„Тргопродукт“ на Заеви доби 1,4 милиони евра неповратен грант од земјоделската агенција
Објавено во: Економија 29 Април, 2022 07:30
„Тргопродукт“, најпознатата компанија во сопственост на членовите на фамилијата на поранешниот премиер Зоран Заев, доби неповратен грант од 1,4 милиони евра од ИПАРД-програмата преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Компанијата од струмичко Дабиље, која се занимава со откуп на овошје и зелечук и го поседува брендот Мама'с, на 21 април добила исплата од 86.608.249 денари. Оваа сума следува како учество во инвестициски проект и е втора најголема дадена како грант во историјата на земјоделскиот фонд откако се работи со ИПАРД-програми.
- Финансиската поддршка за корисникот ДПОЗ Тргопродукт ДООЕЛ изнесува 86.608.249 денари за набавка на опрема за прием, обработка и преработка на земјоделски производи и опрема за полнење, затворање, пастеризација, пакување и етикетирање на производи, односно 75% ЕУ учество во износ од 64.956.187 денари и 25% национално учество во износ од 21.652.062 денари, се вели во објаснувањето на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Годишно агенцијата доделувa околу 500-тини грантови за инвестиции реализирани од правни и физички лица. Во оваа сума ЕУ има учество од 75 отсто, а со 25 проценти учествува државата. Пет години од исплатата е рокот по кој сопственикот не смее да ја продаде инвестицијата.
Парите се добиваат за инвестиции како од типот: систем капка по капка, модернизација и реконструкција на фарми, преработка на производи, алтернативно земјоделско производство, пчеларство, но и изградба на хотели во рурални средини и области вон град. Најмалку половина од вложените средства се исплаќаат назад, а најмногу тие можат да бидат 65 отсто.
Годишно има и до 90.000 апликанти. Агенцијата за поддршка на земјоделство и рурален развој парите ги исплаќа откако ќе заврши инвестицијата, со која не смее да се започне пред да биде постигнат договорот.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите




