Трамп со еден удар сака да реши два проблема

Објавено во: Колумни 23 Јуни, 2025 07:10
Режимите кои се во опасност од дестабилизација дома, обично посегнуваат по надворешни потези за да ја прикријат таа опасност. Тоа е карактеристика, обично, за авторитарните режими, но еве сега сме сведоци на таков потег и од Америка. Последните немири во САД и отпорот кон политиките на претседателот Доналд Трамп, изразен и преку масовни протести, како да беа добродјдени тој лесно да отстапи од најавената предизборна мировна политика. Да стави крај на „жешки жаришта во светот“, да не дозволи Америка да води војни и со сила да менува власти ширум светот. И секако, да добие Нобелова награда за мир!
Трамп, потклекна под притисокот на т.н. неокоми(нови конервативци) и Израел, удри по Иран со „полноќниот чекан“, па вели „сега дојде време за мир“. После нанесените штети и жртви во Иран од страна на Израел, американските бомби удрија врз она што не можеше да го уништи Израел. Демек, да се доуништела нуклеарната програма на Иран, кој небаре е на прагот на производство на атомска бомба. Факт кој официјално не е потврден, дури и од Меѓународната агенција за атомска енергија. Но веќе дваесетина години се врти во главите на израелскиот премиер Бенјмин Неатенјаху и неговите сорбатоници, но и во главите на неокомите од САД. Тоа се луѓето во администрацијата на американските претседатели и надвор од неа, бизнисмени, експерти и влијателни медиуми, кои ја поттикнуваат интервенционистичката политика на САД. Но, сега се виде дека под нивното влијание потпаднал и Трамп. Исто како што и Џорџ Буш помладиот без факти и докази удри врз Иран. Историјата се повторува, но не како фарса, туку како трагедија.
Потегот што го презеде американскиот претседател е голем ризик. Во прв ред, никој засега не знае каков ќе биде одговорот на Иран. Има варијанти дека ќе биде силен, дека ќе бидат нападнати американските војници во 19-те бази на Блискиот исток. Што може да резултира со нови воени операции, се’ до отворена војна меѓу САД и Иран. Војна, која не им гарантира на Американците дека ќе поминат како со СР ЈУгославија, Ирак, Либија и дека ќе ја соборат иранската власт. Ова од причина што Иранците, кои и колку да не го сакаат нивниот режим, многу повеќе не ги сакаат Американците. САД, преку пропагандата во Иран се симбол на злото. Режимот во Иран треба да е многу, многу трул, па поголемиот дел од 90 милионското насление да се сврти против власта и таа брзо да падне.
ВНАТРЕШНИ ПРОБЛЕМИ
Втора варијанта е продолжување на дуелот со Израел. Па ќе зборуваме за дуел на истоштување. Кој, како и во некои минати израелско-ирански препукувања, со посредување на Американците завршуваа на „обострано задоволство“ со мали штети. Можеби Нетанјаху ќе бара помош од Американците, ако војната се развлече, и за соборување на иранската власт. Третата варијанта е Иранците да си ја наведнат главата. И да ги прифатат сите услови за мир што ќе им ги постават САД и Израел. Ова е најневеројтен епилог. Епилог, кој може да доведе до смена на власта одвнатре, и доаѓање на нови радикални политичари и воени лидери. Милитантно настроени припадници на разните воени формации, и особено Стражите на револуцијата.
Ударот врз Иран, за кратко време ќе ги покрие внатрешните проблеми на Трамп, но нема да му ги реши. Затоа ризикот од бомбардирањето на Иран не е само воен. Не помал е и домашниот ризик. Расположението кон Трамп сигурно ќе се менува уште повеќе. Ако досега не го сакаа поради аворитарните потези во поглед на разни забрани и носење одлуки, кои се во спротивност со демократските традиции на САД, сега многумина негови приврзаници си поставуваат прашање, како човекот кого го поддржаа на изборите како „мировник“ ја воведува државата во војна. Дури и членови од неговиот кабинет или поставени од него, па сега ги омаловажува. Како резултат на менување на ставовите на неговите гласачи кон претседателот може да се случи на следните избори за Сенатот и за Претставничкиот дом Републиканците да го изгубат мнозинството. И последните две години од мандатот Трамп да ги мине во борба со новото мнозинство, но и со разните обиди за негов импичмент. Како што беше во првиот мандат, кога тој повеќе се занимаваше со зачувување на кожата, отколку со водење на државата.
Сега САД сакаат да ја релативизираат целата работа. Па Трамп повикува да нема ирански воени одговори, затоа што ќе следат посериозни последици и дека е дојдено време за мир. Сето ова се кажува како ништо да не се случило! А зошто Иран да му верува на Трамп? Тој беше против бомбардирање на Иран пред да стане претседател, тој за време на првиот мандат излезе од планот за иранската нуклеарна програма. За време на вториот мандат почна преговори за таа програма. И ги замајуваше соговорниците со нив, додека зад кулисите се подготвуваше за поддршка на Израел. Две држави кои имаат нуклеарно оружје нападнаа трета, која воопшто го нема, превентивно, евентуално да не направи такво оружје.
ЦЕНАТА НА ВОЈНАТА
Токму превентивноста отвора порти и други да посегнат по неа. Поранешниот американски амбасадор во Москва, Мајкл Макфол, ударот по Иран го поврзува со ризикот тоа да се користи и од други земји, а конкретно од влегување на Кина во Тајван. „Можеби, Шји Џинпинг мисли исто така. Тој се подготвува да каже:„ Па што, ако тие (САД) можеа тоа да го направат овде (во Иран), ние тоа можеме да го направиме на Тајван“, смета Макфол. Сега може да започне превентивна трка во производство на нуклеарно оружје ширум светот. Оние кои ќе можат. Се гледа дека тоа оружје е најдобра одбрана и заштита. САД ја критикуваат Северна Кореја, но не ја напаѓаат. Ниту Пакистан, ни Индија. Ги нападнаа СР Југославија, Ирак, Сирија, Либија и сега Иран. И Русија влезе во Украина „превентивно“ за ликвидирање на некои закани, на пример неонацистите...И во случајот со САД и Израел, со ударите врз Иран, никој веќе не дослушува за нарушено меѓународно право.
Развојот на настаните околу Иран ќе влијае многу и врз настаните околу Украина, па и пошироко. Заглавувањето на САД во војна со Иран ќе ги сведе на минимум шансите за финансиска и воена помош на Украина. Може да доведе и до раскол на Западот. Не случајно веќе се зборува за реформи во НАТО и во ЕУ. Зашто вакви како што се не можат да опстојат. Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето за „Политико“ изјави дека „НАТО во „неговиот сегашен вид“, нема смисла да постои“. САД би влегле во војна со огромен надворешен долг, кој е „темпирана бомба“, чија експлозија може да биде поттикната од новите воени трошоци. Но работите можат да бидат полоши и за Русија доколку кризата околу Иран брзо заврши. Тогаш Трамп ќе биде осилен па ќе може посилно да се постави кон Русија за нејзините барања кон Украина, Неоконите ќе го користат тој факт. И ќе притискаат врз Трамп да и даде поголем отпор на Русија. Се разбира тоа тешко би дало резултат, но би ја зголемило цената на војната за Русија. Неоконите можеби ќе го осилат Трамп да се спротивстави и на Кина. Да покаже дека „правото е во силата“ и дека со „сила најлесно се постигнува мир“. Онаму каде што ќе може тоа да помине. И дека Америка повторно е хегемон и најсилна во светот.
Веќе има напоменувања дека Трамп може да почувствува желба за војна и, на пример, да се обиде „во движење“ да ја собори комунистичката влада на Куба. Или да го заземе Гренланд. Или да ја анектира државата Алберта во Канада, каде што се вади поголемиот дел од канадската нафта и каде што постојат сепаратистички расположенија. Или да не заземе или да не анектира ништо, туку едноставно остро да бара Канада и најголемите европски земји да го следат примерот на Вашингтон во сè и да се откажат од својот левичарско-либерален курс.
ВОЕНА „ДУБАРА“
За среќа работите не одат во таа насока. Во прв ред Трамп ќе има отпори кај себе дома. Ќе има и во Европа, која сега никој не ја есапи, но таму има држави кои само мрморат против односот на Америка, а ќе дојде време кога ќе мора да почнат да зборуваат гласно. БРИКС на самитот во Бразил и Глобалниот југ ќе извлечат поуки од американското однесување. Попрецизно однесувањето на Трамп.
А Иран? Во Техеран се подготвуваат да го затворат Ормускиот теснец, како прв економски чекор во војната со САД. Низ него минува 20 проценти од светскиот транзит на нафта - но овој чекор ќе влијае на интересите на многу други држави, првенствено на оние што се наоѓаат во Персискиот Залив. Но и снабдувањето со нафта на азиски и европски држави. Во Америка веќе предупредуваат на сајбер напади од страна на Иран, кој може да им се приклучи на Русија, Кина и Северна Кореја. Исто така официјално се предупредува на опасности внатре во САД од приврзаници на Иран, но и ширум светот.
Навистина, има верзија дека сè што се случува е некаква „дубара“ , некаков договор за да може американскиот претседател Доналд Трамп да стави „голема точка“, изјавувајќи дека сите цели се постигнати и војната е завршена, по што Израел, а со тоа и Иран, ќе ги сопрат нападите. Оваа можност не може да се исклучи 100 проценти, но засега, освен поединечните „протекувања“ во медиумите и отворањето на воздушниот простор од страна на Израел, денес за евакуација на цивилни летови, нема многу што укажува на тоа. И меѓусебното гранатирање продолжи по американските напади. Единственото нешто што може да се претпостави е дека Иран навистина знаел за нападот врз Фордо однапред, бидејќи таму извршувал одредена работа претходниот ден. Се претпоставува дека бил преземен и транспортиран на друго место збогатениот ураниум.
Ако ова е шпекулација, останува нејасно дали воинствениот Трамп ќе ја заврши својата воена кампања или ќе се обиде да го менува режимот во Иран. Што вчера вечер го најави како можност. Во меѓувреме дома да не му се случи да му го подготват теренот за негово менување и менување на неговиот режим. Зашто деновиве веќе има најави за импичмент, токму поради ударите врз Иран. И наместо два, да не реши ниту еден проблем.
Мирче Адамчевски
Можеби ќе ве интересира
Влатко Сулев: Руралниот туризам нуди автентичност. Треба да креираме туристички мапи

Што точно значи терминот „Фармакоекономија“ и зошто е важна за Македонското здравство?

СМЕЛОСТА НА НАДЕЖТА: ЕДНА НОВА, ПОАМБИЦИОЗНА МАКЕДОНИЈА

Доаѓањето на Трамп на власт го подотвори „прозорецот за можности“ за Русија на Балканот
