Добивај вести на Viber
Украинскиот парламент во текот на вчерашниот ден ја изгласа одликата за зајакнување на воената линија на украинската војска на југоистокот во земјата како и да продолжи со делумна регрутација по предупредувањата на службите за безбедност дека проруските сили ја зголемиле воената активност во завојуваните подрачја.
„Руската агресија продолжува. Значително е зголемен интензитетот на огнот“, истакнал секретарот на Националното собрание за одбрана, Олесандер Турчинов, додавајќи дека 8.500 припадници на руските регуларни воени сили биле прераспоредени на подрачјата во источна Украина.
Турчинов навел дека во најжестоките престрелки оваа година биле убиени двајца украински војници како и дека 129 пати било пукано врз позициите на украинските сили.
Предупредувањето на Турчинов доаѓа по само еден ден од гранатирањето на автобус полн со цивили во кој загинаа 12 лица, а Киев за тоа ги обвини проруските сили, додека шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, категорично побара од ОБСЕ детално да го истражи овој инцидент.
Украинскиот парламент го поддржа декретот на претседателот Петро Порошенко за замена на војници на фронтот, доведувајќи резервен состав и спроведување на делумна мобилизација.
Турчинов оценил дека постои итна потреба за зајакнување на воените сили до ниво кое гарантира адекватно реагирање на заканите по националната безбедност на Украина.
Обама и Меркел загрижени поради зголеменото насилство во Украина
Американскиот претседател, Барак Обама, и германската канцеларка, Ангела Меркел, изразиле загриженост поради зголемувањето на сепаратистичкото насилство на истокот во Украина.
„Двајцата лидери ја изразија својата поддршка за пакетот меѓународно финансирање на Украина, бидејќи Киев имплементираше амбициозна серија реформи. Тие, исто така, изразија загриженост поради зголеменото сепаратистичко насилство во источна Украина“, соопшти Белата куќа.
Обама и Меркел ја повториле својата согласност за потребата од потполно и итно спроведување на договорот од Минска, со цел постигнување трајно и мирно решение на судирите, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Разговорот на двајцата државници доаѓа веднаш откако проруските сили објавија дека ги освоиле остатоците од важниот аеродром во Донецк, во истоимениот град во Украина.