од Азиско-тихоокеанската економска соработка. На 30 октомври е планирана негова средба со Шји Џинпинг. Рускиот претседател беше поканет во Јужна Кореја, но руската делагација ќе ја предводи заменикот премиер Алексеј Оверчук.

За средбата на Трамп и Шји веќе наголемо се дебатира и се зборува  Од нејзините резултати многу ќе зависи натамошниот развој на односите меѓу САД и Кина. Но и глобалните економски и геополитички процеси. Во предвечерието на средбата дојде вест дека САД и Кина постигнале претходна согласност за трговските прашања. Неа треба да ја потврдат Трамп и Шји. Договорено е да продолжи „трговското примирје“, контролата на извозот и проблемите со фентанилот. Па така 100 процентните царини кон Кина се тргнати од дневен ред, а Кина ќе ја укине извозната контрола на ретките метали. Таа исто така ќе купува американска соја, што му беше многу важно Трамп за да се појави пред загрижените американските одгледувачи на тоа растение, а кои ќе имаа големи штети од откажување на Кина од купување на американската соја.

Двете делегации зборува за економската соработка. Сега му останува на Трамп со Шји да проговори и за Русија. За енергенсиоте, за нафтата и војната во Украина.  Трамп веќе изјави дека ќе бара од Кина да прекине со купување руската нафта за да се притисне врз Путин да ја прекине војната на линијата на фронтот. Но Русија го држи Трамп за зборот, кога со Путин се договориле за постигнување траен мир, а не прекин на војната, па потоа да се договара мир.

Што се однесува до енергенсите, вчера беа објавени податоци, според кои најголеми купувачи на руска нафта и нејзини деривати од почетокот на војната во Украина до септември годинава, се Кина со 152 милијарди евра, Индија-119 милијарди, Турција-60 милијарди, Бразил-19 милијарди, ЕУ-17 и други со 80 милијарди евра. Кога станува збор за течниот нафтен гас и гасот низ гасоводи, најмногу пари дала ЕУ. Дури 42 милијарди евра, па Кина-28 милијарди, Турција-20 милијарди, Јапонија,-седум милијарди и други, седум милијарди евра. За јаглен, пак, Кина, Индија и Турција платиле 51 милијарди евра, Јужна Кореја-7 милијарди, Тајван три милијарди и други осум милијарди евра. Се гледаат спонзорите на Русија. Меѓу нив не мал спонзор е ЕУ.

ЕВРОПА НЕМА ПАРИ

Таа е и главен спонзор на Украина, освен САД, кои, според Трамп, за времето на Бајден дале дури 300 милијарди долари. Европа веќе нема пари, сите членки кукаат за лошите економии, па сега сака да посегне по замрзнатите руски пари. Но таа работа тешко оди. Не од друго, туку и од нечии интереси на членките на Унијата. Белгија, на пример, каде што се руските замрзнати пари, во Еуроклир, а на кои смета ЕУ, таа годишно од камати добива речиси 1,5 милијарди евра. Оваа тема бара посебно навраќање, дотолку повеќе што одлуката за тие пари не беше донесена на последната средба на Европскиот совет и ја одложија за декември.

Сега, што може да направи Трамп со Кина? Покрај барањето Кина да го намали купувањето руска нафта, може да бара од неа да влијае врз Русија да направи отстапки за војната во Украина. Затоа што економската зависност на Русија од Кина е голема.  Но од друга страна и покрај своевремените најави и планови и создавањето на „групата на мирот“, заедно со Бразил, на Кина, во некоја рака, и одговара војната да продолжи. Русија ќе стане уште позависна од неа, а на тој начин се’ повеќе ќе се оддалечува од Западот. Ова е малку веројатно. Од причина што со таквиот однос, Кина ќе загуби во очите на „групата на мирот“, а таму се речиси сите членки на БРИКС, но и кај Глобалниот југ.

Кина ќе поаѓа, како и секоја сериозна земја, од своите интереси. Како што тоа го прават и САД. Таа ќе ги вага заканите од Трамп од една страна, со ползата што ја има од поддршката на Русија. Да не заборавиме дека Кина ги осуди последните американски санкции, за нафтените компании, кон Русија. Кина може да му ги понуди на Трамп идеите од „групата на мирот“, кои исто така зборуваат за прекин на огнот, но со отстранување на корените на причините за војната. И да се гарантира безбедноста не само на Украина, туку и на Русија. Тие идеи се блиски на Москва. Па прашање е дали САД би ги прифатиле. Но кога е Трамп во прашање, тој може да изјави дека се договорил со Шји, па по враќањето во Вашингтон да рече „пу, пу не важи“. Како што правеше досега после секој разговор, било со Путин, било со Зеленски.

КИНА Е НАУЧЕНА ДА ЧЕКА

На Кина и пречат санкциите кон Русија, бидејќи со нив се погодени и некои кинески компании.  Но и последиците од сегашните санкции Русија ќе бара начин да ги намали. Како што правеше во минатото. Било со Кина, било со Индија или Турција. Трамп не може да отвори фронт со сите нив. Тоа се гледа од последиците за Европа. И покрај 19 пакети санкции, тие се исто така поразителни и за ЕУ. Германскиот канцелар Фридрих Мерц, требаше да оди во Кина. Веројатно да зборува и за Украина. Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул се подготвуваше да ја посети Кина за да ја подготви посетата на Мерц. Но од Пекинг дојде „ладен туш“. Домаќините немале термини за средби. Кинезите имаат долго паметење. За време на последната азиска турнеја на Вадефул, во Јапонија, тој ја нарече Кина извор на закани за демократијата и владеењето на правото во регионот и дека Пекинг „помалку или повеќе отворено се заканува за еднострано менување на статус-квото и менување на границите во своја полза“.  Ова зборува дека Кина не простува. И дека нејзиниот интерес во моментов е да не го прими Мерц. Така ќе биде и со обидите на Трамп да ја притисне Кина во поглед на Русија.

Кинезите отсекогаш воделе политика на чекање. Своевремено „таткото“ на современа Кина, Денг Ксијаопинг, во преговори со Јапонија околу спорни острови им предложил на соговорниците, парафразирам, „бидејќи ние не можеме да го решиме ова прашање да го оставиме на идни генерации, можеби тие ќе бидат поумни од нас“. Ова и се може на Кина, но не и на секоја држава. Затоа Кина, иако е заинтересирана за побрз крај на војната во Украина, таа не сака да прави нагли чекори  во контекст на односите со САД и Русија. Затоа и Тајван нема да биде нападнат уште десетици години. Доволно им е тоа што САД не се откажале од поддржувањето на политиката на „единствена Кина“.

Одбивањето на Шји да ја притисне Русија,  отвора неколку опции за Трамп. Украински медиуми анализираат. Прво, да се започне притисок врз Кина, што би можело нагло да ги влоши односите меѓу двете земји, да го наруши трговскиот договор. Но тоа не е веројатно. Веќе кажавме дека се договорени рамките на новиот договор. Големиот притисок од САД може да предизвика уште поголемо зближување меѓу Москва и Пекинг (вклучително и во воената сфера). Засега ова е тешко остварливо. Русија и Кина не сакаат да градат воен сојуз. Со тоа би го урнале БРИКС. Второ, да се остави Кина на мира, но да се продолжи со проширување на санкциите и другиот притисок врз Русија. Ова, додека се одржуваат економските врски меѓу Русија и Кина, нема да има клучно влијание врз способноста на Русија да ја продолжи војната. Трето, да не се презема ништо, постепено оддалечувајќи се од војната во Украина, без понатамошен притисок врз Путин, Зеленски или Кина. Четврто, да се изврши притисок врз Зеленски да се согласи со условите на Путин. Како и да биде, едно е јасно. Шји и Путин се договорија пред некоја година да направат промени какви што немало 100 години. Веројатно не се откажале од таа цел.

Доналд Трамп сака мир во Украина, но него повеќе го интересираат ретките метали од Кина и американската соја, отколку Украина. Трамп пред некој ден, кога го слушна рускиот коментар на неговите санкции, рече дека ќе видиме што ќе биде по шест месеци. Посредно тоа може да значи дека тој си одвоил шест месеци за некакво решение за мир во Украина или други решенија. По средбата со Шји. можеби вооружен со нови сознанија и расположенија, тој ќе се наврати на средбата со Путин. Тој ја најави и тој ја одложи. До некаква конкретност.  А во меѓувреме Русија и Украина, па и Европа нека трошат пари. Тој што ќе ги нема ќе биде поразен.

Мирче Адамчевски



Можеби ќе ве интересира

Корумпираните соработници можат да го урнат Зеленски

Корумпираните соработници можат да го урнат Зеленски

Зошто е важно да знаеме колку чини нелекувањето на некоја болест?

Зошто е важно да знаеме колку чини нелекувањето на некоја болест?