05 Мај, 2024
0.0233

Трчајќи до профит

Објавено во: Анализа 10 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Честопати во последно време го слушаме прашањето во каков бизнис и каде да се инвестира? Каде денес може да се оствари сигурен профит? На пазарите? Многу тешко. Дури и оние дежурни сезнајковци кои повремено се јавуваа со советите од типот “вложувајте во злато “ како во земја да пропаднаа откако и златото оваа година загуби повеќе од 30% од вредноста. Има ли сигурен профит на берзите?  Се сеќаваме пред Кризата околу 2006-2007 година на Македонската Берза  воопшто не се поставуваше прашањето дали ќе направите ќар туку стравот беше дали ќе купите од оние акции што ќе пораснат “само” 5-10% неделно а не од оние каде тој ќар ќе биде 30-40% НЕДЕЛНО? Можеби ситуацијата и се нема сменето драстично на нашата берза?  И денес ситуацијата е во доменот на “сигурен профит”. Или што би рекол Ворен Бафет одлично време за купување багателни акции. Навистина не се шегувам. Цените на повеќето компании се прилично  ниски. За жал поради слабата ликвидност на нашата берза проблемот е во тоа што за да го дочекате профитот ќе се изначекате.  Можеби  2, 5,10,15 години? Како тргнало последнава година-две на Берзата некои од денешните инвеститори ќе ги дочекаат профитите од сегашните портфолија таман за да си купат ковчег и венец. Пу, пу, пу..скраја да е. Ќе биде белким поарно. Така резигниран од моментната фрустрирачка ситуација на финансиските пазари каде очекувањата за подобри времиња се пролонгираат еве веќе неколку години , решив да го промовирам здравиот живот и долговечноста и оваа колумна да ја посветам на Трчањето или како некои милуваат да кажат Џогирањето. Разликата помеѓу трчањето и џогирањето е во брзината. Според теоријата, ако трчате со брзина под 10 км на час тогаш џогирате , а ако трчате со брзина поголема од 10 км на час тогаш сте тркач. Но според мене, доколку во било кој момент од еден прекрасен сончев ден излезете во природа, потрчате и го осетите фијукот на оној сладок ветар во лицето тогаш навистина трчате. Затоа единствено зборувам за “трчање”. Мислам дека сум релевантен да зборувам за трчањето затоа што горе-доле со одредени помали или поголеми паузи трчам на кејот на Вардар околу 15-16 години. Кога започнував да трчам, кејот на Вардар беше запуштено место обраснато со дива трева. Се сеќавам тогаш, со мојот другар Баба кој ме навлече на трчањето, се подготвувавме да ги подсредиме нашите торза за предстојниот одмор на Езерото Балатон во Унгарија, си трчавме и си ја пеевме “туд маџаром тудом тудом, Маџарица млада” цело време на потегот од Луна Паркот се до мостот кај денешен Александар Палас.  Можевме да си пееме затоа што тогаш едвај дали ќе се разминевте со некого по Кејот.  А денес вакви вокални излети тешко може да се прават бидејќи денес, особено во пролетните и летните месеци, Кејот врие од рекреативци од сите возрасти и интимата во рекреирањето е намалена . Во изминатите 15-тина години Ристо, Коце, Стевче и други урбани типови, нека ми простат другите што ги испуштам, го средија кејот да биде интересно место за одмор и рекреација за сите скопјани, каде може да се рекреира и спортува без оглед дали ќе пешачите, возите велосипед, ролерки или ќе медитирате упразнувајќи јога например. Ваква патека малку градови во европа имаат. Познати релации на кои се рекреира на Кејот се од мостот на ОН во Влае до Палас и обратно , од “кај Жабарот” до Палас, или во Аеродром од Мостот Близнак до Плавиот мост. Релациите се воглавном во двата правци вкупно од 4 до 6 километри, а со пешачењето од Вашиот дом или паркинг, до самиот Кеј Вашиот внатрешен телесен километражник ќе Ви покаже дека поминувате сигурно отприлика 7 километри во просек ако трчате со нормално темпо 30-40-тина минути.. Го преферирам трчањето затоа што е доста здраво, а од друга страна доволни Ви се половина час дневно 3-4 пати неделно за да комплетно ја подобрите Вашата форма и здравјето. Незнам во што е јадецот кој ме навлече на трчањето? Можеби е тоа егзалтацијата од летањето на телото во воздухот или можеби удирањето по земјата при потскокнувањето што праќа вибрации преку коските се до центрите за задоволство во мозокот. Или можеби просто, се работи за она добро чувство во душата кога знаете дека сте направиле нешто добро за себе. Што и да е се работи за позитивна зависност која има корисен ефект врз Вашето тело и душа. Има безброј здравствени поволности од трчањето, а колку понапорно и почесто трчате поволостите се уште поголеми. Доволно е и просечно ангажирање и преоѓање од седечка положба кон минимална физичка активност и ангажирање барем 3 пати неделно по половина час за да почуствувате комплетно здравствено подобрување. Медицински е докажано дека луѓето кои трчаат редовно и конзистентно имаат значително намалување на холестеролот, мастите, триглицеридите, а ризикот од срцеви болести драстично е намален. Долгопругашите што трчаат повеќе од 30 км неделно имаат скоро за 50% намален крвен притисок и намалена потреба за 50% за користење на лекарства за регулирање на притисокот. Со трчањето се зголемува фитнесот и на Вашето срце и силата на пумпање , а со тоа и можноста Вашите мускули да го користат кислородот поефикасно. Долгопругашите имаат за трипати поголема способност да го користат кислородот од оние кои немаат никаква спортска активност. Трчањето ја зголемува и активноста на ензимите и хормоните кои ги стимулираат мускулите и срцето да работат поефикасно. Трчањето согорува повеќе маснотии споредено со другите вежби. И не само трчањето, туку и возењето велосипед, ролерки, планинарењето, а и пешачењето се исто така многу корисни. Она што е предност на трчањето споредено со останативе вежби е фактот што е потребно да одвоите само малку слободно време, максимум до 1 час од вашето време. Возењето велосипед, пешачењето, качувањето на Водно одзема 2-3 пати повеќе време за ист ефект што во ова модерно време кога денот не би ни стасал и да трае 30 часа е многу битно. Ова лето повторно го осетив филингот на трчањето. Со мојот партнер за трчање, соседот Пеце, трчавме рано наутро во просек 3-4 пати неделно. Не ни сметаа високите температури бидејќи трчавме од 5:30 до 06:30 часот наутро кога е посвежо. Ние и уште два-тројца ентузијасти. Додека најголемиот дел од градот мирно спиеше ние трчавме речиси 6 км и слабеевме околу 500-600 грама по секоја ваква сеанса. Потоа имав време и да се истуширам, да го спремам детето за градинка, да испијам кафе,  да проверам како поминал денот на берзите на далечниот исток и повторно да стигнам на време на работа. Затоа не размислувајте воопшто и излезете на патеките за трчање. Сигурно ќе профитирате , а доколку тоа го правите долгорочно неколку години сигурно ќе си го продолжите животниот век за минимум 5 до 10  години. За да трчате не ви треба многу, ниту пари, ниту да закажувате третмани, тренери,  ниту да купувате скапи велосипеди, ролери, душеци за јога и слично. Сигурно ќе најдете време помеѓу две испиени лезетски кафиња, или помеѓу 2-3 турски серии и онака дејствието е прилично растегнато.  Разбудете го повторно во себе оној детски жар за безгрижна игра и авантура и уште утре впуштете се во ново животно поглавје. Ако се плашите како да почнете за да Ве поттикнам цитирам извадок за тоа како за трчањето зборува една од филмските икони на нашата младост Форест Гамп: “ Тој ден без очигледна причина , излегов малку да потрчам. Истрчав до крајот на патот, и кога стигнав таму, си реков зошто да не истрчам до крајот на градот?А кога стигнав и таму си реков, а зошто да не го претрчам целиот Гринбоу Округ. Потоа сконтав дека штом го истрчав и ова, зошто да не ја истрчам и целата голема држава Алабама. И тоа и го направив, ја истрчав и Алабама. Без никаква определена причина постојано продолжував да трчам понатаму. Истрчав се до океанот. И кога стигнав таму си реков штом стигнав толку далеку, можам и да свртам назад и да продолжам со трчање. Кога стигнав до другиот океан, повторно си реков, дај да свртам уште еднаш и повторно да продлжам да трчам. Кога ќе се уморев, спиев. Кога бев гладен јадев, а кога требаше да појдам, знаете, трчав. Така си трчав цели 3 години, 2 месеци, 14 дена и 16 часа” . Не морате да трчате 3 години како Форест. Доволни Ви се 30 минути дневно. Дарко Стојкоски авторот е член на Извршен Одбор на АЦИ Македонија – Здружение на Финансиски пазари

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад