УНГАРСКА КОМПАНИЈА ВЛЕГУВА ВО КОМУНИКАЦИСКИОТ СЕКТОР ВО МАКЕДОНИЈА: Дали Орбан на ваков начин се наметнува како важен играч?
Објавено во: Економија 01 Август, 2024
Компанијата 4iG, блиска до унгарскиот премиер Виктор Орбан, влегува во комуникацискиот сектор во Македонија.
За тоа денеска во Будимпешта разговарале вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, и претседателот на компанијата Гелерт Јасаи.
Како истакната регионална ИТ и телекомуникациска компанија со докажана историја во поттикнување на дигиталната трансформација во различни сектори, оваа иницијатива е усогласена со стратегијата на ‘4iG Групацијата’ за проширување на своето присуство во земјите од Западен Балкан.
Николоски изјави дека „воспоставеното искуство на 4iG Групацијата во телекомуникациската индустрија, комбиниранo со нејзината стручност во регионални рамки, може ефикасно да се искористи и на македонскиот пазар. Оваа иницијатива ветува значителни придобивки за двете страни, а може да биде поволна особено за граѓаните на Македонија, бидејќи и Македонија и 4iG Групацијата делат заедничка визија за поврзано и дигитално напредно општество“.
„Во однос на нашата амбиција за влез на македонскиот телекомуникациски пазар, во следните неколку недели ќе ја почнеме соработката со Владата на Македонија и нашата посветеност за овој процес да го формализираме во детали“, рекол Гелерт Жасаи по разговорите со Николоски.
4iG одамна котира на берзата во Будимпешта како една од посебно успешните компании.
4iG израсна од опскурност до водечка ИТ компанија во Унгарија за неколку години преку профитабилни државни нарачки. Европските медиуми кои пишуваат за случувањата во телекомуникацискиот свет велат дека таа е „совршен пример за тоа како новата деловна елита лојална на Виктор Орбан ја зајакна својата контрола во главните сектори на економијата“.
Најмоќниот унгарски олигарх и пријател на Орбан, Лоринц Месарош, го стекна мнозинскиот удел во компанијата во 2018 година преку неговата водечка холдинг компанија „Опус глобал“, која има огромно деловно портфолио од туризам, земјоделство, индустрија до енергија. Месарош го продаде мнозинскиот удел на својот деловен партнер Гелерт Јасаи, кој беше шеф на „Конзум“, компанија која подоцна се спои со „Опус“.
Пред неколку години 4iG се стекна мнозински удел во државната телекомуникациска инфраструктурна компанија Антена Унгарија преку зголемување на капиталот. Според податоците на нејзината веб-страница 4iG има 8.000 вработени.
Во 2022 година, 4iG Групацијата се проширува на телекомуникациските пазари на Западен Балкан, воспоставувајќи значајни позиции во Црна Гора и Албанија преку лансирање на сопствениот телекомуникациски бренд – ONE .
Под брендот – ONE, подружниците 4iG работи во Црна Гора и во Албанија. Неодамна 4iG потпиша меморандум со Египет за модернизирање на тамошната дигитална инфраструктура.
Европскиот платен ТВ-оператор Канал+ заедно со 4iG пред неколку дена лансираше брендирана услуга за стриминг во Унгарија, најнова во серијата меѓународни лансирања што ги вклучува и Австрија, Чешка, Словачка и неодамна Холандија.
Кинескиот „Хуавеј“ и 4iG потпишаа писмо со намери за воспоставување заедничка платформа за клауд услуги за унгарските компании и големите кинески и азиски компании во Централна и Источна Европа за време на посетата на кинескиот претседател Ши Џинпинг на Будимпешта во мај оваа година.
Уште лани медиумите во регионот пишувале дека Орбан го шири своето влијание на Балканот преку оваа компанија.Бугарскиот истражувачки портал BIRD пишува дека унгарските инвестиции двојно се зголемиле во албанската економија. Во текстот стои дека Унгарија има големи планови за 2024 година. Според BIRD, Унгарија сака да се наметне како важен економски фактор во регионот. Се вели дека овие соработки се не само да создаваат профит, туку и политички мрежи.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.