ВАКЦИНИТЕ ПРОТИВ КОВИД НЕ ПРЕДИЗВИКУВААТ РАК И ДУРИ И АКО СЕ РАЗБОЛИТЕ, НЕМА ДА БИДЕ СЕРИОЗНО - еве кои се митовите и вистините
Објавено во: Македонија 19 Март, 2021
Дел од вакцините на АстраЗенека треба да стигнат во земјава до крајот на месецов и нив ќе ги добиеме преку Ковакс системот, а дел од нив до 15 април. И кинеските вакцини се очекува да стигнат до крајот на месецов. За другите вакцини, пак, се уште нема прецизна информација кога со нив ќе се наполнат фрижидерите во пунктовите за вакцинација.
Министерот за здравство Венко Филипче, вчера со доза на воздржаност најави дека очекува вакцините од АстраЗенека да стигнат на 31 март и 15 април, додека кинеските вакцини на 31 март, нагласувајќи дека системот е подготвен и точно се знае како ќе се одвива вакцинирањето.
Ако е за некаква утеха на македонските граѓани, европскиот регулатор за лекови „пресече“ дека вакцината на Оксфорд е безбедна и ефикасна. Извршната директорка на Европската медицинска агенција, Емер Кук соопшти дека комитетот донел одлука дека придобивките од оваа вакцина ги надминуваат сите можни ризици.„Кога се вакцинираат милиони луѓе, неизбежно е да има и тешки несакани ефекти и ние продолжуваме со нашата истрага. Денешниот заклучок овозможува да се продолжи со процесот на вакцинирање“, изјави шефицата на ЕМА, Емер Кук.
Но, иако вакцини се уште немаме, имаме детална онлајн платформа за сите нејаснотии кои може да ги имаат граѓаните во врска со вакцинацијата. Ја изготви Министерството за здравство, со цел сите нивни стравови, митови и погрешни информации да бидат елиминирани, и тие да ги добијат вистинските информации за бенефитите од вакцинирањето. На оваа платформа, kovid19vakcinacija.mk,граѓаните можат да се информираат за се во врска со вакцините, процесот и фазите на вакцинација, како и за пунктовите каде што ќе се врши вакцинирањето.
Во платформата првично од МЗ информираат дека во земјава ќе бидат достапни вакцините Синофарм, Фајзер-Бионтек, АстраЗенека и Спутник В.
СИТЕ ВАКЦИНИ СЕ НАД 18 ГОДИНИ, САМО ФАЈЗЕР НАД 16
За вакцината на АстраЗенека се кажува дека е тип на вакцина аденовирус како вектор кој носи гени за С протеинот. Препорачана возраст за неа е над 18 години. Потребни се две дози, при што втората доза се дава 4-12 недели по првата доза. Ефикасност: во клиничките студии докажана е ефикасност од 63,09 отсто за превенција на инфекција со САРС-Ков2, резултатите од реалната пракса се охрабрувачки, само по првата доза 85 отсто се намалува ризикот за хоспитализација или тешка форма на болеста.Безбедност: повеќе од 25 илјади индивидуи беа вклучени во клиничките тестирања Најчести несакани ефекти – болка на местото на апликација, црвенило и чешање, покачена телесна температура, треска, главоболка, болки во мускули. Се јавуваат кај 1/10 индивидуи. Поретко се јавува алергиска реакција.
За вакцината на Фајзер пак се нагласува дека е мРНА вакцина која дава инструкции на организмот за создавање на протеин карактеристичен за вирусот САРС-Ков2. Препорачана возраст е над 16 години. Потребни се 2 дози, втората доза 21 ден по првата доза. Се дава мускулно во рамото. Ефикасност: клиничките студии покажаа висока ефикасност до 94 отсто превенција од САРС-Ков2 инфекција, а податоците од вакцинацијата ширум светот ја потврдуваат ефикасноста од клиничките студии. Безбедност: вакцината е безбедна повеќе од 40 илјади индивидуи беа вклучени во клиничките тестирања. Најчести несакани ефекти – болка на местото на апликација, црвенило и чешање, покачена телесна температура, треска, главоболка, болки во мускули. Несаканите ефекти се почести по примање на втората доза. Оваа вакцина може да даде и алергиска реакција и не треба да се администрира на лица алергичнина полиетилен гликол (PEG) или сродни молекули.
За Синофарм вакцината, пак, се вели дека се состои на база на инкативиран САРС-Ков2 вирус, а препорачана е на возраст над 18 години. Потребни се две дози, втората доза од 21-28 дена по првата доза. Таа е 86 отсто ефикасна против САРС-Ков2 инфекција, а 100 отсто ефикасна за превенција на тешка болест. Се дава мускулно во рамо. Безбедност – повеќе од 43 милиони дози се дадени до 21 февруари во светот. Најчести несакани ефекти се болка на местот на апликација, црвенило и чешање, покачена телесна температура, треска, главоболка, болки во мускули.
И конечно, за вакцината на Спутник В се објаснува дека е тип на вакцина аденовирус како вектор кој носи гени за С протеинот на САРС-Ков2 вирусот, а препорачана е на возраст над 18 години. Потребни се 2 дози, втората доза 21 ден по првата доза. Се дава мускулно во рамото. Ефикасноста на Спутник В наспроти КОВИД-19 е пријавена на 91,6 отсто, а бројката се заснова на анализа на податоците на 19.866 волонтери, кои примиле и прва и втора доза на вакцината Спутник В. Безбедност: Клиничките студии покажаа висока ефикаснот од 92 отсто превенција од САРС-Ков2 инфекција. Исто така, се смета дека е безбедна – и нуди целосна заштита од хоспитализација и смрт. Некои несакани ефекти од вакцината се очекувани, но тие се обично лесни, вклучувајќи болка во раката, замор и покачена телесна температура.
ВО ПЛАТФОРМАТА НАВЕДУВААТ ПОВЕЌЕ ПРИЧИНИ ЗОШТО ГРАЃАНИТЕ ТРЕБА ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ
„...Клиничките испитувања на сите вакцини мора прво да покажат дека се безбедни и ефикасни пред било која вакцина да биде одобрена за употреба, вклучително и вакцините против КОВИД-19. Инфекцијата со КОВИД-19 може да понуди одредена природна заштита, позната како имунитет. Тековните докази кажуваат дека реинфекцијата со вирусот што предизвикува КОВИД-19 е невообичаена во 90 дена по првичната инфекција. Сепак, експертите не знаат со сигурност колку трае оваа заштита, а ризикот од тешка болест и смрт од КОВИД-19 далеку ги надминува придобивките од природниот имунитет. Вакцинацијата против КОВИД-19 ќе ви помогне да се заштитите со создавање на антитела (имунолошки систем) без да имате искуство со болеста“, се вели во онлајн платформата.
Дали вакцинацијата против КОВИД-19 обезбедува долгорочна заштита?
Од МЗ информираат дека е прерано за да се знае дали вакцините против КОВИД-19 ќе обезбедат долгорочна заштита. Потребно е дополнително истражување за да се одговори на ова прашање. Сепак, охрабрувачки е што достапните податоци сугерираат дека повеќето луѓе кои се опоравуваат од КОВИД-19 развиваат имунолошки одговор, кој обезбедува барем одреден период на заштита од реинфекција – иако сè уште се истражува колку е силна оваа заштита и колку трае. Повеќето вакцини против КОВИД-19 што се користат се даваат во две дози.
Колку брзо вакцините против КОВИД-19 можат да ја запрат пандемијата?
„Повеќето научници предвидуваат дека, како и повеќето други вакцини, вакцините против КОВИД-19 нема да бидат 100 отсто ефикасни. Но од досегашните искуства гледаме дека вакнинацијата дава ефект. На пример во Израел, според нивна државна студија, се забележува за 94 отсто намалување на бројот на нови случаи“, се вели во платформата.
ШТО ЗНАЕМЕ ДОСЕГА ЗА ВАКЦИНИТЕ ПРОТИВ КОВИД-19?
Студиите покажуваат дека вакцините против КОВИД-19 се ефикасни во спречувањето да не се заразите. Експертите исто така сметаат дека примањето на вакцината против КОВИД-19 може да помогне да не се разболите сериозно, дури и ако се инфицирате со КОВИД-19. Вакцинацијата против КОВИД-19 ќе ни помогне да се вратиме во нормала.
„Обично се потребни неколку недели по вакцинирањето за телото да создаде заштита (имунитет) од вирусот што предизвикува КОВИД-19. Тоа значи дека можно е некое лице да се зарази веднаш по вакцинирањето. Ова се случува поради тоа што понекогаш, кај некои луѓе, кои веќе биле инфицирани со вирусот, се наоѓале во период на инкубација или дошле во контакт со вирусот веднаш по примање на првата доза, вакцината немала доволно време да обезбеди заштита“, се вели во платформата.
Што не знаеме се уште за вакцините против КОВИД-19?
Иако вакцините против КОВИД-19 се ефикасни во спречувањето да не се разболите, научниците сè уште проучуваат колку вакцините спречуваат да го ширите вирусот што предизвикува КОВИД-19 на други, дури и ако не се разболите.
КОГА КОЈА КАТЕГОРИЈА ГРАЃАНИ ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРА
За земјава се најавува дека првата фаза на вакцинација, која е всушност сега, е кога земјата има многу ограничена достапност на вакцини, односно се расположливи количини за 1 до 10 отсто од вкупната популација. Тука влегуваат здравствените работници во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик, како и постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, лица постари од 70 години
Во втората фаза, кога има ограничена достапност, односно расположливи количини на вакцини има за 11 до 20 отсто од вкупната популација, влегуваат постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход кои не се опфатени во прва фаза, лица на возраст од 65 години и постари, потоа, лица на возраст од 20-65 години со коморбидитети или здравствени состојби детерминирани како значително висок ризик за стекнување на тешка болест, компликации или смртен исход, здравствени работници со умерен ризик да стекнат и пренесат инфекција, вработени во витални институции за нормално функционирање на општеството и вработени во образовани институции вклучени во настава со физичко присуство и вработени во детски градинки.
И во третата фаза, кога има умерена достапност на вакцини, односно расположливи количини на вакцини за 21 до 50 отсто од вкупната популација, ќе се вакцинираат останати есенцијални работни места за нормално функционирање на општеството, останати вработени во образование, социјални групи со зголемен ризик од стекнување и пренесување на инфекција затоа што не се во состојба да одржуваат физичка дистанца, здравствени работници со низок ризик да стекнат и пренесат инфекција и здрави лица на возраст од 30-64 години.
КОИ СЕ ЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА
За тоа колку е безбедна вакцинацијата, од МЗ велат дека во нашата држава секоја вакцина е одобрена само доколку успешно ги поминала сите три фази на клиничките студии. По одобрување на пазарот, вакцината продолжува внимателно да се следи и проценува со цел да се забележат многу ретки несакани ефекти.
Дали може да се исклучат несакани ефекти?
„Не, сите вакцини може да имаат несакани ефекти. Но најчесто тие се лесни, самоограничувачки и спонтано поминуваат. Важно е да се знаат, и да му се објаснат на лицето кое се вакцинира за да знае што да очекува после примање на вакцината“, се објаснува.
Кој не треба да се вакцинира?
Децата и адолесцентите на возраст под 16 години за кои вакцината во моментов не е одобрена, не треба да се вакцинираат. Потоа, бидејќи сè уште нема доволно информации, вакцинацијата за време на бременост и лактација во моментов се препорачува само според индивидуална проценка. Ако страдате од акутно заболување со треска над 38,5 степени, вакцинацијата треба да се изврши по закрепнувањето. Сепак, субфебрилна или малку покачена температура под 38,5 степени не е причина да се одложи вакцинацијата. Во случај на преосетливост на компонента од вакцина, вакцинацијата не треба да се спроведува, па затоа од платформата советуваат да се информира докторот пред вакцинацијата ако лицето има алергии.
МИТОВИ И ФАКТИ ЗА ВАКЦИНИТЕ
Мит: вакцините кои се составени од мРНА ја менуваат вашата ДНК и може да предизвикаат рак.
Вистина: мРНКвакцините не ја менуваат вашата ДНК на кој било начин и затоа не можат да предизвикаат рак. Вакцините за Messenger РНК (мРНК) ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази. мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцината.
Мит: Вакцината не е толку ефикасна затоа треба да носите маска откако ќе се вакцинирате.
Вистина: Сите вакцини се исклучително ефикасни. Вакцините имаат различна ефикасност од 63,09 отсто па до 95 отсто ефикасност од зараза, но сите штитат од тешка болест и болничко лекување. Сепак, ниту една вакцина не обезбедува 100 отсто заштита од добивање на вирус или негово ширење на други, па затоа е многу важно да продолжите да ги следите јавно здравствените мерки како што се социјално дистанцирање, носење маски и редовно миење на рацете. Ова е особено важно веднаш откако ќе ја добиете вакцината, бидејќи е потребно време за вашиот имунолошки систем да одговори и да создаде имунитет.
Мит: Ако не сум изложен на сериозни компликации со КОВИД-19, не ми треба вакцината.
Вистина: Здравите луѓе можат да развијат тешка инфекција со КОВИД-19. И покрај тоа што имаат помал ризик од сериозни компликации со КОВИД-19, тие можат да се заразат и да го шират вирусот. Вакцинирањето ве штити вас, како и вашата заедница.
Мит: Да се добие имунитет природно е побезбеден отколку да се добие од вакцина.
Вистина: Количината на природен имунитет што ја добива лицето по инфекцијата варира од личност до личност. Според Центрот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) од САД, раните докази сугерираат дека природниот имунитет не може да трае многу долго. Да се развие имунитет од вакцината е помалку ризично отколку да се развие имунитет со прележување на болеста затоа што не постои начин да се предвиди сериозноста на симптомите ако добиете КОВИД-19.
МИТ Е ДЕКА ВАКЦИНИРАЊЕТО МОЖЕ ДА ВЕ РАЗБОЛИ ОД КОРОНАВИРУСОТ
Вистина: Вакцината не содржи никаков жив или активен дел од вирусот КОВИД-19. Нема да предизвика позитивен тест со кој се тестира активна инфекција со КОВИД-19. Некои луѓе кои примиле вакцина пријавиле лесни до умерени несакани ефекти, вклучувајќи болка на местото на инјектирање, замор, главоболка и болка во мускулите. Не секој добива несакани ефекти. Но, ако добие, тие се нормални и знак дека вашето тело ја гради својата одбрана од вирусот.
Мит: Вакцините беа развиени премногу брзо. Не можеме да бидеме сигурни дека се безбедни.
Вистина: Вакцините КОВИД-19 беа развиени брзо во споредба со претходните вакцини затоа што научници, лекари и владини агенции низ целиот свет вложија огромни ресурси за да ја намалат бирократијата и да ги објават резултатите штом беа достапни.
Мит: Бројот на жртви од КОВИД-19 намерно се прикажува висок. Вклучува луѓе кои веќе биле болни со други состојби.
Вистина: Во извештајот на ЦДЦ за смртни случаи како резултат на КОВИД-19, истражувачите откриле дека КОВИД-19 може директно и индиректно да доведе до смртност. Луѓето со основни состојби како што се дијабетес или дебелина се изложени на поголем ризик од заразување со КОВИД-19 отколку оние кои немаат хронични болести. Вистина е дека одредена здравствена состојба на една личност може да придонесе за смртен исход од КОВИД-19. Меѓутоа, ако лицето не се заразило со вирусот, тешко дека нивната здравствена состојба би довела до нивна смрт. Бројот на жртви од КОВИД-19, всушност, е веројатно поголем отколку што покажуваат сегашните бројки. Луѓето кои умираат од КОВИД-19 без да бидат тестирани, на пример, може да не бидат вклучени во моменталното сметање. Заводот за статистика на РСМ излезе со бројка на починати во 2020 година која статисички е многу повисока од минатите години.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.