06 Октомври, 2024
0.0231

Трговските центри хит во Централна и Источна Европа, па и во Македонија!

Објавено во: Анализа 05 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Лидер во изградба на нови трговски центри на Стариот континент е Русија, каде во текот на оваа и следната година се очекува да бидат завршени 2,6 милиони квадратни метри нови модерни трговски центри. Втората позиција е за Турција со 2,2 милиони квадратни метри. Топ 10 групата се дополнува со Франција, Украина, Италија, Полска, Германија, Шведска, Холандија и Велика Британија. Русија е и лидер во новоотворените центри во второто полугодие од 2013 година - речиси 1 милион квадратни метри, што е малку под една третина од сите завршени површини во Европа. Втората позиција повторно е за Турција со малку под 500 илјади квадратни метри, а трета е Украина со околу 341 илјади квадратни метри. Помеѓу топ петте се и Полска и Франција. Градежната активност во трговскиот сектор во Европа Градежната активност во Европа се забрза значително во второто полугодие на 2013 година. Во овој период на пазарот излегле нови 3,6 милиони квадратни метри трговски простор, што е двојно повеќе во однос на првото полугодие и малку над истиот период 2012 година (3,4 милиони квадратни метри). Сепак обемот на завршените простори е под очекувањата, бидејќи отворањето на неколку проекти беше одложено за 2014 година. Најактивна е изградбата на трговски центри во Централна и Источна Европа - речиси 70 отсто од сите во второто полугодие површини (околу 2,4 милиони квадратни метри) се во земјите од регионот. Исклучок не е ниту Македонија, каде постојано се отвораат нови трговски центри. Преклани се отвори Скопје Сити Мол, а лани кон крајот на годината Капитол. Се очекува овој тренд во Европа да се задржи и во 2014 и 2015 година, а трговските површини да сочинуваат две третини од новозавршените површини во Европа. Експертите предвидуваат дека оваа година во Централна и Источна Европа ќе бидат пуштени на пазарот нови 6,8 милиони квадратни метри. Активноста ќе се забави следната година, кога се очекува да бидат завршени уште 4,2 милиони квадратни метри. Поради влошените геополитички услови во Источна Европа, сепак може да се очекува уште посилно забавување на градежната активност, ако бидат одложени некои од проектите предвидени за реализација. Клучни трендови во 2014 и 2015 година Активноста ќе продолжи да се фокусира на пазарите во Русија и Турција, како и во другите земји од Централна и Источна Европа. Во регионот се градат претежно нови трговски центри. Уделот на зголемувањето на постоечките проекти е мал. Се очекува во текот на оваа и следната година во Европа да се отворат вратите на  203 нови трговски центри, 127 од кои ќе се во земјите од Централна и Источна Европа. Истовремено во Западна Европа преовладуваат зголувањата  на веќе постоечки трговски центри - од 86-те планирани зголемувања во овие две години 67 се во западноевропските земји. Инвестициите во трговскиот сектор во Европа значително се интензивираа во втората половина на 2013 година. За целата 2013 година обемот на инвестициите е малку под 40 милијарди евра. Во последниот квартал обемот на трансакциите бил 14,6 милијарди евра - највисок од последните три месеци на 2007 година. Најпосакуваните од инвеститорите во комерцијални области остануваат Велика Британија, Германија и Франција. Трите земји привлекуваат околу две третини од вкупниот обем на инвестиции во трговски центри на Стариот континент. Заради подобрувањето на економијата се зајакнува интересот кон јужноевропски држави и особено кон Шпанија. К.К.