Трговскиот дефицит проблем за трговијата-Повеќе увезуваме од што извезуваме
Објавено во: Економија 05 Мај, 2016 14:30
Еден од најголемите проблеми на македонската економија е високиот трговски дефицит.
Според последниот извештај на Статистика трговскиот дефицит во првите три месеци од годинава бележи раст.
Имено, податоците велат дека вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари-март 2016 година, изнесува 60 649 158 илјади денари и бележи пораст од 5.9% во однос на истиот период од претходната година.
Вредноста на увезената стока, пак во периодот јануари-март 2016 година, изнесува 83 654 958 илјади денари што е за 3.9% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Тоа значи дека во првиот квартал трговскиот дефицит изнесувал 23 005 800 илјади денари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-март 2016, изнесува 72.5% .
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи).
Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), електричната енергија и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Во периодот јануари-март 2016 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.
Професорот на „Американ колеџ“, Марјан Петрески, неодамна за Фактор изјави дека трговскит дефицит во Македонија е структурна појава и бара реални решенија.
Од една страна ние сме многу увозно зависни, а од друга страна, не создаваме доволно висока додадена вредност кој би можеле да ја извезуваме и со тоа да го покриеме големиот трговски дефицит – потенцира Петрески.
Според него, извозот може да биде поголем само ако е поконкурентен, а ќе биде поконкурентен ако извозниците се во постојана потрага по зголемување на додадената вредност на производите што ги произведуваат и извезуваат.
Но и парите што дијаспората ги испраќа во Македонија се клучни за платнобилансната нерамнотежа.
- Со оглед дека дознаките затвораат 90 отсто од трговскиот дефицит, тие се клучни за макроекономската стабилност на земјата. Доколку ги нема, финансирањето на трговскиот дефицит ќе биде голем проблем – истакнува професорот.
Петрески додава дека дефицитот може да се намали само на долг рок, првенствено преку подобрување на конкурентноста на економијата за што се потребни поинтензивни структурни реформи, како и преку подигање на додадената вредност на производите, за што се потребни инвестиции и иновации.
Можеби ќе ве интересира
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд




