29 Септември, 2024
0.1061

УСТАВНИ ИЗМЕНИ: меѓународна финансиска зона е „држава во држава“?

Објавено во: Анализа 17 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

И со празни опозициски столчиња, Владата го обезбеди потребното двотретинско мнозинство во Собранието, потребно да ја отпочне процедурата за уставни измени, меѓу кои и се оние за ограничување на задолжувањата и за формирање на Меѓународна финансиска зона. За потребата да се менува Уставот вчера гласаа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, вклучувајќи го и пратеникот Хазби Лика, кој во изминатиот период јавно ги критикуваше предложените амандмани. Специјално за гласањето во собраниската сала дојде и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Освен нив, поддршка дадоа и Чедомир Саздовски од ГРОМ, како и одметнатата пратеничка од НДП Мирсада Асани. ДПА гласаше против, а Роза Топузова Каревска беше воздржана. По ова, најдоцна за 10 дена Владата ќе го дефинира текстот на уставните амандмани, кои ќе одат на јавна расправа. А потоа уште еднаш за нив ќе се расправа во Собранието и ќе се гласа за секој амандман посебно. Меѓународна финансиска зона за „оф шор“ или за стабилност? Со образложение од неколку реченици, Владата ги предложи уставните измени за формирање на Меѓународна финансиска зона. Во образложението пишува:
“Со предложените измени на Уставот на Република Македонија се предвидува создавање на уставна можност за основање на финансиска зона, која би развивала посебна правна и финансиска регулатива по највисоките меѓународни стандарди“ , пишува во владиниот Предлог за уставни измени.
Според дел од експертската јавност, ваквото образложение не е доволно за да го поткрепи формирањето и целта на Меѓународната финансиска зона.
Станува збор за формирање на “држава во држава“. Тоа ќе биде зона во која ќе важат сосема други закони. Законските прилагодувања според мене ќе водат кон финансиска манипулација. Тоа ќе значи збогување со суверенитетот. Сегашното законодавство на пример за работни односи, законите од финансиите или од трговијата ќе бидат сосема различни во и надвор од финасиската зона“, вели за “Фактор“ еден од поранешните министри за финансии и екс-гувернер Петар Гошев.
Според предлагачот на Уставните измени, целта на формирање на една ваква финасиска зона е привлекување на меѓународни финасиски корпорации, но не и “оф шор “ компании.
Со создавањето на финансиската зона ќе се поттикне развојот на финансиските услуги во Република Македонија преку создавање на услови за привлекување на меѓународни финансиски и трговски друштва“, се вели во образложението на Владата.
Премиерот Никола Груевски посочи дека со нејзиното создавање ќе се отворат нови работни места со што ќе се зголеми вработувањето, но ќе има и други бенефиции.
„Целта е на еден простор од 10-20 хектари да се формира една финансиска меѓународна зона, во која што ќе се пресликаат законите од Америка, Англија или Германија, правниот дел во делот на финансиите. Тоа дополнително ќе го зголеми кредибилитетот на оваа финансиска зона. Регулативата целосно ќе се преслика од овие најдобри економии, најпривлечни за инвеститорите и ќе се дадат дополнителни поволности во делот на даноци и слично, за компаниите кои ќе одлучат тука да ги пренесат своите седишта“, истакна Груевски.
Според поранешниот гувернер Гошев, овој концепт на финансиски зони не е позната и применета пракса за европските економии.
“Во случајов ќе се формира зона со големи поволности и екстра понуди за оние што ќе решат да влезат во неа. Тие поволности ќе бидат далеку поголеми од оние што сега ги нудиме преку Слободните економски зони. Во Европа не се познати ваквите финансиски зони, но затоа ги има на пример на исток, во Обединетите Арапски Емирати, во Дубаи“, вели Гошев.
Оваа ќе троши, некоја идна влада ќе мора да штеди.... Ограничувања за нивото на јавниот долг и буџетскиот дефицит се вториот економски сегмент што ќе биде утврден со Устав. Според предлогот на Владата, ограничувањето на задолжувањата до 60% од БДП ќе биде потег што ќе ја зајакне фискалната дисциплина.
“Во духот на строга финансиска дисциплина се наметнува потребата за нормирање на дефицитот на буџетот во висина најмногу до 3% од БДП, а јавниот долг да се лимитира на ниво од најмноу 60% од БДП. На патот кон Европската унија, Република Македонија иако успешно се справи со светската економска криза со оваа иницијатива се има намера во Уставот превентивно да се вградат механизми коишто гарантираат фискална дисциллина и стабилност, тргнувајќи од најдобрите европски практики по примерот на земјите кои извршија уставни измени во оваа насока и тоа: Словенија, Германија, Полска, Италија, Шпанија, Австрија и други“, пишува во предлогот на Владата за уставните измени.
Токму за овие фискални ограничувања експертската јавност се подели, а гувернерот Богов даде поддршка на решението. Додека едни сметаа дека уставното решение за ограничување на нивото на јавниот долг ќе ја зголеми фискалната дисциплина и ќе биде гарант за контролирани трошења на Владата, без разлика на која политичка опција и припаѓа, други сметаат дека решението нема да ги донесе очекуваните ефекти. Поранешниот гувернер Гошев смета дека со уставните ограничувања може да се наштети на фискалните политики на некоја идна влада.
“Со оглед на тоа што уставните измени би важеле од 2017 та година, тоа би значело дека актуелната влада сега ќе може и натаму да се задолжува. Што доколку таа го достигне нивото од 60% од БДП? Тоа значи дека некоја идна влада, доколку има потреба од пари, повеќе нема да може да позајми ниту евро!“, вели Гошев.
Дел од економистите сметаат дека постојат и други механизми за контрола над јавните финансии.
“Во рамките на Европската Унија познати се други механизми за зголемување на фискалната дисциплина и контрола врз државните трошења. Таков е на пример Законот за јавни финансии кој јасно ги дефинира нивоата на задолжување и динамиката на нивната отплата. Значи, воведувањето на фискалните правила треба да се спроведува или преку Закон за јавни финансии или преку формирање на Фискален совет“, изјави неодамна за “Фактор“ Марјан Николов од Центарот за економски анализи.
Како втор инструмент за контрола на јавните финансии според економиситите е Монетраниот борд, модел кој функционира во Бугарија, на пример.
“Во Бугарија работи Монетарен борд, тело кое е задолжено за следење и контрола на состојбите во јавните финансии. Одлуките, односно оценките на ова тело се конечни и не се оспоруваат. Монетарниот борд е практично гаранција дека власта, без разлика која и да е, не може нетранспарентно и дискреционо да ги троши народните пари“, објаснуваат експертите.
Предлагачот на уставните измени посочува дека и тука станува збор за европски пример. Новите фискални правила, според обрзложението на Владата, треба да обезбедат: рамка за водење на стабилна, предвидлива и одржлива фискална политика, зголемување на буџетската дисциплина и одговорност, зголемување на кредибилитетот на макроекономската политика, правична и одржлива распределба на расходите помеѓу сегашната и идната генерација корисници на јавни добра. Д.А.