Добивај вести на Viber
Гафур Дуголи, шефот на протокол на косовската полиција завчера е уапсен на граничниот премин Блаце во Македонија.
Информацијата ја објавија косовските медиуми, повикувајќи се на тамошното министерство за внатрешни работи. Дуголи, Србија го барала преку Интерпол, за негова наводна вмешаност во воени злосторства кога бил припадник на ОВК. Тој патувал во Скопје службено, во амбасадата на САД, каде требало да извади виза. При влезот на Блаце бил регистриран во 11 часот и 45 минути, а по проверката на патните документи, полицијата го уапсила.
Од нашето МВР потврдија дека на Блаце е уапсено едно лице со иницијали Д.Г. кое се барало преку Интерпол, по налог на српската полиција. Косовските медиуми пишуваат дека Владата во Приштина е во интензивни преговори со властите во Скопје, за ослободување на Дуголи. Ако Дуголи е уапсен по барање на Србија, тој треба да биде екстрадиран.
Српската полиција него кривично го гони од 2008 година. Покрај него со пријавата се опфатени уште 22 лица од 121 бригада на ОВК. Тие се товарат дека во 1998 година на планината Клечка фрлале живи Срби во јама со гасена вар.