05 Мај, 2024
0.0741

Учениците бегаат од чекан и тесла, сите во трка по факултетска диплома!

Објавено во: Анализа 22 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Годинава е рекордна по бројот на запишани студенти. Првиот академски час го стартуваа 15 000 студенти или нешто повеќе од 90 отсто од средношколците. Но како што расте бројот на факултетлии, пазарот на труд останува без мајстори. Механичари, монтери, бравари се професиите за кои се поретко може да се слушне, а стопанството ги бара. И годинава за студентите најатрактивни економскиот и правниот факултет. Дел од нив велат дека очекуваат подобрување на економската состојба на земјава, барем додека тие да го завршат студирањето, но и полесно да се стигне до слободно работно место. „Јас се запишав на економскиот факултет во Скопје,  на отсекот бизнис - менаџмент. Отсекогаш сум сакал да студирам економија. Може да се успее во некои поголеми фирми. Мислам дека со оваа струка полесно ќе најдам работа“ -вели студент од Куманово. Многу факултетлии лоша економија Зголемувањето на бројот на студенти, а намалувањето на младата ефективна работна сила не е добар показател ниту за образовниот процес ниту за економијата-вели Стојмирка Тасевска -виш советник во  Стопанската комора на Македонија. „Имаме несоодветен пораст меѓу порастот на економијата и бројот на студенти.Ние во 2010 година предложивме предлог за промена на економскиот модел за развој, кадешто порастот на економските активности и бруто домашниот производ ќе се базира прво на порастот на производството и извозот. Вработувањето  на младите или на апсорбирање на високиот степен на  невработеност е условен од порастот на економските активности, односно порастот на инвестициите, производството и  извозот. Само тоа е предуслов да се апсорбира невработеноста“ вели Тасевска. Во услови кога неможат да се вработат, што им останува на младите освен да се запишат на факултет? Таа вели дека покрај подржувањето на  високото образование посебно во стручните насоки, во техничките науки, потребно е заживување на економските активности за тој кадар да го најде своето место во економијата, да најде работа, да го даде својот придонес. „Само стручен кадар квалификуван може да најде место.Една наша анкета покажа дека има доста занимања од кои и покрај големата потреба на пазарот на труд нема квалификуван кадар. Помина времето кога фирмата обучуваше, денес нема време да обучува. Порано големите системи кога ученикот ќе завршеше средно, ќе се вработеше дреар или заварувач, за година или две, компанијата можеше  да го обучи практично. Сега ученикот ќе заврши средно, но без практично искуство  не е спремен да влезе директно во процесот на производство. Од понудениот кадар на пазарот на труд треба да се доквалификува и дообучи за да биде конкурентен и платен. Стручни кадри,  пример во месната индустрија земаат  поголема плата и од инжењер. Сето сето тоа го одредува степенот на кавлификација и искуството“  заклучува Стојмирка Тасевска од Стопанската комора. Кој ќе работи по фабрики, на нива, занаетчиски работи? Се помалку луѓе работат во индустриските капацитети.Според последните податоци на државниот завод за статистикаво декември бројот на работници бил за 1,3% помал со истиот месец претходната година. Најпогодени се  работниците  во металната индустрија со негатива  од 3,3 отсто и во преработувачката од 2,8 отсто. Оваа академска година ресорното министерство одлучи да ги намали квотите на општествените науки, а за сметка на тоа да ги зголеми кај природно-математичките и техничките. Според професорката Сузана Симоновска од Институтот за родови студии на Филозофскиот факултет во Скопје, грешката е во форсирањето на учениците и идејата секој да заврши факултет. „Според мене секој треба да се вработи, и после средно да се овозможи средношколците и со средно образование да се вработат.  Голем дел од нив коишто не се заинтересирани вистински да студираат,  да може да си најдат работа, а да студираат оние кои навистина покажуваат  интерес за студии. Кај нас, знаете форсирањето е секој да заврши факултет со што се создава хиперкадар, за кој  што потоа останува отворено прашањето - што потоа со тој кадар, каде ќе се вработи? Кој ќе работи по фабрики?“ Сега до душа немаме фабрики, вели Симоновска,  но прашува кој ќе работи со средно образование, места за кои не се бара високо образование. Од друга страна, според Симоновска, со оглед на тоа што сме капиталистички систем, не сме социјалистички, правото на студирање го има секој, државата не е обврзана на секој да му најде работа. Изборот е на самите студенти, но, мора да се размисли сериозно пред да се запишуваат на факултет. „Со напорот да се форсираат студентите на струки кои се дефицитарни на пазарот се прави обид за баланс, бидејќи имаше презаситеност на кадри кои завршиле општествени науки. Сега веќе се форсираат природно-математичките и техничките, што во суштина е добро, но за резулатати ќе се почека .Сепак, премногу е да очекувате во секој случај сите да се вработат со факултетска диплома според тоа што ќе го завршат и студираат. Нешто мора да се менува“ потенцира Сузана Симоновска. Младите по завршувањето на високото образование остануваат со проблем повеќе, верувајќи дека го завршиле својот дел од работата.Компаниите ретко сакаат да ги вработат без претходно работно искуство, а само дипломата не ги прави подготвени за вработување. И стопанството и науката едногласни во едно - младите мора да ги менуваат навиките и свеста, прво да научат да работат а потоа да учат за работата. С.Б.

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад