Добивај вести на Viber
Во време кога приватните компании Сокотаб, Струмица табак, Империјал тобако и Lions One работат профитабилно и влегуваат во топ 50 најголеми извозници од земјава, државниот Тутунски комбинат од Прилеп тоне во милионски загуби. Зошто?
Со загуба од дури 11,5 милиони евра Тутунскиот Комбинат од Прилеп ја заврши 2012 година. Податоците од неревидираниот консолидиран извештај на овој загубар објавени на Македонската берза покажуваат дека во 2011 година пак, Прилепски Тутунски Комбинат (ТКП) имал загуба од неверојатни 25,5 милиони евра. Нејасно е како во време кога приватните компании Сокотаб, Струмица табак, Империјал тобако и Lions One работат профитабилно и влегуваат во топ 50 најголеми извозници од земјава, државниот Тутунски комбинат од Прилеп тоне во милионски загуби. Во исто време Владата не побара одговорност од првиот човек на ТКП, Александар Дерменџиев, но и од останатите менаџери на овој загубар.
Речиси 20 милиони евра инкасираше ТКП од продажба на цигарите во периодот јануари-декември 2012 година, што е 3,5 милиони евра повеќе (22%) во споредба со приходите од продажба за истиот период во 2011 година. Ова не беше доволно комбинатот да работи во позитива годинава. Од продажба на домашниот пазар ТКП лани инкасираше 17,7 милиони евра (2,4 милиони евра повеќе од 2011 година) и 2,1 милион евра од продажба на странските пазари, што е за 1,2 милиони евра (133%) повеќе во споредба со остварениот приход од продажба во странство во 2011 година.
Според неревидираниот консолидиран извештај на овој загубар, трошоците за вработените лани го чинеа ТКП безмалку 5 милиони евра, наспроти 4,7 милиони евра во 2011 година. Расходите по основ на камати, курсни разлики и слични расходи изнесуваат 6,4 милиони евра, што е за 390% повеќе во споредба со 2011 година. За промена на залихите на готовите производи и производството во тек пак, ТКП лани потроши 3,1 милион евра или 65% повеќе отколку во 2011 година, покажуваат финансиските податоци.
Во јули 2011 година генералниот директор на Комбинатот, Дерменџиев склучи договор со две кинески компании за производство на цигарите „јин-јин“ и „99“, при што уверуваше дека токму овие зделки трипати ќе ја зголемат продукцијата на комбинатот.
Не е јасно која е причината што Владата го толерира долгогодишното недомаќинско работење и трупање милионски загуби на ТКП, наместо од овој загубар да направи профитабилна компанија поставувајќи менаџери кои ќе покажат позитивни резултати?!
Катерина Попоска