24 Ноември, 2024
0.0296

„Urbi et Orbi“ од Орбан

Објавено во: Колумни 08 Јули, 2024

Добивај вести на Viber

Русија е подготвена да почне мировни преговори со Украина. По кој знае кој пат рускиот претседател, Владимир Путин, го повтори тоа и во Астана на Самитот на членките на Шангајската организација за соработка(ШОС). Спомна и дека во јуни ги кажа руските услови за неутралност на Украина и отстапување на четири региони, кои сега, во најголем дел се под контрола на Русија. Тој се заблагодари на Кина за напорите за посредување меѓу Москва и Киев. Но, според него Западот беше и се’ уште е против преговори. ШОС ќе се посвети во иднина на градење на мултиполарниот свет и зајакнување на безбедноста во регионот на Средна Азија. За мировни преговори се заложи и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Самитот во Астана донесе одлука кон деветте членки да се приклучи и Белорусија, сојузник на Русија. Исто така од изјави од руски дипломати стана јасно дека Турција не може да биде посредник меѓу Русија и Украина. Но, затоа се роди иницијативата Турција и Сирија да воспостават дипломатски односи, со што многу ќе се сменат работите на теренот имајќи предвид дека Турција сега држи под „окупација“ делови од Сирија, а неколку милиони Сиријци за  време на воените дејства избегаа во Турција и веќе им создаваат проблеми на турските власти и незадоволство кај дел од турското население. Учесниците на Самитот се заложија за зацврстување на ШОС и соработка во различни сфери, придонесување кон стабилен развој на организацијата,  во интерес на создавање на потесна заедница со заедничка судбина на ШОС.

Шангајската организација за соработка е создадена во 2001 година од страна на Кина, Русија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Узбекистан за борба со тероризмот и зацврстување на границите. Во 2017 година кон ШОС се присоединија Индија и Пакистан, а во 2022 година и Иран. Оваа организација претставува околу 40 проценти од светското население и над 25 проценти од светската економија. Во организацијата има земји набљудувачи (Авганистан и Монголија), но и партнери за дијалог, меѓу кои е Турција и ред арапски земји. Со тек на време ШОС ги следи заедничките стремежи на Кина и Русија, спротивставувајќи се на американската хегемонија и трагајќи по создавање на мултиполарен свет.

„РАСИПУВАЧ НА ЗАБАВИ“

Вестите што доаѓаа за резултатите од Самитот во Астана во деновите што следеа сигурно ќе привлечеа поголемо внимание, да не беше „расипувачот на забави“. Токму тие денови унгарскиот премиер, Виктор Орбан, го посети Киев каде што се сретна со претседателот на Украина, Владимир Зеленски, а само три дена потоа, во петокот, се појави во Кремљ кај Путин. Посета која извади од такт многумина на Западот. Потоа замина за Азербејџан, на средба на Организацијата на турските држави(ОТД). Тоа, како да беше малку, па Орбан во саботата најави ново „изненадување“. Кога ќе го имате пред вас текстов, ќе следат вести од Пекинг, каде што полета вчера. Тој се упати на средба кај претседателот Шји Џинпинг, а оттаму, во вторник, треба да се појави на самитот на НАТО во Вашингтон. После посетата на Киев унгарскиот премиер Орбан најави:„ Мировната мисија продолжува,. Втората станица – Москва“. Очигледно до конечната станица – Вашингтон, тој предвидел повеќе попатни станици.

Премиерот Орбан изјави дека Зеленски го одбил неговиот прелог за прекин на огнот  за почеток на мировни преговори со Русија. Според Орбан, украинскиот претседател се сомнева во неговиот план и не го поддржува, бидејќи Киев има лошо искуство со обидите за примирје со Русија. Киев исто така сака да дојде до мир преку украинскиот „мировен план“. Во интервју за германскиот весник Die Weltwoche, Орбан изјави дека го прашал Путин за неговото мислење за постојните планови за решавање на конфликтот на Украина и безбедносната архитектура во Европа по завршувањето на воените дејства, а предложил и да се размисли и за краткотраен прекин на огнот. Од одговорите  на Путин станало јасно дека нема реални преговори без учество на двете страни во конфликтот. За Путин актуелна била и преговарачката позиција од март 2022 година, но тој, како и Зеленски, не бил за краткотраен прекин на огнот. Обајцата сметаат дека таквиот прекин би бил искористен против едните или другите.  Во поглед на повоената безбедност на Европа, Русија е подготвена да разгледува таков план. Инаку Путин инсистира на неговите предлози за мир до Украина, таа да се откаже од четирите територии, да прогласи неутралност...На Орбан му е јасно дека позициите на двете страни се многу далеку една од друга, но нагласува дека на „Европа и е потребен мир“. И Главна задача на Унгарија во наредните шест месеци ќе биде „борбата за мир“.

Од 1 јули до крајот на годинава Унгарија ќе претседава со Европскиот совет. Познато е дека таа земја често пати нема заедничко мислење за некои работи со другите членки на ЕУ, понекогаш спори со нив, а има свој став и околу односот кон Русија. Оттука и посетата на Русија ги вознемири актуелните челници на ЕУ, но не само нив. И почнаа нападите врз Орбан.  Канцеларот на Германија Олаф Шолц ја осуди посетата на Орбан на Москва. Првиот човек на европската дипломатија Жозеп Борел изјави дека Брисел не му дал мандат на Орбан за преговори со Владимир Путин, а посетата се одвива во рамките на двостраните односи. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, не беше задоволен од посетата на Орбан на Путин, но изјави дека тој бил запознат со неа. Американскиот амбасадор во Унгарија, Давид Пресман, изјави дека посетата на Орбан на Москва нанесува штета  во односите на Унгарија со сојузниците, а Орбан не може да се нарече мировник, затоа што не побарал од Путин да го заврши конфликтот „ врз услови кои ќе ги почитуваат суверенитетот и територијалната целосност на Украина“.

БРАН КРИТИКИ

Од Стејт департментот за предлозите на Орбан изјавија:„ Ние и НАТО  јасно изјавивме дека овде има само едно решение – Руската Федерација едноставно треба да ја напушти територијата на Украина“. Германците се налутија, бидејќи Будимпешта ја откажа средбата на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто со неговата германска колешка, Аналена Бербок, која веќе била закажана. Во германското Министерство за надворешни работи биле „избезумени“ од откажувањето на посетата и укажале на потребата од „сериозна и чесна“ дискусија после средбата на Орбан со Путин. Причината за откажување е „само техничка, а не политичка“ одговорија од унгарското МНР. Настанале промени во агендата на Сијарто. Очигледно не сакале да кажат дека тој ден тој ќе патува со Орбан.

И првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека претседавачот со ЕС нема мандат за соработка со Русија од името на Советот. Посетата на Орбан на Москва беше осудена и од Украина. Од причина што не била усогласена со неа. „Потсетуваме дека за нашата држава принципот „нема договори за Украина без Украина“ останува непоколеблив и ги повикуваме сите држави строго да се придржуваат до него“, се вели во соопштението на украинското МНР.Орбан беше критикуван и од Шведска иод Балтичките земји и нормално од претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен. „Пацификацијата нема да го спречи Путин, само единството и решителноста ќе го отворат патот кон целосен, праведен и одржлив мир во Украина“, беше нејзината реакција. Единствен од ЕУ, кој го поддржа Орбан, беше словачкиот премиер, Роберт Фицо, кој изрази жалење дека поради здравствени причини не можел да му се придружи.

Унгарскиот премиер не остана должен на критиките, но сметаше дека треба да каже и нешто повеќе. Па упати гласни пораки до сите и до секого. „Ова е бриселска бирократска глупост, која не доведе до никакви резултати во изнаоѓање пат кон мир во руско-украинската војна, ако сакаме да ја завршиме војната, ни треба политички пристап, а не бирократски“, напиша Орбан на социјалната мрежа Х, одговарајќи на критиката на Борел.Како пример за политичко влијание тој го посочи францускиот претседател Никола Саркози, кој во август 2008 година замина да ја прекине војната меѓу Русија и Грузија. На Орбан му е јасно дека претседавањето со Советот на ЕУ не и дава на Унгарија мандат за работа врз мирот во Украина. Но Унгарија „може да биде добро орудие во рацете на луѓето кои сакаат мир“, рече Орбан во интервју за државното радио. „Унгарија не може да преземе одговорност за ова, ние немаме ниту мандат, ниту соодветна меѓународна политичка тежина за ова, немаме соодветен национален (бруто) производ, наша армија и слично, но можеме да бидеме добра алатка во рацете на господата, можеме да бидеме добра алатка во рацете на луѓето кои сакаат мир“, рече шефот на унгарската влада. Орбан е убеден дека „ мировните преговори ќе ги водат големите земји“.

НАМЕСТО МИР - ВОЈНА

Во авторски текст за „Њусвик“ унгарскиот премиер напиша:„ НАТО се приближува до пресвртница. Не заборавајте дека најуспешниот воен сојуз во светската историја започна како мировен проект, а неговиот иден успех зависи од тоа дали ќе може да го задржи мирот. Но, денес наместо мир, на дневен ред е војната, а наместо одбраната, нападот. Сето ова е спротивно на основните вредности на НАТО. Историското искуство на Унгарија учи дека таквите промени никогаш не завршуваат добро. Денеска задачата мора да биде да се зачува Алијансата како мирен проект“. Унгарскиот претседател на собирот на членките на Организацијата на турски држави во Азербејџан изјави дека конфликтот во Украина може да го подели светот на блокови. Орбан на критиките од некои западни земји одговараше дека посетата на Москва е негова христијанска обврска во потрага по мир и дека не е пријател на Путин, туку на Унгарците и на мирот.

Што му требаше сето ова на Виктор Орбан? Дека нешто се подготвува беше јасно уште во вторникот кога Орбан Беше кај Зеленски. Дента се појави веста дека Петер Сијарто имал телефонски разговор со неговиот руски колега Сергеј Лавров. Можно е дека токму тогаш е договорена посетата на Орбан на Москва. За многумина тоа беше знак дека Орбан ќе биде „поштар“, па ќе носи порака од Зеленски до Путин. Но се виде дека тоа не е така. Туку дека Орбан почнува со остварување на некоја своја визија за мир во Украина. Нему му е јасно дека решението ќе го донесат големите сили. Господата, како што ги нарекува. Тој го опипа пулсот на Украина и на Русија. Во Азербејџан и на Турција, која, сепак, е силен регионален играч. Заминувањето за Кина е нормален след на развојот на настаните. За многумина мировниот план на Кина е поприфатлив од планот на Зеленски.

Во моментов околу Украина се сплотени сите земји од ЕУ, од НАТО, Австралија, Јужна Кореја, Јапонија и Нов Зеланд. Околу педесетина земји. Околу Русија има нешто над дваесетина. Се разбира тука е и Кина. Остануваат над стотина од т.н. „Глобален југ“, предводени од Индија, за кои допрва ќе се води борба за приклонување кон едните или другите.  Денес индискиот премиер Нарендра Моди треба да допатува во Москва. Путин нема да пропушти да го убеди Моди да се приклони кон некои од мировните планови што и одговараат на Русија.  Не треба овде да се зборави и влијанието на БРИКС. И членките на оваа организација, кои можат да привлечат кон себе нови држави.  Сето тоа може да влијае врз развојот на настаните во и околу Украина.

После почетокот на патувањата на Орбан се јавија многумина кои сакаат да работат врз мирот во Украина. Во Астана, на самитот на ШОС, турскиот претседател Ердоган на средбата со Џинпинг изјави дека војната во Украина може да се издигне на глобално ниво и додаде дека Турција е подготвена да се вклучи како посредник во нови преговори. Таа деновиве истапи со инцијатива за создавање на мировна платформа за прекин на војната во Украина. Се јавија и Бугарите. И тие сакале да предложат на самитот на НАТО почеток на мировни преговори меѓу Украина и Русија! Поранешниот американски државен секретар, Џон Кери, исто така повика конфликтот да се решава по дипломатски пат.

Можеби Орбан игра некоја своја игра. Или веќе има договор со некого. Или има претчуство, кога вели дека, денес наместо мир, на дневен ред е војната, а наместо одбраната, нападот. Многу работи ќе се разјаснат во Вашингтон. Столтенберг со нетрпение ќе го чека Орбан.  Овој и досега кога патуваше во Москва, „реферираше“ во НАТО за своите посети.  Така ќе биде и сега. Орбан, се чини, само Столтенберг го запознал со своите намери. Не и ЕУ, „бирократите“, како што ги нарекува Орбан раководните луѓе во Унијата. Сите очи и уши на сојузниците во НАТО во Вашингтон ќе бидат отворени да чујат што носи Орбан од  неговата „мировна турнеја“. Резултатот од неа можеби ќе влијае и врз одлуките за Украина кои речиси се подготвени. Но прашање е дали некој од „факторите“ во НАТО има намера да се согласи со приодот на Орбан? Политика, наместо војна. Или пак, криејќи се зад она „ништо за Украина, без Украина“, ќе се продолжи со ескалацијата, за која многумина критичари на Русија велат дека лесно може да доведе до судир на НАТО и Русија. Па дури и дека Украина игра на таа карта да го испровоцира НАТО и да го вовлече во војната.

Мирче Адамчевски


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.