29 Март, 2024
0.0283

Ванковска: Рефренот на нашата транзиција е неказнивост на најмоќните и недопирливите

Објавено во: Македонија, Интервјуа 23 Август, 2019

Добивај вести на Viber

Многу „зошто“, а малку одговори и натаму го обвиваат предметот „Рекет“ кој го раздрма правосудниот систем на Македонија. Катарзата можеби ќе започне со притворањето на Катица Јанева која е додадена на листата на осомничени од страна на ОЈО. Многу трагикомични ситуации ни го окупираа вниманието и ни ја зголемија грижата дали правната држава може да продолжи да се гради врз основа на „хероини и месии“ кои треба да и го зададат клучниот удар на политичката мафија. Со професорката Билјана Ванковска анализираме дали оваа акција е конкретна или пак политички театар за да се задоволи „гладната глутница“ за правда. Како ќе се излезе од правосудниот ќор сокак, и како сега ќе влијаат политичките партии.

Ф: Како ретко кога, обвинител се најде во притвор, и тоа шефот на СЈО, институцијата која ја доби целосната доверба да се бори организираниот криминал и висока корупција. Јавноста беше нестрплива за конкретна акција на истражните органи, дали ова е доволно и како очекувате да се расчисти случајот „Рекет“?

БВ: Владејачката елита и нејзиниот пи-ар се обидува поразот да го прикаже како успех, односно фигуративно кажано од Катица Јанева да направи она што апсењето на Иво Санадер беше во Хрватска, а во контекст на евроинтеграциите. Да бидеме искрени, да не беа дојавите од еден новинар, сето ова ќе останеше непроцесуирано. А и кога почна да се отплеткува клопчето (под притисок на вистината која полна да се наѕира), сето тоа беше неубедливо.

Држење прес-конференција за приведување на двајца маргиналци како првоосомничените беше некако претерано, зошто секој разумен можеше да процени дека за афера од вакви размери морала да се одвива со знаење, ако не со помош, на повисоки центри на моќ. Всушност, тоа е суштината на секоја дефиницијата на организиран криминал и висока корупција. За пример, ќе ви посочам само една: „организираниот криминал опфаќа криминални дејствија заради материјална корист од страна на групи кои се ангажираат во насилни акти, корумпирање на високи јавни службеници, вклучувајќи ги и тие кои се дел од правосудството, пенетрирање во легитимната економија (преку рекетирање и „перење пари“)  и влијание врз политичките процеси“ (Едгардо Бускалиа).

Затоа, јавноста во моментов има помешани чувства: на збунетост зошто, ако за овој случај знаел премиерот и наводно прв го пријавил случајот, истрагата веднаш не се фокусираше на оние кои биле „мозокот“ на операцијата? Ако тоа (по некоја случајност) била Јанева, зошто по притворањето на двајцата првоосомничени, таа беше оставена на слобода со можност од многу висока позиција да влијае на сведоци и на доказен материјал (за што постоеја повеќе индиции)? Зошто годишни одмори кога ви се урива не само значаен дел на правосудниот систем, туку и она што требаше да биде морална вертикала? Многу „зошто“ имаше и многу недоумици останаа...

Лично, не сум изненадена, иако голем дел од јавноста падот на Чарлиевите ангели го доживува како антиклимакс на сите очекувања дека конечно ќе завладее правна држава. На моменти, ова наликува на евтина турска/шпанска серија во која до последниот миг се случуваат најневеројатни пресврти, но работата е сериозна, иако е смешна. Велам не сум изненадена бидејќи од самиот почеток имаше три нешта што ме правеа скептик: прво, СЈО е институција надвор и над уставниот и јавнообвинителскиот систем, со други зборови е институција наметната од политичка волја, без водење на сметка за уставно-правните принципи, посебно на системот на кочници, отчетност и одговорност. Жално е што Уставниот суд до денес не најде сила да го отвори тој предмет. Второ, законот со кој се воспостави СЈО не само што од почеток беше полн со недоследности, па и небулози, туку им даде право да одлучуваат на политичките партии (!?) - непојмлива работа во правна држава! Но, Пржинскиот договор решаваше политичка криза со неправни средства. Категорија „четири партии“ не може и не смее да има доколку воопшто се претендира на држава (дури и ако не е правна)!

И сега сме во ќор-сокак, ни на небо ни на земја со бизарниот статус на Јанева, која е олицетворение на инокосна институција, а не шефица на редовно обвинителство. Конечно, третата работа која ми ја зацврсти недовербата беше изборот на личноста која застана на чело на СЈО. Ристоска и Фетаи донекаде го ублажуваа поразителниот јавен профил на Јанева, ама од нивните прес-конференции кои се претворија во театар се виде дека институцијата оди на тоа да ѝ се допадне на јавноста (небаре на избори ќе одеа, па да добијат доверба кај мнозинството!). Сите оние силни испитувања на јавното мислење покажуваа дека медиумските методи и естрадизацијата на СЈО, дури и како симбол на протесно движење, водат кон институција која повеќе ќе се потпира на популарноста одошто на ригоризните правни процедури и резултати. Убедена бев, а сега уште повеќе, дека изборот на Јанева беше неслучаен: сите заинтересирани, а самите инволвирани на еден или друг начин, посакуваа слаба и некомпетентна личност, со тенко познавање на сложените правни механизми, но со паланечка амбиција. И го добивме тоа што беше лесно да се погоди дека ќе се случи. 

Ф: Колку во овој случај ќе има влијание мислењето на јавноста, како и политичките влијание. Се уште се чека истрагата да се прошири многу подлабоко и на функционери од самиот врв на власта без кои таков обем на рекетирање на бизнисмени не би бил возможен?

БВ: Она што на прв поглед паѓа в очи е генералната недоверба во системот, во владата, обвинителство, судството, па дури и медиумите, експертите... Ова е како допирање на дното, ама него го нема. Втората (очекувана) реакција е играта на заемно обвинување: кој ја избрал Јанева? Како можело да дојде до ова? Фактите зборуваат дека сите заедно ја избраа Јанева (Груевски, фрлен во нокдаун, не беше во можност да уценува, а интересно Јанева беше на листите на двете најголеми партии. Беа елиминирани врвни правници, и таа им дојде како идеално решение - затоа што моќните сакаат марионети кои ќе ги управуваат, а не личности/институции со интегритет да ги гонат. Странците тоа го благословија, па дури и авансно ја наградуваа Јанева за нешта што не ги ни постигнала (нешто како Нобеловата награда за Обама за идни дела/очекувања).

Рефренот на нашата транзиција од 90-те е синергија на култура на неказнивост и на недопирливост на најбогатите и на најмоќните, од криминалната приватизација до владеењето на Груевски и Заев. Со кршењето на принципот на владеење на правото е слично како со бременоста: жена не може да биде малку бремена, а правна држава или има или нема! Она што загрижува е брзината со која се еродира сѐ што макар и малку наликува на норма, правило, процедура. Ако на Груевски му беа потребни десетици години, Заев го стаса за само две години.

Лично останувам скептик, и за тоа ќе ви дадам само два примери од вчерашниот ден: републичкиот јавен обвинител, иако во по малку завиена форма, веќе ги екскулпираше „домашните и странски политичари“, додека оксиморонски во истата реченица зборуваше дека секој ќе одговара за сторени дела. Вториот пример е експресната прес-конференција на портпаролот на Владата на кој наводно се бараше сечија одговорност, ама со прст се покажа на оние кои сакале да го злоупотребат случајот и биле (државни) „непријатели на евро-атлантските интеграции“. Значи, ни ја покажаа „црвената линија“ до која ќе може/смее да се бара одговорност, И како шлаг на торта, доаѓа Кодексот за функционерите во кој - замислете - ни кажуваат дека она што е уставен и законски императив сега станало морална норма во некаков владин кодекс (додека во исто време во скандалот се имплицирани и политичари блиски до власта).

Заклучокот е можеби разочарувачки за читателите: ама има една изрека, врана на врана не ѝ вади очи! Другата метафора ми е уште понепријатна „свински црева“, секој со секого поврзан, вклучително и адвокатската и правосудната фела. 

Ф: Со притворањето на Катица Јанева која е во оставка се доведува ли во прашање начинот на кој ќе функционира СЈО. За назначување на нов челник на овој правосуден орган потребно е двотретинско мнозинство. Дали ново политичко решение ќе остави простор за сомнежи дека СЈО без оглед во каква форма ќе продолжи да функционира ќе биде трајно „обележано“?

БВ: Само на наивните не им е јасно дека СЈО е покојно. Сега ќе се прават политички и правни акробации да се истолкува како тоа Јанева е „спречена да ја врши функцијата“, кога нејзината „спреченост“ е резултат на судско решение. Какво и решение да најдат за премостување на периодот до 15 септември, кога и формално ѝ истекува мандатот на Јанева (која, очигледно, никогаш не дала оставка, затоа што одложена оставка во правото не постои), тоа нема да биде соломонско. Веројатно ќе се забрзаат преговорите околу новиот закон, но и тука главниот збор ќе го водат политичките партии, а не познавачите на кривично-правната материја и пратениците. Нештата се сосема накриво посадени, и сега е тешко да се исправат. СЈО останува тажна епизода на едно време, и синоним за тотален морален и правен пораз.

Ф: Какви последици очекувате овој случај да предизвика на политичката сцена, во темпото за носење на неопходните реформи и во евроинтеграциите кои во последно време речиси воопшто никој и да не ги споменува. Како сега ќе се постават власта и опозицијата?

БВ: Односите на политичката сцена се во пат-позиција, со мала предност на опозицијата. Но, тоа треба да е сосема небитно од аспект на правната држава. За жал, партиите ќе ги инвестираат своите сегашни (и антиципирани) интереси во идниот лик на она што ќе биде наследник на СЈО. Веќе реков, власта има само една излезна варијанта и таа ја користи во настапите: ете, ова е пример дека правната држава функционира, дека гониме корупција на највисоко ниво и стасавме дури до Специјалната обвинителка. Нејзината улога е на „жртвен јарец“, иако тоа не значи дека е невина (впрочем, принципот на претпоставка на невиност важи и за неа, но морално нема да се опорави од овој скандал). Опозицијата декларативно ќе бара повеќе, иако знае дека до таму нема да се стаса. Фактот дека еден „Шпигел“ се огласи (после долгиот молк на западните меинстрим медиуми) зборува дека во Европа се свесни за калта во која се дави Македонија.

Веќе подготвуваат рефрени од типот „бевме во право кога во јуни ја одложивме одлуката за доделување датум, па сега ве охрабруваме да си ја зачистите кочината, па ќе разговараме повторно во идна прилика“. Се покажа дека пазарот дома и пазарот надвор не е ист: го менувате името (на недемократски и противправен начин пред кој сите мижат), ама тоа не е доволно за да станете Европејци. „Рекет“ е можеби (велам, само можеби) болно будење за мнозина кои мислеа дека апсолутната моќ (придружена со популарност) не е поврзана со апсолутно корумпирање, кои очекуваа месии и хероини, наместо ригорозен правен систем. Можеби конечно ќе сфатиме дека реформите почнуваат од сопствениот двор, а не од Пржино, Берлин или Брисел.   


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

„ДУИ мисли на договор со кој цела територија на Македонија ќе се покрие со казина“: Хајредини со остра критика

„ДУИ мисли на договор со кој цела територија на Македонија ќе се покрие со казина“: Хајредини со остра критика

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

„ДАЛИ Е ВИСТИНА ДЕКА СЕ ШТЕДИ НА ИНФУЗИЈА ЗА ДЕЦА И СЕ БАРА МИТО“ - лидерот на Левица со прашање за велешката болница

„ДАЛИ Е ВИСТИНА ДЕКА СЕ ШТЕДИ НА ИНФУЗИЈА ЗА ДЕЦА И СЕ БАРА МИТО“ - лидерот на Левица со прашање за велешката болница

ОВА СЕ ЦЕЛОСНИТЕ ПРАТЕНИЧКИ ЛИСТИ НА ВМРО-ДПМНЕ - еве кој ќе се натпреварува за собраниско столче во следниот парламентарен состав

ОВА СЕ ЦЕЛОСНИТЕ ПРАТЕНИЧКИ ЛИСТИ НА ВМРО-ДПМНЕ - еве кој ќе се натпреварува за собраниско столче во следниот парламентарен состав

ПРАШИНА И ПЕСОК ОД САХАРА - топлотен бран над Балканот и пошироко, температурите и УВ индексот повисоки од просекот

ПРАШИНА И ПЕСОК ОД САХАРА - топлотен бран над Балканот и пошироко, температурите и УВ индексот повисоки од просекот

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Уапсено е уште едно лице за убиството на лекарот во Железара

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Уапсено е уште едно лице за убиството на лекарот во Железара