Утре времен сообраќаен режим во Скопје поради новогодишната програма
Објавено во: Македонија 30 Декември, 2014
Главниот град на земјава утре ќе биде затворен за сообраќај и во двете ленти поради организираните манифестации (детска Предновогодишна програма, Новогодишна програма).
Затворени за сообраќај ќе бидат улиците „11 Октомври“ и „Димитрија Чуповски“, од крстосницата со ул. „Филип Втори Македонски“ до крстосницата со улицата „Даме Груев“.
Поради тоа ќе се изврши и пренасочување на автобускиот сообраќај на линиите кои минуваат на овој потег, и тоа:
1. Автобусите кои ги опслужуваат линиите со број 26, 50, 57, 59 кај Градска болница ќе се движат по ул. „11Октомври“ кон Зелено пазарче, потоа десно по ул. „Кирил и Методиј“ (Рамстор) и продолжуваат по својата траса. Во обратна насока ќе ја користат ул. „Даме Груев“ (зад Собрание).
2. Автобусите кои ги опслужуваат линиите со број 3, 3А, 3Б, 4, 4А, 5, 7, 7Б, 15, 15А, 21, 21А, 22, 23, 24, 25, ќе се движат по бул. „Кочо Рацин“, ул.„Кирил и Методиј“ (Рамстор) и продолжуваат по своите траси. Во обратна насока ќе се движат по ул. „Даме Груев“ (зад Собрание) и продолжуваат по своите траси. Притоа ќе ги користат постојните автобуски стојалишта.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат и да го почитуваат времено поставениот режим на сообраќај.