Ципрас инсистира грчкиот парламент да го одобри договорот во четвртокот
Објавено во: Балкан 12 Август, 2015 09:56
Грчкиот премиер Алексис Ципрас побарал од парламентот да се соберат за да го одобрат договорот со кредиторите во вредност од околу 85 милијарди евра до четврток, пренесоа светските агенции.
Во писмото испратено до претседателката на парламентот, Ципрас наведува дека сака законот во договорот, кој ќе биде доставен подоцна денес, да биде поделен на пратениците, тие да го дискутираат во парламентарна комисија во средата и да биде изгласан во четвртокот.
Ципрас истакнува дека моментот е одлучувачки за земјата и бара итно свикување на парламентот за пристапување кон одобрување на договорот. Ова ќе овозможи доделување на првата транша од помошта, потсетува грчкиот премиер.
Грција сака договорот да биде ратификуван од парламентот, за да може на состанокот во петокот министрите за финансии од еврозоната да го одобрат и Грција да ја добие првата транша од помошта навреме за плаќање кон Европската централна банка до 20 август, забележуваат агенциите.
Рано утринава министерот за финансии Евклид Цакалотос објавил дека е постигнат договор со меѓународните кредитори, со што се зголемува самодовербата дека Грција ќе остане во заедничката валута.
Европската комисија, меѓутоа, прецизира дека има само „договор во принцип на техничка основа“ и дека чека политичко одобрување допрва. Портпаролка во Брисел изјавила дека станува збор за технички договор, постигнат од грчкиот тим и од преговарачите од името на европските институции.
Таа додаде дека преостанатите детали за објаснување, вклучувајќи ја приватизацијата на фондот од 50 милијарди евра, кој се очекува да биде формиран во Атина, ќе бидат расчистени до крајот на денот.
Осврнувајќи се на привремена природа на договореното, претставничката на Брисел одби да ја прецизира и големината на новата тригодишна програма, која може да се движи од 82 до 86 милијарди евра.
„Она што недостасува во моментов, за да објавиме дека има нова спасувачка програма, е политичкото одобрение за постигнатите договори“, изјавила портпаролката на Комисијата.
Грција има потреба од нова финансиска трансфузија пред 20 август, кога ќе треба да плати 3,2 милијарди евра на Европската централна банка. Затоа Еврокомисијата инсистира одобрување на договорот што треба да помине и низ парламентот, вклучувајќи го германскиот, да биде завршена до 20 август или во краен случај - до крајот на месецот.
Техничките преговори во Атина помеѓу грчката влада и меѓународните кредитори - ММФ, ЕЦБ и Европската комисија започнаа на 27 јули.
Можеби ќе ве интересира
Вјоса Османи се пофали дека уште една земја го призна Косово
Што вели Рама за идејата на новите членки на ЕУ да им се ограничи правото на вето?
(ВИДЕО) Пратениците во албанското Собрание се тепаа и фрлаа чадни бомби
„МИНИСТЕРОТ НЕ ЗЕМА НИТУ ДИНАР“ Вучиќ: Обвинението против Селаковиќ е срамно и безобразно
„Њујорк тајмс“: Фирмата на зетот на Трамп - Кушнер се повлекува од договорот за изградба на хотел во Србија
Граничниот премин Богородица затворен за сообраќај
Потврден случај на лепра во Хрватска: Почната е задолжителна постапка за вакцинација




