„ВДИШУВАЊЕТО НА ВРЕЛ ВОЗДУХ И ТОКСИЧНИ ГАСОВИ ЈА ПРАВАТ КЛИНИЧКАТА СЛИКА ПОСЕРИОЗНА“: Лекарите очекуваат компликации кај некои од пациентите

Објавено во: Македонија 19 Март, 2025 07:41
Освен со тешките изгореници од втор и трет степен, пациентите повредени во трагедијата во Кочани се соочуваат и со сериозни последици од вдишување на токсични гасови. Вкупниот број на хоспитализирани надмина 160, а половина од нив се префрлени во болниците во соседството, но од денеска и во подалечните европски земји, Италија, Холандија, Белгија, Литванија.
Лекарите предупредуваат дека клиничката кај некои од пациентите станува покритична заради отровните гасови кои пациентите ги вдишале во моментот на пожарот. Високите температури и согорените материјали ослободиле штетни материи што дополнително ја влошуваат нивната состојба.
„Другиот дел на повредите кој ја прави сериозноста на клиничката слика поголема е вдишувањето на врел воздух и отровните гасови од согорување на материјалите“, изјави директорот на ГОБ „8-ми Септември“, д-р Синиша Стојаноски.
Истовремено, на Клиниката за Токсикологија, каде по несреќата, се хоспитализирани 18 пациенти. четворица заради влошување на општата состојба се префрлени на Клиниката за интензивно лекување на КАРИЛ. Од нив се очекува три лица да бидат префрлени во странство – во Словенија и Полска.“
Директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев нагласи дека во натредните денови очекуваат компликации кај некои од хоспитализираните.
„Четворица од пациентите на Токсикологија се во нестабилизирана состојба. Не сме задоволни, бидејќи се работи, покрај изгореници на горните дишни патишта, и за акутно тешко труење со штетни гасови, посебно со јаглерод моноксид. Очекуваме да има компликации во наредните денови, но ние сме сите мобилни, екипите на клиниката се појачани и мислам дека сè ќе биде во ред. Се надеваме и со Божја помош дека сè ќе биде во ред“, изјави проф. д-р Чибишев.
Поради сериозноста на труењето со јаглерод моноксид, особено во случаи на пожари каде што се ослободуваат големи количини на овој гас, неопходно е брзо препознавање на симптомите и соодветно медицинско третирање за да се минимизираат потенцијалните компликации и смртни исходи.
Бројните студии покажуваат дека токсичноста на јаглерод моноксид произлегува од високата афинитетност кон хемоглобинот, при што формира карбоксихемоглобин (COHb), што го спречува транспортот на кислород во телото. Ова резултира со хипоксија и може да доведе до сериозни оштетувања на ткивата и органите.
Во тешки случаи, се применува хипербарична оксигенација (HBOT), каде пациентот се изложува на 100% кислород под зголемен притисок, со цел побрзо отстранување на CO и намалување на ризикот од долготрајни компликации.
Истовремено, азбестот е екстремно штетен за здравјето, особено кога се вдишува во форма на ситни честички и влакна, што се случува при пожари или рушење на објекти што содржат азбестни материјали. Долготрајната изложеност на азбест е директно поврзана со сериозни заболувања, но и краткотрајното вдишување, особено во комбинација со чад и токсични гасови, може да предизвика акутни здравствени проблеми.
Азбестот е смртоносен материјал чија употреба е забранета во многу земји, но за жал, сè уште постои во многу стари градби. Неговиот ефект врз здравјето може да биде моментален (преку акутни воспаленија и труења) или долгорочен (преку развој на рак и белодробни заболувања). Кај пациентите од пожарот, кои веќе се во критична состојба, изложеноста на азбест дополнително го зголемува ризикот од компликации, што бара внимателен медицински третман и следење на нивната состојба во иднина.
Анита Буховски
фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
Можеби ќе ве интересира
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се навршија осум години од упадот во Собранието

ЈОТОВА СЕ ЛУТИ НА ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ: Проблемот се преговорите со Македонија

СОБИР ВО МЕЛНИК: Македонците во Бугарија го чествуваа Јане Сандански

ТАРАВАРИ БЕШЕ ВО ИСТАНБУЛ: Посети двајца повредени од пожарот во Кочани

ИВИЦА КОНЕВСКИ: Упатувам апел до локалната самоуправа да помогне во доизградба на црква во Аеродром

УКРАЛЕ ВОЗИЛО ВО ВЕЛЕС И ОТИШЛЕ ДА КРАДАТ ВО СТРУМИЦА: Eдниот од крадците избегал од затвор

ВОЗЕЛ БРЗО И НЕ НОСЕЛ КАЦИГА: Во Чаир загина 16-годишен возач на мотоцикл

АУКЦИЈА ЗА ПОМОШ НА ПОВРЕДЕНИТЕ ВО КОЧАНИ: Собрани се скоро 30.000 евра

СЕ НАВРШИЈА ОСУМ ГОДИНИ ОД „КРВАВИОТ ЧЕТВРТОК“: Македонија се сеќава на упадот во Собранието
