Добивај вести на Viber
Уште непочнато екстерното тестирање создаде главоболки кај учениците и професорите. Прегледот на распоредот за тестирање на страницата на Државниот испитен центар и МОН вчера неможеле да го отворат со часови бидејќи најверојатно се блокирал системот поради интересот на учениците да видат по кој предмет ќе бидат тестирани. Ова според дел од наставниците на самиот старт покажува дека и оваа година реформата ќе се спроведе со потешкотии бидејќи како што велат Изминатите години екстерните тестирања се реализирале во терминот од 2 до 8 па и до 10 јуни, додека оваа година се ќе се одвива во четири дена од 7 до 11 јуни. Некои училишта велат имаат и над 1000 ученици и нејасно е како целиот процес ќе се спроведе за четири дена во три-четири училници со по 20-тина компјутери.
“Проблемите со полагање на екстерните тестови и оваа година се повторуваат како и изминативе години. Имено се повторува недостатокот или неисправноста на ИК технологијата која од година во година се повеќе ја нема (неисправни компјутери, амортизирани, без некои вложувања за одржување на истите). Малку е срамота во оваа ера на компјутеризација да зборуваме за недостаток или неисправност на истите. Изминативе години со екстерното тестирање и секојдневната употреба според програмите на МОН се покажа дека проектот компјутер за секое дете е чисто промашување. Секоја година пред екстерното тестирање така згора преку се подготвуваат по три-четири училници со компјутери колку да се реализира екстерното. За интернетот не треба ни зборувам бидејќи учениците на своите телефони имаат подобар интернет одошто компјутерите наменети за тестирањето. Многу често во училиштата нема интернет, во некои нема струја или е со слаб напон па неможе програмата да се подигне, спора е апликацијата, а ништо не се превзема од година во година тоа да се поправи”- објаснува професорот Владо Димовски.
Поради натрупаните обврски за наставниот кадар, интерните проверки, инспекциските служби, завршните редовни тестирања во училиштата, според него наставниот кадар веќе заборави на квалитетот во образовниот процес и казните или наградите кои беа стопирани,но сеуште им се своевиден притисок. Резултатите и досега од екстерните тестирања вели Димовски не ја прикажуваат вистинската слика на знаењата на учениците ниту на работата на наставниците. Па оттука симптоматично е и зошто сеуште не се објавени резултатите од минатата учебна година.
“Хаосот останува, трката , стресот остануваат и мислам дека екстерното тестирање и оваа година ќе биде про форма колку да се реализира проектот. За спроведување ќе се спроведе но што ќе се постигне со вакво екстерно тестирање и какви резултати ќе донесе е друго прашање.Мислам дека веќе не се ни размислува ни за казните ни за наградите ниту пак како ќе се одрази тоа на наставниците и учениците. Сега најповеќе се размислува како набрзина да се реализира и да се оправдаат средствата кои ќе се потрошат за целиот процес. Резултатите од предминатата учебна година покажаа дека општиот успех од 3,2 и за целокупното образование беа незадоволителни. Од минатата година претпоставувам дека се уште послаби па не ги објавуваат досега”- додава професорот по македонски јазик.
Се додека екстерното тестирање служи за притисок, стрес, казни според него ќе има слаби крајни резултати. Овој проект нагласува професорот треба да послужи како статистички показател во функција на анализа на состојбите во која насока се движи образованието, а во исто време и показател на секој ученик за неговите знаења. Преку екстерното смета дека се губи дел од образовната и воспитната компонента, се губи функцијата на часовите предвидени за повторување и утврдување на материјалот, корелација помеѓу наставни теми и наставни предмети.
“Мислам дена веќе не постои страв од казни иако тоа прашање времено беше стопирано со недокваканата спогодба помеѓу СОНК и МОН. Наставниците многу повеќе време и внимание посветуваат како подобро да ги подготват учениците за екстерното тестирање за да немаат поголеми стресови одколку да размислуваат за казните или наградите. На секој наставник многу поважна му е подготвеноста и смиреноста на учениците во делот на спроведување на тестирањето одколку какви реперкусии ќе донесат резултатите од екстерното за наставниците. Секој просветен работник во услови кога државата не размислува како да направи позитивни реформи во образованието тоа мора да го направат наставниците за учениците па и за себе”- потенцира професор Димовски.
Политиката како што вели е премногу навлезена и влијателна во образованието, а притисокот врз наставниот кадар е особено голем врз наставниците со нетрансформиран работен однос и покрај работното искуство во образованието од над пет и повеќе години.
“Многу се тактизира со трансфомацијата на работниот однос од определено во неопределено и тука се чувствува најголемиот притисок. Несигурноста секогаш носи голем страв. Сепак мислам дека најголемиот број на наставници кои се примени на определено работно време и кои ги исполнуваат условите за трансформација на работниот однос заради непознавање на законите не превземаат дејствија за промена на работниот однос. Изминатава година според званичните податоци над 150 наставници по судски пат со тужби го оствариле своето право за трансформирање на работниот однос благодарејќи на судовите кои го испочитувале законот за работни односи и законите за образование во основните и средните училишта. Можеби е веќе време наставниците кои не го трансформирале својот работен однос да се одважат и да поднесат по некоја кривична пријава до надлежните директори па да се очекува дека овој хаос во образованието донекаде ќе се среди. Мислам дека овој начин не е многу добар, но на притисокот треба со притисок да се одговори, посебно онаму каде правата на наставниците се загрозени”- смета проф. Димовски.
Наставничката фела досега многупати укажуваше на слабостите во образованието, доставени се многу стручни анализи до МОН за подобрување на квалитетот на образованието кои би довеле до многу поквалитетно екстерно тестирање, но најверојатно според Димовски сите завршиле во некои корпи, а надлежните останале глуви на барањата на наставниците од за нив непознати причини. Екс министерот за образование Абдилаќим Адеми минатата година најави сосема нов концепт на екстерното тестирање по мерка на сите засегнати, но поради политичките состојби образованието навистина остана во втор план, па учениците и оваа учебна година може да се соочат со негативни оценки во свидетелствата кои потоа пак ќе влијаат на нивното понатамошно школување.
Екстерното проверување во јунската сесија ќе се спроведе во четири дена, на 7,8,10 и 11 јуни. Во оваа сесија ќе бидат опфатени 178.648 ученици од основните и средните училишта, кои ќе бидат тестирани по 1972 предмети. Резултатите ќе бидат објавени на 13 јуни за деветто одделение, а на 17 јуни за сите останати ученици.