Удар врз Русија во предвечерието на преговорите со Украина

Објавено во: Колумни 02 Јуни, 2025 08:37
Денес во Истанбул во дворецот Чираган треба да се одржи втората рунда од преговорите меѓу Русија и Украина. Досега Русија беше таа која ги диктираше преговорите. Украинците на нив одеа под притисок на САД. Но, вчера и најверојатно завчера Украина направи потези со кои сака да и покаже на Русија дека и таа во своите раце има адути за остварување на своите цели во преговорите.
Во саботата беа кренати во воздух два моста во пограничните области на Русија со Украина. Тоа беше повод кај еден од мостовите да настрада патничка железничка композиција со седум жртви и десетици ранети. Вчера пак Украина ја изненади Русија со удари врз нејзината стратешка авијација. Гореа стратешки авиони на два од петте нападнати аеродроми. Според украински извори запалени се една третина од вкупниот број стратешки авиони на Русија, а според странски и руски извори станува збор за десетина авиони. Бројката не е битна. Дел од штетата ќе може да се надомести, но останува изненадувањето, и отворањето на нова ера во современото војување со користење на беспилотни летала, кои користат вештачка интелигенција.
Ова не е прв пат Русите да бидат непријатно изненадени од способностите на украинските специјални служби и војска. Во октомври 2022 годи во специјална операција на украинските служби дел од мостот се урна. Шлеперот со тони експлозив од Украина низ неколку држави дојде до Русија и тргна кон Крим. Некаде на средината од мостот каминот летна во воздух, а беше нанесен голема штета. Украинците оттогаш најавуваа и преземаа нови обиди за негово уривање на тоа се покажа неуспешно. Барем засега. Јасно е дека тие не се откажале од таа цел. Лани украинската војска, пак ги изненади Русите и за неколку денови влезе и окупира 1.000 километри руска територија. Практично ја префрли војната надвор од своите граници. Тоа што Украинците беа протерани од таа територија пролетва е успех, но по која цена. Десетици илјади загинати Руси, а не помалку и Украинци.
Претседателот на Украина Владимир Зеленски коментирајќи ја операцијата на Украинската служба за безбедност вели дека станува збор за блескав резултат, самостојно подготвен од Украина. Операцијата ја подготвувале година и половина. И дека побарал од првиот човек на СБУ, генералот Василиј Маљук, да ја информира јавноста за детали и резултатите од операцијата, која ќе влезе во учебниците на воените истории. Според него Украина се штити и ќе преземе се’ Русија да ја почувствува неопходноста од ставање крај на војната. Зеленски вчера вечер и официјално потврди дека аеродромите со стратешка авијација во Руската Федерација биле нападнати од Украина. Изјавата за ова беше дадена за време на вечерното обраќање на украинскиот претседател. Зеленски рече дека центарот за подготовка на операцијата за напад врз руски бомбардери се наоѓал на руска територија. „Офисот на нашата операција на руска територија се наоѓаше директно до седиштето на ФСБ во еден од нивните региони“, рече претседателот. Според украинскиот лидер, во операцијата биле користени вкупно 117 беспилотни летала, контролирани од оператори. Руски блогери, повикувајќи се на отворени извори, а на мрежите беа публикувани фотографии од подготовката на дроновите во некоја просторија, открија дека зборовите на Зеленски за офис на руска територија се точни. Според нив се работи за хангар во градот Чљеабинск, кој пред неколку месеци се издавал. И веројатно Украинците го изнајмиле.
ВОЗВРАТЕН УДАР
Сега приказната добива друга боја. Ударите беа нанесени во предвечерието на преговорите во Истанбул. За многумина ова значи дека Украина на тој начин сака да ја засили својата позиција на преговорите. Таа сега смета дека нема веќе да биде принудувана од Русија да се согласува со нејзина агенда на преговорите, особено кога руската армија е во офанзива на украинската територија. Се смета дека ударите се преземени, за Русија да се откаже од преговорите и да не ги прифати компромисите, кои ги предложија САД. Но не ќе е баш така. Операцијата на Украинците е подготвувана многу долго време, уште кога не беа на повидок никакви преговори. Минативе денови во Русија, пак, се искажуваа услови за прекин на вооружените дејства, но тие не беа прифатливи за Киев. Тој бара безусловен прекин.
Секако, Киев вчерашните удари ќе ги користи на денешниот состанок. И ќе настојува да се чуе и неговиот глас. Да нема преговори, колку да се каже дека се преговара. Се разбира, доколку Русија не се закани со силен возвратен удар, а за што веќе зборуваат воинствено настроени руски сенатори.
Како и да е Украина и нанесе на Русија силен воен удар и штета на нејзината стратешка авијација. Која, пак, се користи за напади врз Украина. Украински медиуми сметаат дека во ударите врз аеродромите има и други цели. Како што беше при Курската операција лани. Во прв ред во украинското општество да се крене борбениот дух, вербата во победа. Особено што и како ланското лето и сега ситуацијата на фронтот за украинските војски е многу тешка. Во украинските медиуми сега се’ повеќе се појавија „победнички“ вести. Како што беше на почетокот на курската операција. Се намалува и негативниот однос кон воено-политичкото раководство на земјата. Иако, вчера оставка поднесе командантот на копнените сили, Михаил Драпатиј. Поради тоа што руските војски бомбардираа воен полигон каде загинаа десетина, а беа ранети десетици украински војници. Командантот во поднесената оставка изнесе редица критика врз военото раководство на земјата.
Украинскиот претседател Зеленски секогаш бараше од Западот пари и оружје, со нагласување дека Украинците се способни сами да војуваат со Русија. Во последно време не еднаш на Запад се зборуваше, во САД на пример, дека Украина не се способна да ја победи Русија. И дека ако продолжи да војува може да изгуби и нови територии. Но, Зеленски тврдеше дека тоа не е точно и дека таквиот став не треба да биде повод Украина да се принудува на отстапки и дека Западот „не треба да се плаши од Русија и нејзиното нуклеарно оружје“.
Дали Зеленски знае нешто повеќе отколку Западот, кој што и досега не сакаше директно да се вклучи во војна против Русија? Па дури и Џо Бајден, според американски извори, сметал дека е реална опасноста од нуклеарна војна со Русија. Па го влечкаше давањето оружје на Украина. Таа, пак уште при влегувањето на Курск, сакаше да докаже дека Русија нема да користи нуклеарно оружје, иако во нејзината одбранбена стратегија стои дека тоа ќе се користи доколку е направена агресија врз нејзина територија. Ова беше повод Украина уште повеќе да бара оружје и пари од Западот. Можеби и сега Зеленски ќе бара ново оружје, тврдејќи дека „еве ние на Русите им уништивме стратешки бомбардери, а тие не одговорија“. Кога беше Курск, Западот многу не се загрижи за барањата на Зеленски. Бајден даде помош пред заминување, 60 милијарди долари, но не дека не веруваше во можноста за руско користење на нуклеарно оружје. Туку повеќе како што прават американските претседатели кога се на крајот од мандатот, да додаде масло во огнот.
„НУКЛЕАРНИ СЦЕНАРИЈА“
Сега руската реакција на ударот врз аеродромите може да биде , како и кај Курск, но Русија може и да излезе со закани. Интересно е што и покрај ударите врз аеродромите и кревањето во воздух на мостовите, Русија, барем засега, се однесува како за неа да се поважни преговорите во Истанбул, отколку некоја нагла реакција. Таа дури ја смени и првата оценка за мостовите кренати во воздух. Наместо за експлозија од минирање, како што беше најавено на почетокот, подоцна почна да се зборува за несреќа. Затоа многу е важно што ќе преземе Русија сега, како одговор на ударите. И дали ќе преземе. Нападнатите аеродроми се однесуваат како инфраструктура за нуклерано одвраќање. А според нуклеарната доктрина на Русија нападите на таквите објекти се повод за примена на нуклеарно оружје. Може ли тоа да се искористи? Ако се суди според одговорот за Курската операција, не би се користело нуклеарно оружје. Друго е ако има директен судир со НАТО. Русија не остана без нејзината стратешка авијација. И она што го има, може да го користи за војна против Украина. А на фронтот сега Русите воено доминираат, особено со користење н беспилотни летала. Но и со бројноста на армијата.
Друга работа е ако Западот сега смета дека може да го зголеми притисокот врз Русија. Па почне да дава, на лример, „Тауруси“ или други оружја со долг дострел или да прати војски во Украина. Тогаш таа може да почне да развива „нуклеарни сценарија“. Но има и други одговори. Не нуклеарни. Доволно е да се вратиме кон масовните бомбардирања после нападите врз Кримскиот мост или на енергетската инфраструктура во Украина. Или пак користењето на „Орешник“. Колку за потсетување, тој беше искористен кога Украинците нападнаа со американските ракети со долг дострел. Многу работи околу одговорот ќе зависат и од тоа, дали Западот бил вклучен во нападите врз аеродромите. Вчера Axios пренес дека Американците знаеле за подготовката на удрите. Оваа вест подоцна беше повлечена и коригирана.
Во Русија, засега, се однесуваат ладно, официјално се соопштува само за нападите, за бројот на уништени авиони, за уапсени осомничени лица. Но да не се покаже дека главните актери се веќе во Украина, а останати се корумпирани или лакоми за мали пари, шофери кои ги возеле шлеперите од кои полетале дроновите. Официјално вчера се јави претседателот на Комитетот за уставно законодавство при Советот на федерацијата, Андреј Клишас, кој рече дека „Русија неопходно ќе одговори на сите денешни напади“. Некои новинари, блиски до Кремљ, поставуваа прашање:„ Што ќе правеше Израел ако неговиот непријател ги нападнеше стратешките сили од кои зависи постоењето на државата“? И самите даваат одговор дека ќе следеше ултиматум за срамнување со земја на Киев и народот да го напушти градот. Ќе имаше ултиматуми и до Западот да не го вооружува Киев. И „дека е време Русија да ја оправда титулата „ѓавол од пеколо“т, како што на нарекуваат на Западот“. Други, пак сметаат дека значењето на вчерашните настани е преувеличено. Ова од причина што во следните три до пет години, воената авијација со екипаж, вклучително и стратешката авијација, воопшто нема иднина - беспилотните летала неа ќе ја убијат. Тоа сега е само прашање на време, ништо повеќе. Вештачката интелигенција наскоро ќе може да контролира уреди од која било големина и кој било лимит на надморска височина, додека изведува маневри невозможни за „биолошки“ пилот, со брзина незамислива за него. Ова повеќе нема да бидат играчки од контејнери, туку, на пример, хиперсонични борбени беспилотни летала. Патем, истото важи и за морската флота, колку и да ја има.
НОВА ЕСКАЛАЦИЈА?
Интересно е што вчера телефонски разговараа министрите за надворешни работи на САД и Русија, Марко Рубио и Сергеј Лавров. Од она што го пренесе руското МНР, нема ништо за ударите врз руските аеродроми со стратешките авиони. Но Рубио „„изразил искрено сочуство за цивилните жртви, како резултат на кревањето во воздух на железничката инфраструктура во Брјанската и Курската област“. Лавров и Рубио исто така размениле мислења за различни иницијативи, кои што се однесуваат на политичко решавање на украинската криза, вклучувајќи ги плановите за денешните преговори во Истанбул. Од Стејт департментот, пак, соопштија дека државниот секретар Рубио, на барање на Русија разговарал со Сергеј Лавров. Државниот секретар Рубио го повторил повикот од претседателот Доналд Трамп за продолжување на директните преговори меѓу Русија и Украина за постигнување траен мир. Од Белата куќа за CBS пренесоа дека САД не им дале никакви разузнавачки податоци за подготовка на нападите со дронови.
Што по сето ова? Нападите врз аеродромите нема да ги приближат крајот на војната. Можна е нова ескалација. Иако во Украина сега се засилуваат гласовите против компромиси со Русија. А во Русија да се уништи Украина по секоја цена. Малку има гласови за мир. За побрзо завршување на војната Денес во Истанбул ќе видиме во што ќе прерасне молкот на официјална Москва. Од разговорот на Лаворов со Рубио е јасно дека САД остануваат на своето. За какви планови и иницијативи зборувале, како што пренесе руското МНР, може само да се претпоставува. Но, се’ на се’, не мириса на добро.
Нападот на украински беспилотни летала врз руските аеродроми отвора уште една нова ера во воените дела.
Втора работа е што сега беспилотните летала FPV, контролирани од илјада километри оддалеченост, можат да нападнат кој било објект длабоко во позадината. И, секако, оваа технологија може да ја користи не само Украина против Русија, туку и Русија против Украина. И воопшто, секоја земја против секого што не ѝ се допаѓа. А исто така, криминалните групи за извршување на нарачани убиства. Овој нов вид војна можат да го ограничат само организациските тешкотии - многу време ќе биде потрошено за подготовка на операците (СБУ вели дека била потребна година и пол за подготовка), за испорака на беспилотни летала итн. На тој начин, сегашната војна уште еднаш покажа дека новите технологии можат да ја направат тотална. И исто како што масовната употреба на беспилотни летала FPV на фронтот, всушност го претвори целиот простор околу неа во мртва зона, каде што се уништуваат сите живи суштества, со нови технологии за далечинско управување со беспилотни летала, тоа постепено може да се случи и во позадината на секоја од завојуваните страни.
Некои украински медиуми ја прашаа мрежата ChatGPT за можен руски одговор за нападот врз руската стратешка авијација. ChatGPT верува дека Москва ќе започне масовен ракетен напад врз Украина. Можен е обид за онеспособување на енергетскиот систем на земјата.Според пресметките на ChatGPT, ова сценарио има 70 проценти веројатност во понатамошниот развој на настаните Нападот би можел да се случи во следните 24-72 часа. Украина би можела да биде нападната со ракети Калибар, Киџжал, Искандер, беспилотни летала - врз енергетската, транспортната, воената инфраструктура, како и врз објекти -симболи во Киев или Лавов. Можен е обид за онеспособување на целиот енергетски систем на Украина.
40 процента веројатност има сценариото - „напади врз центрите за донесување одлуки“ - владини згради или клучни административни објекти, вклучувајќи и со „Орешник“. 35 процентна е веројатноста Русија да објави мобилизација за регрутирање на уште еден милион луѓе во армијата и да започне стратешка копнена офанзива во еден или два правци. ChatGPT дава веројатност од 25 проценти цел да бидат западните региони на Украина со цел да се наруши логистиката на странските испораки.
Само 15 проценти е веројатноста Русија да им постави строг ултиматум на Украина и на Западот, барајќи капитулација на Киев, признавање на анектираните територии како руски и континуиран неутрален статус на Украина, а истовремено ќе демонстрира подготвеност за последователна ескалација. И конечно веројатноста Русија да користи тактичко нуклеарно оружје во Украина во „демонстративен“ режим – на пример, на празна територија за „стратешко заплашување“ е пет до 10 проценти. Паралелно, ChatGPT дава 50 процентна веројатност дека Москва ќе ги интензивира тајните операции против западните земји – сајбер напади, саботажа на критична инфраструктура и слично.
Вештачката интелигенција е чудо. Видовме вчера со бомбардирањето на аеродромите во Русија. Може ли да биде чудо и нејзината прогноза за развојот на настаните. Штета што не ја прашале и за можноста Русија да не одговори на нападите и да се посвети на преговорите во Истанбул. Вака останува само ескалацијата со сите натамошни последици и за Русија и за Украина, а предизвици за САД и за Европа
Мирче Адамчевски
Можеби ќе ве интересира
Поголема минимална плата или помал број на приматели на минимална плата?

Конфликтот во Украина и војната меѓу Израел и Иран
