Добивај вести на Viber
Бизнис заедницата од почетокот на новата година ќе се соочи со неколку нови правила за пријавување на данокот, за управување со електронскиот отпад а новини ќе има и во процедурата за добивање транспортни дозволи. Освен нови правила, домашните компании ќе имаат пристап до поевтин гас, увоз на репроматеријали без или со намалени царини а дел од компаниите ќе можат да набавуваат струја на слободен пазар...Фактор ви донесува преглед на дел од новите правила кои стапуваат на сила во 2013 година.
Соња Јованова Наумовска
Задолжителна електронска даночна пријава
Најавениот нов начин за поднесување даночни биланси и ДДВ пријави е веројатно најзначајната новина која може да ја очекуваат компаниите во 2013 година. Од Управата за јавни приходи најавија дека веќе од 1 јануари,сите месечни ДДВ обврзници, ДДВ- пријавите и даночните биланси за данокот на добивка задолжително ќе мора да ги пријавуваат до УЈП по електронски пат преку системот е- даноци. Овој систем први ќе почнат да го применуваат месечните даночни обврзници, додека за тримесечните примената ќе стартува од јули идната година. За останатите даночни обврзници, засега, оваа обврска ќе биде доброволна. Казната за неподнесување на даночна пријава во законски предвидениот рок достигнува и до 3.500 евра. Во УЈП уверуваат дека бизнисмените ќе имаат бенефит од оваа новина, затоа што услугата овозможува 24-часовен пристап до системот, намалување на административните трошоци, намалување на грешките при пополнување на формуларите, автоматско потсетување на даночниот обврзник за крајниот рок и висок степен на безбедност и сигурност на личните и деловните податоци на даночниот обврзник.
Без или намалени царини за увоз на репроматеријали
Од први јануари, нема да има царини за неколку репроматеријали кои се употребуваат во автомобилската индустрија но и во металопреработувачката, како и прехранбената и графичката индустрија и транспортниот сектор. Станува збор за целосно укинување или намалување на царинските стапки за резервни автомобилски делови, полиетиленски фолии, алатни машини и железнички товарни вагони и автобуси.
Целосно се укинува царината од 15 проценти за облоги и плочки за кочници, фрикциони производи и други делови од нетемперирано леано железо, а се намалува царината од 5 проценти која важеше за алатните машини кои се употребуваат во металопреработувачката индустрија.
Се намалуваат царините за автобусите и минибусите од прва категорија од 10 проценти на 5 проценти, додека царините за автобусите и минибусите од втора категорија се намалуваат од 15 на 5 проценти. Царините за вагоните и цистерните пак, кои досега изнесуваа 4 проценти, од први јануари 2013 година, целосно се укинуваат.
Целта за намалување на царините во транспортниот сектор се со цел обнова на возниот парк и намалување на трошоците на транспортните компании.
Нов закон за управување со електронски отпад
Од 1 јануари стапува на сила Законот за управување со електронски отпад, со кој старите апарати за домаќинство, како на пример, машини за перење алишта, фрижидери, електрични шпорети и компјутери, кои не се во употреба, ќе може, или да се остават на соодветни собирни пунктови или при купување на нови апарати да се заменат кај трговците кои продаваат таква опрема. Тоа значи дека ако граѓанинот купува нов електричен шпорет може да го остави стариот кај трговецот, без надомест.
Со новиот закон, при увоз на електричните апарати, трговците ќе плаќаат и еколошка такса, чија цена ќе зависи од тежината на опремата.
Поевтин гас за компаниите
Во 2013-та година македонските граѓани ќе имаат можност да располагаат со поевтин гас. Увозникот Макпетрол веќе потврди дека во преговорите со руската компанија „Гаспромекспорт“ постигнал намалување на цената на природниот гас за 10,45%.
Па така ако во декември крајната цена на гасот изнесуваше 36,3 денари за НМ3, од први јануари цената ќе изнесува 32,50 денари, односно поевтинува за околу 3,8 денари. Се очекува учеството на природниот гас во вкупните трошоци на Топлификација за работење на топланите кое надминува 70%, реално да ја намали и цената на парното.
Фирмите слободно на пазарот ќе набавуваат струја
Од новата година стартува и втората фаза од либерализацијата на пазарот со електрична енергија, со што над 140 индустриски потрошувачи се стекнуваат со статусот квалификуван потрошувач. Тоа значи дека овие компании ќе имаат право да набавуваат електрична енергија преку слободен пазар и да бидат член на балансна група на потрошувачи, со што ќе биде решен проблемот на балансирање на нивната потрошувачка. Се очекува нивните трошоци за струја да се намалат за околу 20 отсто.
Превозниците полесно ќе добиваат транспортни дозволи
Од први јануари 2013 година, во процедурата за добивање транспортни дозволи, наместо превозниците сами да бараат тековна состојба и финансов извештај од Централниот регистар, Министерството за транспорт и врски по електронски пат ќе ги добива овие информации од регистарот. Со тоа се олеснува начинот на кој превозниците ќе можат да ги добиваат сите лиценци и дозволи од Министерството.