Уставниот суд заседава в среда, СЈО пак не е на дневен ред
Објавено во: Македонија 04 Ноември, 2016
Уставните судии в среда на 9 ноември, во 9 часот, ќе ја одржат првата седница со новиот претседател, Никола Ивановски.
На седницата, како што може да се види од агендата објавена на интернет-страницата на судот, на дневен ред не е иницијативата за оценка на уставноста и на законитоста на Законот за Специјално јавно обвинителство.
Уставните судии на седницата ќе расправаат по иницијативи за уставноста и за законитоста на членови од Законот за акцизите, Законот за катастар на недвижности, Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Законот за заклучување на стечајните постапки остварени во согласност со Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација и Законот за стечај, Законот за спортска академија, Изборниот законик и од прилог 1 и прилог 2 од Правилникот за начин и услови за регулирање на тарифи за пренос, управување со ситемот за пренос и дистрибуција на природен гас.
Ивановски кој беше избран на 17 октомври, а од 1 ноември и официјално е на местото на Елена Гошева, ја наследи иницијативата за оценување на уставноста и на законитоста на Законот за Специјално јавно обвинителство (СЈО). Оваа иницијатива веќе една година чека на разгледување.
Последната седница уставните судии ја одржаа во понеделникот, кога се простија од Гошева, како претседател. Таа и понатаму останува во деветчлениот состав на Уставниот суд.