01 Декември, 2024
0.0258

Украина се обидува да ја префрли војната на територијата на Русија

Објавено во: Колумни 12 Август, 2024

Добивај вести на Viber

Олимпискиот оган на игрите во Франција синоќа беше угасен. Знамето на Олимписките игри беше предадено во рацете на идниот домаќин – Лос Анџелес. До 2028 година остануваат години на исчекување. Исчекување на желбата на претседателот на Олимпискиот комитет, Томас Бах, културата на мирот да завладее во светот. Очите на населението ширум светот од денес, наместо кон Париз ќе бидат свртени кон реалноста. А таа не е оптимистичка. Доволно е да се погледне картата на светот со кризните жаришта. Некаде распламтени, а на други места подготвени да пламнат.

Украинските воени сили минатиот вторник влегоа на руска територија.  По неколкудневно молчење украинскиот претседател, Владимир Зеленски, во саботата официјално кажа дека  неговите сили влегле во Курската област. И дека Киев „ја префрла војната на територијата на агресорот“, притоа „воспоставувајќи праведност“. Нападот на украинските сили на руска територија за многумина беше и е неочекуван и нејасен. Но Зеленски беше јасен. „Украина знае да изненади“.

Првото прашање кое беше поставувано во средата беше „Зошто?“. Што сака да постигне Украина со нападот. Кои се целите? И одговорите брзо стигнаа. Па целите беа поделени на реални и помалку реални. Во зависност од изворите на одговорите, почна да се зборува дека станува збор за „очаен потег на Украинците во момент кога работите на Донбас не се развиваат во нивна полза“. Потег кој сака да го одвлече вниманието од тешката ситуација на теренот таму. Па дека со оваа операција се сака да се зголеми мотивираноста и да се подигне моралот на украинските војници и наслеление, особено по растот на незадоволствот кај населението од мобилизацијата, но и кај војската поради воените неуспеси. Се спомнуваа и повлекувања на руските сили од Донбас кон Курск, со што би се намалил големиот притисок на Русија на украинска територија. Потоа следеа изјави дека со префрлањето на војната во Русија, таа ќе биде принудена да води сметка, кога зборува за преговори за мир, врз основа на ултимативните барања за стекнување на нови територии. Па, дека со нападот ќе се деморализира руското население и дека ќе биде настроено против претседателот Владимир Путин. Конечно,  но не и најнакрај важно, дека со овој потег Украина сака во предвечерието на изборите во САД да им даде до знаење на кандидатите за претседател дека таа умее да војува со Русија, но неопходна и е западна, пред се, американска помош во пари и оружје.

ПРЕГАЗЕНИ ЦРВЕНИ ЛИНИИ

Утре ќе биде една недела од украинското влегување на територијата на Курск. Русија засега не повлече трупи од Донбас, туку напротив освојува нови населени места. Во Русија анкетите покажуваат дека поддршката на Путин е се уште голема и дека нема шанси за деморализирање на населението. За такво нешто не е доволен еден напад на пригранични територии на Русија, туку многу повеќе. На пример офанзива од големи размери. За што, пак, Украина сега не е способна. Во Русија се будат духови кои повикуваат на објавување војна на Украина, па дури и удирање со сета сила врз неа. Русија не спомнува никакви преговори, но има сили кои велат дека токму со овој потег на Украина, преговори не треба воопшто да се спомнуваат и да се продолжи со војната. 

Последната спомената цел, западната помош е најреална, но за неа треба да се покаже дека Украина е способна да ја задржи освоената територија. А за што треба многу жртви. И во украинската контраофанзива минатата година сите гледаа како чекор кој ќе го потврди вооружувањето дадено на Украина дотогаш. На Запад велеа дека Украина е доволно силно опремена за да ја спроведе контраофанзивата. Но таа не успеа. И не само тоа. Имаше многу жртви, па дојде дури и до смена на главниот командант Валериј Залужњи, а потоа и генералска чистка. Русите презедоа контранапади, со многу жртви, но нивната офанзива, бавно, чекор по чекор, трае до денес.

Во меѓувреме Западот „прегази“ многу „црвени линии“ кои ги поставуваше Русија. Па така постепено се дојде до тоа Украина неодамна да ги добие првите авиони-ловци Ф-16. Дотогаш на Украина и беа дадени тенкови, оклопни и други борбени возила, системи за против воздушна одбрана „Патриот“ и други, хаубици и муниција за сите нив. Украински војници се обучуваа на Запад, се формираа нови бригади. Но до минатиот вторник резултат од сето тоа не можеше да се види. САД и покрај тоа што ја одлагаа воената помош на Украина последниве месеци, сега  упорно ја вооружуваат. Веројатно последна „црвена линија“ на Русите ќе биде вклучување на НАТО, на Западот, во директна војна со неа. Украина нема доволно војници, а мобилизацијата предизвикува повеќе незадоволство, отколку одѕив. Впрочем како што беше во Русија лани, кога неколку стотици илјади млади луѓе ја напуштија земјата не сакајќи да бидат мобилизирани.

Влегувањето на Украинците во Курската област може некои да го сметаат за уште една избришана „црвена линија“. Особено што има изјави дека за целата операција Украина ги запознала своите сојузници. И дека западното оружје што се користи има добиено зелено светло од нив. Во Германија изјавија дека предаденото германско оружје на Украина, сега е украинско и може да се користи во војната. Координацијата со Западот јавно не ја признаваат ни Украина , ниту сојузниците. Но тие и не мора да го признаат тоа. Во Пентагон не сметаат дека влегувањето во Курската област, на кој било начин е ескалација на војната. Туку дека Украина го прави она што и е потребно за успех на воено поле.

СМУТ ВО ЈАВНОСТА

Како и да е украинската операција го вознемири Кремљ. Ги возбуди духовите во јавноста. Па почна да се пишува и да зборува дека началникот на Генералштабот, Валериј Герасимов го лажел претседателот Путин. Кога му велел дека Украинците нападнале со 1.000 војници и дека е запрен нивниот напад, па дека биле убиена 1.000 украински војници. А во меѓувреме под украинска контрола паднале дваесетина населени места. Исто така се тврди дека Украина сега во Курската област има неколку  илјади војници. Се бара одговор зошто не се презело ништо, кога разузнавачите, наводно, две недели пред нападот знаеле дека Украинците се подготвуваат за такво нешто. Во Русија, за разлика од Украина известувањето на воените дописници и на медиуми или Телеграм-канали  е многу послободно. Колку и да е за неверување, кога во Русија се затворија, се блокираа еден куп медиуми, има медиуми кои отворено напаѓаат генерали, команданти, само Путин е недопирлив. Тие внесуваат смут во јавноста.

Нешто слично се случуваше во предвечерието и за време на бунтот на Евгениј Пригожин. Меѓусебни пресметки преку медиумите кои беа под контрола на страните во внатрешните судири. Многумина се чудеа што прави Путин, зошто молчи? Судбината на Пригожин е позната. Загина во пад на авион, предизвикан од поставен експлозив во авионот. Веројатно и сега станува збор и за нетрпеливост и не единство на луѓето кои се во околината на Путин. Па тој чека работите да се разбистрат. Герасимов беше напаѓан и од Пригожин и од медиуми блиски до него, па и од чеченски офицери. Но Герасимов се’ уште е началник на Главниот штаб.  Иста таква медиумска војна се води и сега. Обвинуван е Герасимов, обвинувани се чеченски воени команданти за наводна соработка со Украинците во сегашната операција за влез во Курската област.  

Може да се претпостави дека во позадината зад Путин како да има сили кои бараат промени во војската. Ако не им успеа лани со Пригожин, можеби тоа сакаат да го направат сега. Но доколку успеат во тоа, тогаш следен на удар би бил Врхвниот камандант-Путин. За Пригожин се зборуваше дека бунтот го правел во договор со Украина, па дека имало и западно влијание. Дали сега одново не се јавува истото тоа јадро, за да се удри врз Путин. Пресилна е кампањата на пропригожинските канали за да се зборува за случајност и за отсуство на некаков план. Одамна се зборува дека ако некој сака да ја запали Русија тоа најлесно ќе го направи преку распламтување на меѓунационалните односи. Сето ова засега е далеку од остварување. Но ако се работи од надвор и од внатре на таа тема, тогаш пропригжинските медиуми, па и други, лесно можат да го запалат тој пламен. Сето ова е во сфера на претпоставки. Но и кога беше Пригожин се претпоставуваа многу работи, па дојде и до бунт кој можеше да заврши трагично за Русија. Путин има искуство и трепери над меѓунационалните односи. Сигурно тој не стои зад пропригожинските медиуми. Па затоа нема да биде изненадување, ако наредниов период бидеме сведоци на конкретни чекори на рускиот претседател во насока на решавање на предизвиците. Прво ставање ред во медиумското покривање, можебии некое ново кадровско решение. а потоа и протерувањето на Украинците од територијата на Курската област.

ПРОШИРУВАЊЕ НА ФРОНТОТ

Путин мора да најде решение. Иако некои негови поранешни соработници и блиски луѓе зборуваат дека брзото наоѓање решенија нему тешко му оди од рака. Ако е така, тогаш има специјални служби, кои ги водат нему блиски луѓе и тие нека му помогнат. Само да не се токму тие кои работат против него? Една од целите на Украинците беше и уривање на авторитетот на Путин. Засега тој добро стои на анкетите, но долготрајна војна на руска територија сигурно не му оди во прилог. Затоа тој ќе се сосредоточи на Курската област. Опозициони руски медиуми , повикувајќи се на Институтот за изучување на војната (ISW) пишуваат дека Путин, веројатно,  го назначил директорот на ФСБ(Федерална служба за безбедност), Александар Бортников за командант на „антитерористичката операција“, прогласена во три области, после влегувањето на украинските војски во Курската област. Причина за назначувањето е што Бортников се докажа како ефикасен менаџер за време на кризи, кои ја загрозуваа внатрешната стабилност на Русија. Тој учествуваше и во преговорите околу бунтот на Пригожин. Според ISW, назначувањето на Бортников сведочи за тоа дека Путин бил незадоволен од тоа, како руското воено командување се справува со ситуацијата во Курската област.

Во очекување на нови воени операции во Курската област, не е исклучено Украинците, кои сега добиваат се повеќе американско оружје, да се обидат  да навлезат и во некоја друга руска област. Тоа би значело ново проширување на фронтот, кој би требало да се брани. А Украина нема доволно војници за такво нешто. Во меѓувреме Русите можеби ќе продолжат да напредуваат на Донбас.  Оттука се наметнува и заклучокот дека Украина, во крајна линија повеќе губи отколку што добива од влегувањето во Русија. Зашто таквите чекори водат кон војна на истоштување. Долгогодишна. А во војна на истоштување многу е битно која војска ќе биде воено помоќна. А за такво нешто требаат пари. Парите ќе одлучат кога ќе за заврши војната. Русија  барем засега, успешно се справува со воените трошоци, што не значи дека и за неа нема крај во трошењето. Но Украина е многу поранлива. Таа денес добива десетици милијарди долари годишно за покривање на трошоците за плати и пензии, за социјални потреби. Плати на бирократијата и на војската. Згора на ова добива десетици милијарди долари воена помош. Сето тоа, најмногу од САД, но и од Западот. Прашање е до кога Западот и САД ќе можат да ја финансираат војната на Украинците?

Затоа упадот на украинската армија во Курската област може да се смета за една воена епизода, која ќе се одигра, но нема да ја има решавачката улога во војната. За Украина ќе биде многу лошо, ако Русите ја протераат нејзина војска од рускат територија. Особено ако тоа се случи наредниов месец. Тогаш она со кое се соочува Путин ќе важи за Зеленски и за украинскиот воен врв. А можеби и за побрз крај на војната.

Мирче Адамчевски


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.