Корумпираните соработници можат да го урнат Зеленски
Објавено во: Колумни 17 Ноември, 2025 08:26
На кој јазик зборуваат мачките во Украина? Во Лвов, западниот дел на земјата, еден публицист зеде перо и напиша белешка во која се жали на една реклама на трамваите. Слоганот на рекламата е: „Првиот збор на мојата мачка – мјау“. Авторот на белешката смета дека „украинските мачки за разлика од кацапските (погрдно за Русите - з.м.) никогаш не велат „мјау“, туку „њав“, односно не мјаукаат, туку њавкаат“. Според него, авторите на рекламата не се дораснати и не со доволно интелигентни да се справат со „така висока материја“. Затоа што за да се откажеш од „разбирливото кацапско „мјау“ во полза на непознатото, чудно, егзотично украинско „њав“, е тежок интелектуален труд“, пишува авторот.
Пратеникот во украинскиот парламент од владејачката партија на Владимир Зеленски, Максим Бужански, имаше свој коментар за ова. „Секако, ова е чисто внатрешно прашање на Лвов, но гледам дека работите постепено се движат кон појава на комесари за мачкин јазик. Можеби треба да им го одземеме правото на глас на мачките што мјаукаат, во корист на оние што не мјаукаат, да развиеме научна формула за благонадежност на сопственикот врз основа на однесувањето на мачката. Да добиеме грант за ова, да создадеме кодекс на интегритет - во основа, како и секогаш“, напиша Бужански. Инаку во Украина од страна на видни политичари не се ретки искажувањата околу користењето на рускот јазик. Па има повици рускојазичните Украинци кривично да се гонат, да не им се дава образование и работа. Нешто слично со Грција за време на диктатурата на Метаксас и подоцна, во поглед на Македонците.
И додека во западниот дел на Украина се занимаваат со мачкиниот јазик, во Киев е разгорен скандал со корупцијата во опкружувањето на претседателот Зеленски. Засега неколкумина, меѓу нив и министри се во притвор. Свежи се сеќавањата од летоска, кога Зеленски се обиде со закон да ограничи овластувања на Националното антикорупциско биро на Украина(НАБУ) и Самостојното антикорупциско обвинителство(САО). И да ги стави под влијание на Службата за безбедност на Украина и Државното обвинителство, кои се под негова контрола. Тоа беше направено на фонот дека тие две антикорупциски тела водат истрага против блиското опкружување на Зеленски. Но, Украинците се кренаа на нозе и почнаа да организираат протести. На улиците ширум земјата излегоа илјадници луѓе. Европската Унија даде црвен аларм. Стигнаа пораки и од САД. Да не се чепкаат антикорупционерите. Зеленски се уплаши од нов Мајдан, но и од сојузниците. И за неколку дена сите законски измени беа повлечени. Тоа беше првото повлекување на Зеленски во неговиот претседателски мандат.
ЗЛАТНА РАБОТА
Но НАБУ и САО ја продолжија работата и покрај притисоците. Во рамките на делото „Мидас“. Според најпознатиот крал Мида запаметен во митологија по неговата способност сè што ќе допре да претвори во чисто злато. Да видиме далии антикорупционерите ќе направат златна работа. Во рамките на тоа дело беа публикувани аудио записи со некој Карлсон, организатор на корупциски шеми, околу компанијата „Енергоатом“. Подоцна се објави дека Карлсон е блискиот соработник на Зеленски – Тимур Миндич. Тој при основањето е коспоственик заедно со Зеленски и други на продукцијата „Квартал95“. „Квартал 95“ е компанија која произведува аудиовизуелна содржина и организира концерти. Основана е во 2003 година. Таа ја продуцираше и серијата „Слуга на народот“ во која Зеленски глумеше претседател на држава, кој се бори и со корупцијата. Зеленски, еден од основачите на студиото, го напушти бизнисот откако ја презеде претседателската функција и го префрли својот удел на деловни партнери.
Патем, кај Миндич беше извршен претрес, но тој ја напушти Украина неколку часа пред претресот. Заминаа и други осомничени, а и првиот човек на Националната агенција за безбедност и поранешен министер за одбрана, Рустам Умеров, за кого медиуми пишуваат дека е дел од корумпираната шема. Тој тврди дека заминал во Турција на барање на Зеленски за да договара размена на по 1.200 заробеници со Русија. Ден -два пред тоа украинскиот заменик министер за надворешни работи работи, Сергеј Кислица, изјави дека нема никакви преговори со Русија.
НАБУ и САО се основани во 2015 година со поддршка од Западот за борба со корупцијата. Вo него, во Бирото, има постојан претставник на FBI. Кој ја следи работата и сигурно е запознат со големите истраги. Бирото е независно во својата работа. Има свои истражители-детективи. Обвинителството, пак, во зависност од резултатите од истрагите поднесува пријави во судот. Летоска украински медиуми пишуваа дека НАБУ води истрага за компанијата Fire Point. Се поставуваат прашања за тоа како Fire Point, агенција за кастинг, која пред избувнувањето на конфликтот во 2022 година вршеше избор на актери за филмовите на Зеленски, обезбеди огромни владини договори за производство на дронови за украинската војска. Fire Point, која не е обвинета за никакво прекршување, исто така ја произведува неодамна развиената крстосувачка ракета со долг дострел „Фламинго“. Таа е поврзано со Миндич и добива нарачки во милијарди гривни од државата, но и од странски партнери. На почетокот на месецов „Украинска правда“ пишуваше дека Миндич може да биде фигурант во истрага на FBI за перење пари.
ГЕНЕРАЛИСИМУС НАПОЛЕОН IV
Во сето ова треба да се каже дека главните извори на информации, покрај јавно објавените снимени разговори, велат ги има 1.000 часа, од страна на НАБУ, се медиуми кои и не се блиски до власта, туку се сметаат себе си за независни. Се шпекулира дека има разговори во кои е снимен и гласот на Зеленски, но тие ќе бидат објавени подоцна. Се зборува и за други истраги, кои засегаат и во делот на одбраната. Инаку, сопственици на тие медиуми се украински олигарси и политичари, кои се во Украина или надвор од неа. Тоа зборува дела се подготвува нова битка во Украина. Веројатно се смета дека доаѓа крај на ерата на Зеленски и се заземаат позиции за евентуални избори.
Игор Коломојски, украински олигарх, веќе две години е во притвор за измами и перење пари. Него го сметаа за спонзор на Зеленски на претседателските избори во 2019 година. Но и покрај тоа украинскиот претседател не трепна да го спаси од истрагата и притворот. Во петокот во судот каде што обвинителот го претставуваше обвинението, Коломојски изјави дека „Наполен на Зеленски наскоро ќе го снема“. Тој го нарече украинскиот претседател „генералисимус Наполеон IV“, алудирајќи на улогата на францускиот император од страна на Зеленски во филмот „Ржевски против Наполеон“. За Коломојски, коруптивната шема за „Енергоатом“ не ја разработил Тимур Миндич, туку луѓе на повисоко ниво. Според него, Миндич нема интелектуални способности да разработи тава шема. И дека е „човек за отстрел“.
Од Европа за скандалот реакциите се двозначни. По неколкудневно молчење европски лидери се јавија со зборови дека Украина мора да се бори со корупцијата и дека скандалот може да влијае врз помошта на Украина и членството во ЕУ. Но и дека е добро што Зеленски дал поддршка на НАБУ и САО. Европски дипломати на своите украински колеги им велеле „кај ви требаше сега ова“. Во време кога не се знае како ќе биде продолжена финансиската помош на Украина. Некои од нив во скандалот гледаат руска вмешаност! Индикативно во сето ова е што засега има молк од другата страна на океанот. Доналд Трамп, американскиот претседател, нема изустено ни збор. Во честите негови интервјуа такво прашање изостанува, а тој не се јавува ни со некоја изјава во неговата социјална мрежа, каде што пишува за се’ и сешто.
КОРУПЦИЈАТА – ДЕЛ ОД МОДЕРНАТА ЕКОНОМИЈА
Но затоа луѓето од опкружувањето на Зеленски му даваат целосна поддршка на претседателот. Андреј Јермак, раководител на Кабинетот на претседателот и човек број два во власта, вчера во едно интервју изјави за Зеленски дека: „Тој е многу принципиелен човек. Пред се’ тој самиот не е корумпиран. И ова е клучно: лидер кој објавува војна против корупцијата мора лично да биде бескомпромисен. Мислам дека неговата позиција беше апсолутно јасна од самиот почеток. Сè што се случува денес е - целосно слободна истрага. Ова докажува дека сите овие институции се независни и функционираат“.Советникот на Јермак, Михаил Подољак, се обидува да ја релативизира целата ситуација. И тој коментираше за скандалот со Тимур Миндич. Според Подољак, „вакви случаи се јавуваат“ во демократските системи, а „корупцијата, за жал, е составен дел од модерната економија“.
Како ќе се развиваат работите во Украина во наредниот период? Објавувањето на снимките Јермак го смета за компромитирање на поединци пред да се изјаснат судовите. Тој повикува на пресумпција на невиност. Но заборава на јавниот интерес. На изјавите дека „додека некои гинат на фронтот овие од власта и нивните блиски се збогатуваат“. Во зависност од тоа како ќе се развиваат работите, доколку се чуе и гласот на Зеленски на снимките, може да се случи да паднат и владата и претседателот. Веќе има повици од опозицијата за такво нешто. Некои бараат и формирање на влада на национално единство. Но Зеленски тоа нема да го дозволи.
Исто така тешко дека може повторно да дојде до дуел меѓу антикорупционерите и специјалните служби под контрола на Зеленски. Тој веќе еднаш изгуби таква битка. Во август годинава, Јулија Тимошенко, поранешниот премиер на Украина се жалеше дека Украина се претвора во „колонија лишена од своите права, која го губи својот суверенитет“, мислејќи на НАБУ и САО, направени со помош на странци. Така што се’ не е така еднозначно. Денес во Радата треба да бидат прифатени оставките на министрите поврзани со скандалот. Но веќе има најави дека ќе се бара поголема чистка во владата. Сепак не треба да се исклучат заткулисните борби на власта и антикорупционерите, кои би можеле да доведат до тоа тие да бидат ставени во подредена состојба. Нив да не ги обвинат дека се корумпирани и дека работат за туѓи интереси. Нешто слично како што беше со нашето СЈО.
ЛОШ РЕЈТИНГ ВО ЛОШО ВРЕМЕ
Работите околу скандалот можат да одат во една или во друга насока. Во полза на Зеленски или антикорупционерите и опозицијата. Но едно е јасно, многу големо влијание врз целата ситуација може да има состојбата на фронтот. Не помалку и парите од Европа, кои и се многу неопходни на Украина. Работите на фронтот се во полза на Русија. Веќе има осуди од страна на украински воени експерти на военото раководство на Украина, за „бездарно“ раководење и губење територии со голем број жртви. Европа не знае како да обезбеди пари за Украина, која ако не ги добие во февруари не ќе може да има пари ни за плати, ни за социјала, ни здравство, ни за војската. Запленувањето на руските активи, околу 140 милијарди евра, не оди глатко. Белгија се противи. Не помалку Унгарија и Словачка. Европската комисија бара „волшебно стапче“ за да ги претвори тие пари во помош за Украина. Но тоа оди мошне тешко. Скандалот со корупција само ја засилува позицијата на противниците на давање пари на Украина. Билатерално може да се дадат пари, но тие се малку. Самитот на ЕУ треба да се одржи на 18 декември. Таму ќе треба се’ да се реши.
Владимир Зеленски стана претседател во 2019 година на крилјата на изјавите дека ќе ја сопре војната. Најголема поддршка доби на истокот на земјата. Исто така тој ветуваше дека ќе се бори со корупцијата до нејзино искоренување. Но во текот на неговото претседателствување, наместо крај на војната тој заглави во неа со поголеми последици. Сега на испит е борбата со корупцијата. Ставањето на Коломојски во притвор беше знак дека има желба да се направи нешто на тој план. За жал корупцијата во врвовите на власта и околу неа не го потврдија првиот чекор. А со тоа тврдењата дека тој ќе биде бескомпромисен кон корупцијата. Вчера, еден украински влијателен пратеник, повикувајќи се на три затворени социјални истражувања, изјави дека после скандалот со корупцијата и „снимките со Миндич“, значи за една недела, рејтингот на Зеленски паднал за 40 проценти и сега изнесува помалку од 20 проценти. Лош рејтинг во многу лошо време.
Мирче Адамчевски
Можеби ќе ве интересира
Што ќе и испорачаат Европа, Украина и САД на Русија?
Пари, моќ и одговорност - Mакедонската приказна за фискална децентрализација




