28 Септември, 2024
0.0241

Учат во Македонија, сонуваат да работат надвор!

Објавено во: Анализа 27 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Една од најпосакуваните и најплатените работи во Европа-барменството, во Македонија сеуште е недоволно афирмирана, но и недоволно платена. Иако има многу млади ентузијасти кои се надеваат дека стекнатите знаења еден ден ќе бидат исплатлив бизнис, своите желби и идеи планираат да ги реализираат надвор. Во земјава, велат младите бармени, тешко се успева. Барменот Дарко Ангелов кој е еден од малкумината  кој зад себе има завидна бројка на медали и искуство во професионално создавање на коктели и вештини, вели дека од наивна желба успеал да создаде професија од барменството. Учел од своите постари колеги. Но сонува да работи надвор. Овде тешко се успева. Неговото прво работно искуство било како помошник во четврта година средно  кога работел на шанк со единствена идеја, да заработи пари и како млад човек да не зависи од своите. Само по неколку месеци се запишал на приватна академија за бармени Barevolution, на која преку неколку нивоа на подготовка се стекнал со искуство и знаење кои денес го внело во светот на барменството. Азбука на пијалоците! Да бидеш бармен, вели Ангелов не е само позиција туку вистинска професија со многу препреки и предизвици. Многумина според него,  мислат дека доколку се совладаат жонглирање со шишиња и мешање на неколку алкохолни или безалкохолни пијалоци  научиле се, но тогаш се во голема заблуда. Техниките и пијалоците се една димензија, но уште повеќе е искуството и трудот кои бараат максимално посветување и знаење. А профитот? Е, тоа, вели Ангелов е трето и можеби најбитно, имајќи во предвид дека сериозни и професионални компании бараат и знаење и искуство.Една грешка и веднаш си надвор од игра. Барменот мора да го научи секој состав на пијалокот, што може а што не смее да се измеша. Тоа не е нималку едноставно.  Во оваа професија, додава, нема импровизација. Воден од девизата, дека ако го работиш она што го сакаш никогаш нема да мораш да работиш повторно, барменот Дарко ги освојува првенствата дома но и надвор. Барменството вели е тешка професија, за која ќе се испотиш за да научиш и заработиш. Но потоа сама ќе ти го отвори патот на успехот и профитот. “Во 2010-тата  година се пријавив на државното првенство за бармени во Македонија. Потоа бев на натпреварот во Гевгелија кога со само една година работно искуство го освоив второто место. Тоа беше мотив повеќе да продолжам. Почнав сам да креирам коктели, декорации и имиња на коктелите кои носеа по некој мој белег. Секое натпреварување има технички судии кои оценуваат вкус, изглед, декорација и арома на коктелот. Се оценува до најмал детал. Почнав да работам кај основачите на Здружението на бармени-Coctail room, каде сеуште работам. Освоив трето место во категориите classic I flair на државното првенство во 2011-тата. Потоа следуваа многу натпревари во кои се зголемуваше конкуренцијата, но и предизвикот да научам вештини за жонглирање, атрактивни движења на шишиња и шејкери без никакви одливи но и подготовка на разни видови кафиња. Се на се, многу работа и многу труд. Авторските коктели со кафе на Бариста натпреварите се предизвик повеќе за секој бармен”-вели Ангелов. Барменството е вистинска уметност. Секој човек сака барем еднаш да се опушти покрај добар коктел зачинет со добра музика и пријатно друштво. Според Ангелов, тоа барменот знае да го спои во едно задоволство и услуга. Иако многумина не размислуваат кој е авторот на еден убав освежителен коктел, зад него навистина стои многу работа и искуство. Новите искуства и победи на повеќе домашни натпревари  го носат Дарко Ангелов на светското првенство на бармени во Прага под менторство на Филип Арнаудов еден од најдобрите бармени, кадешто се  натпреварувал во конкуренција на негови колеги од целиот свет. Но, барменот Ангелов не запира тука. Иако според него барменството е една од најинтересните, највозбудливите и најкреативни професии, таа за жал е недоволно афирмирана но и недоволно платена кај нас. Но, водејќи се според интуицијата и досегашното искуство тој е на добар пат да ги освои европските и светските пазари. Следниот чекор е државното првенство на  кое на 29-ти овој месец ќе ги одмери силите со  најдобрите бармени од земјава. А во иднина, неговиот сон е да се најде зад шанкот на некој негов омилен коктел бар во престолнината на забавата- Лондон, водејќи се од девизата да ја проба среќата надвор! С.Б.