Ултиматумите од Западот ја продолжуваат војната во Украина – некој тоа го сака?

Објавено во: Колумни 12 Мај, 2025 08:12
Ако денот се познава по најавите, тогаш денес Европа и САД ќе треба да почнат да воведуваат нови санкции кон Русија и да продолжат и да ги зголемат испораките на оружје во Украина, бидејќи Москва не прифаќа 30 дневно примирје, кое треба да почне денес. Ултиматумот на Западот кон Русија, со ваква закана од саботата, се издиша како балон. Заканата од Западот беше дочекана со маневар на рускиот претседател, Владимир Путин, па сега сите ќе го чекаат 15 мај. Денот кој рускиот претседател Владимир Путин го најави за средба и почеток на директни преговори меѓу Русија и Украина во Турција.
Ултиматумот од Западот беше кован во саботата во Киев. Еден ден по големата прослава на 80 годишнината на победата над фашизмот со парада на Црвениот плоштад во Москва. Емануел Макрон, претседателот на државата која фашистичка Германија ја окупира за 43 дена и која соработуваше со окупаторот за цело време на војната, а сега се кочопери дека е дел од победоносната коалиција, се чини е лидерот на групата западни политичари – ментори на украинскиот претседател, Владимир Зеленски. Во неа покрај него се и неговиот британски колега, премиерот Кир Стармер, новиот германски канцелар Фридрих Мерц и полскиот премиер Доналд Туск. На сета мака што си ја имаат дома тие лобираат за Украина, пред се’, кај претседателот на САД, Доналд Трамп. Па така во саботата подготвија „документ со услови“ за примирје, во кој има 22 предлози, а со кои Русија треба да се согласи. Наводно таму е вклучено и барањето на Путин до САД, Украина да не стане членка на НАТО. Демек тоа беше главното барање од Русија за да почне преговори.
Претседателот Зеленски публикуваше заедничко соопштение за документот. Во него , меѓу другото стои дека:„ Главната цел на овој чекор е да се создадат услови за дипломатско решавање на конфликтот“... Потписниците ја нагласија потребата од зајакнување на украинските вооружени сили и предложија создавање „меѓународен гарантен контингент“. Се наведува дека доколку Русија одбие да го прифати прекинот на огнот, „ќе бидат воведени нови строги санкции, особено против банкарскиот и енергетскиот сектор“.
УЛТИМАТУМ ИЛИ ИСТАНБУЛ
Во саботата проструи веста дека овој документ ќе му биде врачен под итно на Путин од страна на американскиот преговарач за Украина, Стив Виткоф, кој „само што не допатувал“ во Москва. А Путин мора да го прифати за 24 часа. Документот добил согласност и од Трамп, кому Макрон му ѕвонел утрото пред седум часот по американско време. Налет на таков документ кога од главниот сојузник бараш одобрение, кога тој е уште во пижами. Како и да е, европските лидери сметаа дека топката ја префрлија кај Путин. Но, ноќта од саботата кон неделата, во еден и пол часот, рускиот претседател за прв пат одржа обраќање пред новинари во такво време. Се чини дека се’ беше темпирано неговото обраќање јасно да биде примено и пренесено на Запад и во САД, посебно, во ударните вечерни информативни изданија.
Од она што го соопшти Путин, произлезе дека топката само за неколку часа е вратена кон Западот. Наместо ултиматум сега се поставува прашањето, дали да се патува во Истанбул или не? Неколку часови по завршувањето на прославувањето на јубилејот од победата над фашизмот, Путин излезе пред новинарите. Да кажел нешто за одбележувањето на јубилејот, но повеќе да одговори на ултиматумот од Западот. Претседателот Путин ги критикуваше европските сили за тоа што разговараат со Русија „грубо и со јазик на ултиматуми“. Па во тој контекст кажа дека секогаш биле за преговори со Украина, па и во 2022 година, кога таа ги прекина преговорите. Оттука и предлогот за обнова на преговорите, но без никакви предуслови. И тие да почнат во четврток на 15 мај во Истанбул!
Путин очекува сериозни преговори во кои ќе се направи обид да се отстранат прапричините за конфликтот, да се отвори патот за долгорочен траен мир. Тој не исклучи дека на преговорите ќе може да се постигне договор за некакви нови примирја, нов договор за прекин на огнот. Примирје кое би било поддржувано не само од страна на Русија, туку и од украинска страна, како прв чекор кон долгорочен, стабилен мир, а не вовед кон продолжување на воениот конфликт. Според него, Русија е подготвена за преговори без претходни услови. Путин за прв пат спомна дека се води војна и Русија предлага обновување на преговорите. „Нашиот предлог е, како што велат, на маса. Одлуката сега е на украинските власти и нивните куратори, кои, очигледно водени од сопствените лични политички амбиции, а не од интересите на својот народ, сакаат да ја продолжат војната со Русија преку рацете на украинските националисти“, рече Путин. Пред крајот од обраќањето пред новинарите тој изрази признание за посредништвото, напорите, насочени кон мирно решавање на украинската криза, кои ги преземаат нивните странски партнери, Кина, Бразил, зеи од Африка, Блискиот Исток, и „во последно време од новата администрација на САД“.
ЗЕЛЕНСКИ ЌЕ ГО ЧЕКА ПУТИН
Донад Трамп по најавеното ултимативно примирје во саботата рече дека станува збор за „одличен ден“ и „одлична недела“ за Русија и Украина. Но подоцна кога го слушна ставот на Путин, на неговата мрежа Truth, ја повика Украина да се согласи со предлогот на Путин и да замине на преговори. И тоа итно. Трамп изрази сомневање дека во Украина сакаат да се договорат со Путин. Но ја повика украинската страна:„ Одржете ја средбата, веднаш“. Украинскиот претседател веднаш го послуша Трамп. Макрон и Стармер го научија дека не треба да се спротивставуваш на оној кој го молиш. И во своето вечерно обраќање вчера, Зеленски соопшти дека лично ќе го чека Путин во Истанбул, но, за него е клучно Русија да прифати прекин на огнот.
Овде има мала нејаснотија. Зеленски со свој декрет во септември 2022 година забрани водење преговори лично со Путин. Прашање е сега дали Зеленски ќе го почитува својот потпис под декретот. Во септември 2022 година Зеленски коментирајќи го декретот рече дека е невозможно да се преговара со Путин и „ние сме подготвени за дијалог со Русија, но кога ќе има друг претседател“. Русите, пак, најавија дека во Истанбул ќе оди делегација преговарачи. Путин сиурно нема намера да оди таму. Зеленски веројатно смета дека Путин нема да сака да преговара со него, па ќе може да мафта со тврдењето дека преговарачкиот процес е прекинат по вина на Русија. А можеби до четврток Зеленски ќе го укине декретот. Но пак е прашање дали Путин сака да преговара со него.
Зошто Истанбул? Турција постојано се нуди за посредништво, таа има добри односи и со Русија и со Украина. Па е прифатлива за двете земји. Можеби и поприфатлива од САД, кои веќе изјавија, дека може да кренат раце од посредништвото. Иако за Трамп тоа би бил пораз. Од Москва од време не време ќе се чујат изјави дека се водат преговори са Американците на најразлични начини. Веројатно зборуваат за се’ и сешто. На Русите им е најважно да ги нормализираат односите со САД. Но покрај тоа неизбежна е и темата Украина. Пред некој ден американскиот претседател, Доналд Трамп, разговараше со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Меѓу другото од разговорот беше соопштено дека Ердоган би можел да биде посредник меѓу Русија и Украина.
Трамп денес треба да е во Саудиска Арабија. До 14 мај тој ќе биде на блиско источна турнеја. Ќе го посети и Катар. Со него ќе биде и државниот секретар, Марко Рубио. Тој по завршувањето на посетата на Трамп ќе замине во Истанбул, на неформална средба на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО што ќе трае од 14 до 16 мај. Тоа значи дека тој таму ќе биде и на 15 мај. Нема да изненади ако Русија во Истанбул го испрати министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Инаку, како што е пренесено, министрите од НАТО ќе ги разгледаат приоритетите на безбедноста на Алијансата, зголемувањето на инвестициите во одбраната и ставањето крај на руско-украинската војна.
КЛИН МЕЃУ ЕВРОПА И САД
Доколку почнат преговори во Истанбул и тоа директно меѓу Украина и Русија, тогаш тоа ќе биде удар за спонзорите на Украина од Европа. Таканаречената „Коалиција на согласните“. ЕУ сака да биде дел од преговорите. И тоа по секоја цена. А не главен посредник да биде Турција. И може да се случи тие да бидат прекинати, како оние во 2022 година. Европа настојува прво да има примирје, па потоа преговори. Сега, засега, Европа се надева дека Трамп конечно ја променил страната и е дел од тимот приврзан кон Украина. Но со Трамп работите не одат така лесно. Деновиве Politico пишуваше дека Трамп им ветил на Макрон и Зеленски дека ќе го притиска Путин. Во саботата Фридрих Мерц на прес во Киев му се заблагодари на Тамп што ја поддршува нивната иницијатива за примирје. И додаде дека „американската влада си ја зела обврската да го контролира прекинот на огнот“.
Се’ овде е убаво. Ама кога ќе ви кажат европски чиновници, кои биле на состанокот во саботата во Киев, дека „американскиот претседател има тенденција брзо да го менува своето мислење“, тогаш работите со поддршката од Трамп добиваат друга тежина. А ако Трамп го промени ставот, тогаш Путин успеал да внесе клин меѓу Европа и САД. Затоа не може да се исклучи Европа да бара и некоја голема конференција за Украина. Но тогаш би се замешале и Кина и Бразил со нивниот „мировен план“, па Европа повторно не би била во центарот на вниманието. Инаку бразилскиот претседател Лула да Силва минатата недела во Москва изјави дека во јули на самитот на БРИКС во Бразил ќе се разговара и за мирот во Украина. Што значи дека војната можеби нема скоро да биде прекината. Русија ќе ги одолговлекува работите, бидејќи таа сега е во офанзива, Па ќе треба да се случи некое чудо за до дојде до прекин на огнот.
Дека треба да се случи некое чудо се потврдува и од изјавите на американските помошници или советници на Трамп, кои констатираат дека длабок е јазот меѓу Русија и Украина. Оттука и прашањето може ли САД да изградат мост кој ќе овозможи поминување на длабокиот јаз? Во сегашната ситуација тоа е многу тешко. Реалноста е таква што и Киев и Москва не сакаат мир бидејќи позициите се непомирливи. Иако Трамп постојано изјавува дека де едните, де другите навистина сакаат мир. Реториката е едно, но стварноста е сосема друго. Планот на Трамп за мир предизвика тревога во Украина, а не помалку и во Европа. И почнаа дипломатските игри за промена на мислењето на Трамп. Па дојдоа и заканите од невидени санкции кон Русија, кои би ја уништиле економски. Но се виде дека досегашните санкции не ги променија ставовите на Путин.
Повикот за преговори во Истанбул ќе биде само можност да се повторат старите цели на Русија кон Украина и обратно. Оттука заклучокот е дека ултиматумите само ќе ја продолжат војната. Дали некој тоа го сака? Мир можеби би дошол ако во една од двете држави дојде до промени. Трамп едно време го повикуваше Зеленски да организира избори. Но подоцна замолчи. Во Украина се одвиваат процеси кои ја уништуваат опозицијата ие вентуалните соперници. Тоа е знак дека Зеленски полека се подготвува за избори. Се’ ќе зависи од тоа кога и колку Америка ќе го притисне за такво нешто. Но што ако тој повторно биде избран за претседател? Путин има мандат, а сигурно ќе биде избран и за втор мандат. Така што и таму брзо нема да дојде во внатрешни промени. На чело на Русија би можел да биде до 2036 година! Кој знае уште колку американски претседатели ќе се променат дотогаш?Заклучок - внатрешните промени како фактор за мир тешко би се случиле наскоро. Останува најнепосакуваното, продолжување на војната. Се’ до исцрпување на едните или другите. А попатно може работите да ескалираат, па наместо локален да имаме континентален судир. Со несогледиви последици. И не само за Европа.
Мирче Адамчевски
Можеби ќе ве интересира
Поголема минимална плата или помал број на приматели на минимална плата?

Конфликтот во Украина и војната меѓу Израел и Иран
