Добивај вести на Viber
Долгонајавуваниот ветерен парк во Богданци, пионер на државата во производството на струја од ветер, ќе значи само нови 2% од сегашното годишно производство на струја. Инвестицијата се проценува на 55,5 милиони евра.
Конзорциумот од Siemens Wind од Данска и Siemens AS од Грција наскоро треба да му ги испорачаат на ЕЛЕМ 16-те турбини на ветер за Паркот на ветерни електрани во Богданци. На локацијата Ранавец, кај Богданци привршува изградбата на командната зграда, трафостаницата на која ќе биде поврзан ветерниот парк. Во моментот се работи и на ископ на темелите каде што треба да се постават овие електрани. Во текот на летото ветерниците треба да пристигнат во земјава, по што ќе почне нивната монтажа, откриваат од ЕЛЕМ за Фактор.
“Во моментов, веќе се работи на изведбата на потребната инфаструктура и придружни објекти за ветропаркот преку договор со конзорциумот „Терна Сименс“ за изведба на патна инфраструктура, приклучен далековод , командна зграда и 20/110 киловолтна трафостаница. Согласно динамиката на работа, овој капацитет ќе биде вклучен во електро-енергетскиот систем на Република Македонија до крајот на годинава. Турбините се меѓу најдобрите во својата класа. Инсталираната моќност на секоја од нив е 2,3 мегавати, висината на столбот изнесува 84 метри, а дијаметарот на елисата изнесува 93 метри. Монтажата на овие ветерници ќе обезбеди вкупна инсталирана моќност од 36,8 мегавати, со што се заокружува првата фаза во изградбата на овој визионерски енергетски објект“, објаснуваат за Фактор од ЕЛЕМ.
Со влог од 55,5 милиони евра – ќе добиеме само нови 2% од сегашното годишно производство на струја?!
ОД ЕЛЕМ велат дека дел од парите за реализација на Првиот ветерен парк „Богданци“ се обезбедени преку кредит од германската КфВ банка, потпишан во април, минатата година. За проектот чијашто проценета вредност е 55,5 милиони евра, заемот КФВ Банка е во износ од речиси 48 милиони евра, додека 7,6 милиони евра ќе обезбедиат Државните Електрани, од сопствени средства. Од компанијата оптимистички најавуваат дека ветерниот парк во Богранци ќе продуцира струја доволна да се снабдат околу 15.000 домаќинства или вкупно 60.000 граѓани.
Данско-грчкиот конзорциум е должен да ја испорача, транспортира и монтира опремата, да ја пушти во употреба и да се грижи за одржувањето на ветерниот парк.
„За својот прв ваков проект, АД ЕЛЕМ си постави за цел минимално годишно производство од 100 гигават/часови од ветерна енергија или приближно 2% од моменталното годишно производство. Пресметувањето врз основа на широко употребуваните турбини со инсталиран капацитет помеѓу 2 и 2,5 мегавати, големината на паркот на ветерни електрани од 50 мегавати е одредена за исполнување на оваа цел. Деталната евалуација на локацијата покажа дека оваа големина на паркот на ветерни електрани ја оптимизира употребата на достапниот простор и ветерните ресурси, а дека токму локацијата „Ранавец“ е најповолна за намената во однос на сите останати локации на кои поставивме мерни станици за движењето на ветерот“, објаснуваат од компанијата.
Ветерот е обновлив извор на енергија кој секогаш, има приоритет пред сите останати обновливи извори на енергија , кога е во прашање електроенергетскиот систем. Во случај на ветер, доволно силен за производство на струја, ветерниците имаат приоритет пред хидроцентралите. Енергијата од ветер допрва влегува во електро-енергетскиот систем на Македонија, но е добар доколку се јави потреба за балансирање на енергијата.
Државата сака монопол над ветерниците?!
Според законските и подзаконските акти, максимално дозволениот инсталиран капацитет за производство на струја од ветар, која ќе се откупува по субвенционирана тарифа, на цела територија на Македонија е 150 мегавати. Оттука, ако се реализира инвестицијата на Електрани на Македонија, за приватен инвеститор ќе остане многу мал простор за инвестирање и откуп на струјата по субвенционирана цена.
Глобалната стратегија за развој на енергетиката значи вклучување на алтернативни извори на енергија, кои што се еколошки и економски оправдани. Меѓународните протоколи и обврски за намалување на емисијата на јаглерод диоксид, според Кјото протоколот, и наложуваат и на Македонија да го зголеми еколошкото производство на енергија. До 2020 година, 12% од произведената енергија треба да потекнува од ветер.
Државните Електрани во случај на производство на струја од ветер во ноќните часови, ќе ги штедат хидроцентралите, а со тоа ќе чуваат дел од водата за производство на електрична енергија.
Првичните најави на ЕЛЕМ беа дека ветерниот парк ќе почне да се гради есента минатата година.
Дали државата има точни информации за движењето на ветровите?
Изградба на ветерен парк од 100 мегават-часови струја пред две години најавија и од Инвал Македонија, фирма-ќерка на шпанската компанија Инвал, која заедно со јужнокорејските Самсунг хеви индустри и Косеб, требаше да изградат 66 ветерници во Штипско, проект проценет на 180 милиони евра. Но, нивните најави се уште не доживејаа реализација.
Кибернетичарот Трпе Груевски вели дека државата малку прави за да привлече инвеститори во ветерниците. Тој објаснува дека Македонија е една од ретките земји кои немаат квалитетна карта за да го покажат движењето на ветровите.
“Сите мои иницијативи на овој план досега пропаднаа. Потребно е Македонија на 28 метереолошки станици да инсталира автоматски метеоролошки пунктови на височина од 60 до 100 метри, кои деноноќно, во период од една до три години, ќе ги мерат движењето и интензитетот на ветерот. На основа на овие податоци ќе се знае на која локација, височина и со кој капацитет би се граделе ветерници. Оваа карта ќе им помогне на инвеститорите за вложување во ваков вид енергија. Ова се главните причини зошто до денес нема развој на обновливите извори на енергија“, вели Груевски.
К.П.